лого на македонскиот медиумски сервис, портал / весник Слободен печат.
Слободен печат.

„Слободен печат“ повторно мета на малициозни ботски напади на Инстаграм

На 5 април 2026 година, официјалните инстаграм-профили на медиумот „Слободен печат“ повторно станаа мета на малициозни координирани онлајн ботски напади.

Во рок од неколку минути на 5 април под неколку објави споделени од профилите @sloboden_pecat и @sp_____magazin беа испратени илјадници лајкови од сомнителни профили, најмногу од странство. Платформата „Мета“, под чиј чадор е „Инстаграм“, не нуди заштита од координирани малициозни напади за јавните бизнис-креатор профили, а со тоа заштитата практично и не постои – освен ако корисникот не го „заклучи“ својот профил.

Нападот продолжи и на 7 април 2026, точно напладне, кога повторно беа нападнати официјалните инстаграм-профили на „Слободен печат“. Нападот се уште трае.

Како изгледа ботски напад?

Со оглед дека медиумскиот сервис „Слободен печат“ веќе четврти пат во рок од пет месеци се соочува со малициозни напади, можеме да забележиме и одреден „патерн“. Прво започнува со напад на објави во лајкови и/или коментари, што е на некој начин „тестирање на теренот“ – односно моментот кога профилите што се пуштени да нападнат, пробуваат преку допаѓања и коментари да видат дали профилите што ги напаѓаат се отворени. Штом завршат со таа активност, најчесто доаѓа најтешкиот и финалниот дел од нападот, а тоа е „поплава“ од несакани следачи, зборуваме за поплава во вистинска смисла, ве заследуваат илјадници профили во минута, вистинска дигитална наезда.

При нашите претходни непријатни искуства, не наидовме на поддршка од платформата „Мета“. Оттаму неколкупати посочуваат да се следи правилникот за чистење сомнителни/ботски профили, вклучување опции што лимитираат коментирање од потенцијални ботски профили, и на крајот, најнесоодветната опција – да се промени опсегот на профилот, преку замена од бизнис-профил во приватен профил.

Зошто бизниси и медиуми не смеат да бидат приватни профили?

Кога на еден медиум ќе го заклучите опсегот, односно ќе го смените од медија бизнис-профил во приватен профил, освен што ги губите сите аналитики (кои се есенцијални за да го следите прогресот на содржините), читателите следбеници се оневозможени да ги споделуваат објавите и целиот опсег е лимитиран на луѓето што го следат профилот, објавите не може да се ембедираат на портал и така настанува најголемиот парадокс за еден медиум – да се „скрие“ за да опстане.

Петмесечен терор

Ова не е прв ботски напад кон „Слободен печат“. Нападите започнаа на 6 ноември 2025, потоа на 25 декември, 3 јануари и сега, 5 април 2026. Во оваа непријатна борба поддршка добивме од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари на Македонија (ССНМ), неколку независни медиуми и од нашата лојална публика, која покажа неверојатно разбирање за проблемот со кој се соочуваме.

Во меѓувреме, сериозноста на ситуацијата придонесе и нападите кон „Слободен печат“ да бидат и тема на панел-дискусијата „Од инциденти до системски ризици: надворешните влијанија како тест за медиумската отпорност“, организирана од Институтот за комуникациски студии, која се одржа годинава во „Европска куќа“.

Експертот Бруно Џоговиќ открива како функционираат ботските напади: „Ова е нова форма на притисок, целта е да се замолчат критичките медиуми“

Кој порачува ботски напади врз медиумите на Балканот? Од ПР-агенции и партиски „онлајн штабови“ до скриени играчи зад кампањите

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот