Организација блиска до Вучиќ објави „листа за отстрел“ со имиња на 40 српски независни новинари
„Центарот за општествена стабилност“, организација која формално се претставува како невладина организација што промовира европски вредности, служи како инструмент за притисок врз критичарите на претседателот Александар Вучиќ. Како аргумент за тоа се наведуваат врските на дел од основачите и соработниците со партијата на Вучиќ и со државните институции, вклучително и фактот дека еден од основачите е актуелниот министер за европски интеграции, Немања Старовиќ.
По опскурниот „документарен“ филм со кој беше таргетиран претседателот на Асоцијацијата на независни електронски медиуми (АНЕМ), Веран Матиќ, прорежимската организација од Нови Сад, „Центар за општествена стабилност“, објави список со повеќе од 40 имиња, меѓу кои најмногу се новинари од независни медиуми. Според оние што се најдоа на оваа, како што ја нарекуваат, „листа за отстрел“, зад целата акција без сомнение стои режимот, пишува „Нова“.
Препорачано
„Спремни ли се пуканките? Билети не ви требаат? Седнете удобно… Почнува 5Д“.
Со ваква порака, на инстаграм-профилот на Центарот за општествена стабилност е најавен продолжетокот на пресметката со независните новинари во Србија.
На списокот има вкупно 45 имиња, претежно новинари, со кои оваа организација најавува дека ќе се „занимава“ во наредните денови.
На тој список се наоѓа и името на довчерашниот директор на РТС, Драган Бујошевиќ.
Сите новинари со кои разговарала редакцијата на „Нова“ се согласни во две работи: првин, дека нема сомнеж оти зад ова стои режимот кој фактички прави „листи за отстрел“, се вели во текстот, и второ, дека „би им било жал доколку нивното име не се најдеше на оваа листа“.
„Партијата на Вучиќ стои зад ова“
Уредникот на неделникот „Радар“, Милан Ќулибрк, за „Нова“ вели:
„Искрено, би ми било жал да не сум тука. Би се загрижил што правам во животот ако ме нема на тој список“.
Ќулибрк е убеден дека зад „Центарот за општествена стабилност“ стои Српската напредна партија (СНС), чијшто лидер е претседателот Александар Вучиќ, и тоа отворено, бидејќи еден од организаторите на таа организација е актуелниот министер за европски интеграции, Немања Старовиќ, а меѓу нив има и повеќе државни секретари.
Уредникот на неделникот „Радар“, Милан Ќулибрк, оценува дека ова е кукавички пристап бидејќи организаторите, наместо да се претстават како владејачка партија или како продолжена рака на институциите, настапуваат под маска на невладина организација. Според него, јавна тајна е дека власта со години прави списоци на „непожелни“, кои потоа се претвораат во мета на кампањи, при што секој што има поинаков став се етикетира како непријател или предавник.
Вучиќ нарече новинари „имбецили“, се извинуваше, па пак ги нападна: „Ја оцрнуваат професијата“
„Не сакам да живеам во страв, туку да работам професионално“
Во таа атмосфера, Ќулибрк вели дека ризик постои, но дека не сака да живее во постојана пресметка со страв, туку да си ја работи работата професионално – да ја информира јавноста објективно и навреме. Поентата што ја извлекува е дека ваквите операции не се спорадични, туку се дел од подолга практика на политичко дисциплинирање преку јавни етикетирања.
Новинарот Вук Цвијиќ оди чекор понатаму и тврди дека тука се гледа „потписот на државата“, потсетувајќи дека вакви списоци и „означувања“ на новинари постоеја и во деведесеттите. Тој предупредува дека тоа е модел за кој се мислеше дека нема да се врати во 21 век и се повикува на искуството од тој период, кога ваквите кампањи завршувале со тешки последици, меѓу кои и убиството на Славко Ќурувија.
Радмило Марковиќ од БИРН ја опишува организацијата како парадржавно тело што системски прогонува и малтретира луѓе, а таргетирањето го поврзува и со истражувачки текстови што им пречат. Тој посочува дека неодамна објавиле сторија во која откриле поврзаности и финансиски интереси околу луѓе блиски до Центарот, што, според него, може да биде дел од мотивот за ваквата јавна хајка.
„Загрозена е безбедноста на 40 луѓе“
Претседателката на Независното друштво на новинари на Војводина, Ана Лалиќ Хегедиш, предупредува дека ваквите „серијали“ не се невина медиумска содржина, туку директно загрозување на безбедноста на повеќе од 40 луѓе. Таа стравува дека ваквите материјали можат да поттикнат фанатик да посегне по насилство и прашува кој ќе ја преземе одговорноста ако тоа се случи, особено ако организацијата се финансира со јавни пари.
Кој стои зад „Центарот за општествена стабилност“?
Паралелно со реакциите на таргетираните, во јавноста се отвора и прашањето што е „Центарот за општествена стабилност“ и кој стои зад него. Организацијата е основана во 2004 година во Нови Сад, директор е Огњен Карановиќ, а се наведува дека има околу 50 соработници. Иако се претставува како НВО што промовира демократски и европски вредности, критичарите тврдат дека од почеток е алатка за нетранспарентно таргетирање критичари на власта и на Александар Вучиќ, анализира „Нова“.
Во тој контекст се посочува и политичко-институционална поврзаност: еден од основачите е Немања Старовиќ, актуелен министер за европски интеграции. Дополнително, се наведува дека голем број соработници имаат врски со СНС и се вработени во државни установи (покраински органи, јавни институции, фондови), а дел посетувале програми како Политичката академија при Фондацијата „Светозар Милетиќ“, каде влезот е по покана.
Најконтроверзниот дел е двојната игра што се потенцира е дека дел од соработниците, според наведени биографии, соработуваат со европски фондации и учествуваат во ЕУ-проекти (семинари, програми, партнерства), додека, пак, дома се поврзуваат со кампањи што се спротивни на европските стандарди за слобода на медиуми и демократски дијалог.
Го ослободија и по неколку мига пак го уапсија: „Миша Бачулов останува мета за прогон“


