„Слободен печат“ во Букурешт: Нема причини за разочараност

Фото: EPA-EFE/Vadim Ghirda

Аплаузот како отпоздравување беше оценка за прикажаната игра, кураж дека не е сè загубено и поттик да се даде максимумот на преостанатите два натпревара во групата Ц на Европското првенство.

Од нашиот специјален известувач:
Милорад Стојмановски

Нема причина за разочараност по поразот на Македонија во дебитантскиот настап на Евро 2020 против Австрија со 1-3, во Букурешт. Овој впечаток можеше да се стекне на Националната арена во главниот град на Романија додека македонските навивачи им ракоплескаа на своите миленици на теренот по последниот свиреж на судијата. Аплаузот како отпоздравување беше оценка за прикажаната игра, кураж дека не е сè загубено и дека треба да се продолжи да се верува во пласман во осминафиналето, поттик да се даде максимумот на преостанатите два натпревара во групата Ц на Европското првенство.

EPA-EFE/Vadim Ghirda

Нешто подоцна, дел од репрезентативците изјавија дека ја сфатиле пораката и дека ќе се обидат против силните противници, Украина и Холандија, да ја оправдаат нивната доверба. В четврток, во 15 часот, се среќаваме со Украина, повторно во Букурешт, а на 21 јуни (18 ч.), на „Амстердам арената“ им гостуваме на Холанѓаните.

Натпреварот против Австрија е еден од оние што се паметат цел живот. Во колективанат меморија на оваа генерација ќе остане интонирањето на македонската химна, која одекнуваше и од грлата на околу 4.000 македонски навивачи (двојно побројни и побучни од австриските), ќе се вреже во сеќавањата и историскиот прв гол за Македонија, кој го постигна, капитенот Горан Пандев, негов 38-ми за македонската репрезентација, во 120. настап во националниот дрес, ќе се памети поддршката од трибините поради што македонските репрезентативци можеа да се чувствуваат како да играат на домашен терен.

EPA-EFE/Robert Ghement

А можеше да биде и поинаку, ако Бобан Никиолов ја искористеше убавата можност Македонија да дојде во водство во 63 минута, откако првото полувреме заврши 1-1.  Практично, во првите две третини од средбата бевме рамноправни, но тогаш селекторот на Австрија, Франко Фода, ги уфрли своите напаѓачки адути во игра – Михаел Грегорич и искусниот Марко Арнаутовиќ. Одлука што се покажа како вистински тактички потег, зашто токму тие двајцата постигнаа по еден гол за да ја заверат победата, прва воопшто на Австријците на едно ЕП. Досега, во седум средби, тие имаа само еден нерешен натпревар. Селекторот Игор Ангеловски се обиде да одговори на промените во составот на противникот, внесувајќи ги во игра Егзон Бејтулаи наместо напаѓачот Александар Трајковски, односно Тихомир Костадинов како замена за Николов, зашто одбраната требаше да добие во цврстина, а Елиф Елмас, кој дотогаш играше поназад на теренот, му се придружи на Пандев во нападот во формацијата 3-5-2 што беше поставена од почетокот на натпреварот.

EPA-EFE/Robert Ghement

Радува фактот што Енис Барди, кој мораше за време на подготовките пред првенството да остане во изолација 10 дена поради позитивен корона-тест, сепак одигра 80 минути од натпреварот, иако неговите додавања беа со 60-процентна точност. Со слична ефиканост беа и проигрувањата на Алиоски и Трајковски. Блескаше на голот Столе Димитриевски кој одбрани неколку тешки удари на противникот, што е важно и пред наредните предизвици на „Евро 2020“.

Остануваат три дена за т.н. рекуперација, односно закрепнување до средбата со Украина. Дали почетниот пораз и псхички се одразил врз македонските репрезентативци, кај кои можеше на моменти да се забележи импресионираност од целата атмосфера, ќе видиме во вториот наш меч на Националната арена, кога повторно се очекува поддршка од бројни македонски навивачи, зашто најголемиот дел од нив остана во Романија да го проследи и претстојниот дуел.

EPA-EFE/Vadim Ghirda

Тимот на украинскиот селектор Андриј Шевченко е мошне квалитетен, тоа го покажа и во поразот против Холандија во Амстердам од 2-3, кога успеа да израмни по негативата од 0-2, со прекрасните голови на Јармоленко и Јаремчук, но единствено против Украинците имаме победа во меѓусебните дуели, покрај двата пораза и едно реми), за разлика од Австрија и Холандија. И тие ќе мораат да одат на победа и да играат понапаѓачки што носи извесен ризик. Тој ризик ќе мора да го преземе и селекторот Игор Ангеловски, иако нема многу квалитетни алтернативи на клупата за резервни фудбалери. Единствено победа и три освоени бода драстично ќе го променат расположението на подобро, и што е уште поважно – шансите за пласман во посакуваното осмина-финале. Со евентуално реми в четврток, ќе треба да се оди на победа во Холандија, што ќе биде мошне тешко. Мора да се има предвид дека само најдобрите четири репрезентации според освоените бодови од шесте групи на ЕП одат натаму, така што и без пораз, но со два нерешени исхода до крајот не ни е гарантиран пласманот во нокаут-фазата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот