Кој порачува ботски напади врз медиумите на Балканот? Од ПР-агенции и партиски „онлајн штабови“ до скриени играчи зад кампањите
Експертот за сајбер безбедност Бруно Џоговиќ вели дека политичките партии на Балканот формираат цели „онлајн штабови“ – платени тимови што масовно коментираат, реагираат и активираат стотици профили во реално време за да создадат лажен впечаток за јавен став и да манипулираат со чувствата на народот.
Ботските напади врз медиумите на Балканот се платени и добро организирани операции. Во нив учествуваат политички партии и нивни интернет тимови, ПР-агенции маскирани во „дигитален маркетинг“, криминални структури и странски геополитички центри. Целта е секогаш иста – да се контролира наративот, да се симулира „јавен гнев“ и да се намали досегот на критичките медиуми, вели за „Слободен печат“ експертот за сајбер безбедност и професор на норвешкиот универзитет „Осломет“, доц. д-р Бруно Џоговиќ.
Препорачано
Тој потсетува дека Балканот одамна влезе на Глобалната мапа на дигитални манипулации, уште со случајот Велес. Според него, приказната не била само локална анегдота, туку тренинг-камп за цели генерации што денеска знаат како да градат и да злоупотребуваат мрежи од страници и од профили.
– Велес стана глобална тема. Се слушна и тука во Норвешка, преку медиумите. Зошто млади луѓе, најчесто тинејџери и студенти, креираа огромен број политички веб-страници и фејсбук-страници со лажни вести, поврзани со американските избори? Мотивацијата не е идеолошка, туку финансиска. Секој клик е пари, колку поекстремна вест, толку повеќе посети. „Фејсбук“ наградува сензационализам, така функционира алгоритмот и тоа се експлоатира. Значи, тоа создаде некаков локален екосистем на знаење, техника и вештини како се гради мрежа од страници, како се оптимизира содржина за алгоритам, како се работи со масовни групи и коментари. Иако „велешката фабрика“ како феномен се намали, знаењето остана и се пренесе – објаснува експертот Џоговиќ.
Тоа „локално знаење“, вели тој, денес се користи и во политички и во комерцијални кампањи низ целиот регион.
ПР-агенции, партии и платени интернет тимови
Кога конкретно зборува за ботските напади врз медиумите на Балканот, Џоговиќ прави разлика меѓу Западна Европа и нашиот регион.
На Балканот, вели тој, постои цела паралелна индустрија што работи за политички и бизнис-центри на моќ.
– Особено кога зборуваме за ботски напади врз медиуми на Балканот, малку е поинаку од тоа како функционираат работите низ Европа и тука (во Норвешка) – објаснува Џоговиќ, посочувајќи дека има посебни ПР-агенции кои вршат таква работа, а со кои работат и политички структури.
Овие „агенции за онлајн репутациски менаџмент“, вели тој, практично нудат професионализирани ботовски услуги.
– Некои агенции во регионот нудат онлајн менаџмент на репутации. Тоа е во пракса, купени коментари, вештачко зголемување реакции, контранаративи, координирани кампањи за оцрнување – со други зборови. Овие услуги се маскирани како дигитален маркетинг, но фактички функционираат како професионализирана ботовска услуга. Клиент може да биде партија, бизнис магнат, јавна институција или друг локален политичар. Тука нема идеологија, има само договор и фактура – објаснува Џоговиќ за „Слободен печат“.
Професорот додава дека активацијата на „ботски армии“ се случува за време на избори и за други важни политички настани за да се создаде впечаток дека јавноста има одредено мислење, а сето тоа е организирано и финансирано на повисоко ниво. Политичките партии не се пасивни корисници на оваа инфраструктура, вели тој, тие имаат сопствени онлајн тимови, млади активисти и целосно дигитализирани штабови.
– Политички партии и нивните интернет тимови се вклучени во ова. Највидливите играчи, балканските партии, одамна го увидоа потенцијалот за координирано онлајн однесување и си имаат партиски млади активисти, како онлјан штабови. Луѓе се плаќани по број на коментари, цели тимови кои одат по митинзи со лаптопи и со телефони за да напаѓаат противници во реално време. До тоа ниво се оди. Овие тимови функционираат како дигитални продолжени раце на кампањата. Можат нагло да активираат стотици профили за да создадат впечаток дека некоја вест или медиум ја изгубил довербата на народот. Ова е чиста манипулација со сентиментот на населението – објаснува тој.
Профилите на „Слободен печат“ беа цел на координиран ботски напад — читателите масовно нѐ поддржаа
Нападите не се случајни: избори, кризи и контролa на наративот
Јасен е и образецот кога овие напади се активираат, објаснува експертот по сајбер безбедност, не кога е мирно, туку кога на политичките актери им треба контрола врз наративот.
Џоговиќ опишува препознатливи бранови:
– Онлајн нападите врз медиумите се појавуваат, не кога е мирно и тивко, туку кога на политички актери им треба контрола на наративот, пример бранови на напади околу избори, секој изборен циклус во Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, кај нас, секој бран носи препознатлива шема. Нагло зголемување негативни коментари против критички медиуми, масовни пријавувања на профили и објави, координирано ширење партиска пропаганда. Вештачко создавање скандали за да се пренасочи вниманието – објаснува експертот за сајбер безбедност.
Редовни мети се токму медиумите што се ориентирани кон реална содржина и кон разоткривање проблеми.
– Ако медиумот е ориентиран кон реална содржина и обелоденување на вакви проблеми, ќе биде таргетиран. Ако работи коректно, ќе биде мета на напад кога ќе дојде време. Причината е едноставна, не е ништо лично. Во избори, информацијата е моќ. Ако заклучиш медиум, намалиш досег, имаш предност. На црниот пазар може да се купи 24-часовна кампања за смешна цена, со стотици или со илјадници профили вклучени во напад, од лажни коментари до масовни пријави на содржина. Евтин метод со огромен ефект – вели тој.
Криминални групи изнајмуваат фарми на профили
Покрај партиите и ПР-агенциите, свој дел имаат и класичните криминални структури. Тие ја користат истата дигитална инфраструктура за рекет, измами, па и за политичка манипулација.
Доцент д-р Џоговиќ објаснува дека постојат „сиви структури“ кои изнајмуваат цели фарми на профили и софтвер за автоматизација. Овие операции, додава Џоговиќ, веќе се во доменот на транснационални геополитички мрежи – таму каде што во работата се вклучени Европол, Интерпол и националните безбедносни служби.
Удар врз медиуми што го критикуваат Вучиќ: Ботски напад го собори инстаграм-профилот на „Н1“
Џоговиќ нагласува дека на Балканот дејствуваат мрежи што се надвор од локалните партии – идеолошки групи и странски центри на моќ.
Тие шират дезинформации, туркаат пропагандни наративи и таргетираат медиуми кои не се „пријателски“ настроени кон нивниот став. Кампањите се софистицирани, вмрежени и финансиски поддржани преку здруженија и организации, а коренот честопати е тешко да се најде.
Норвешкиот модел: институционален одговор на хибридни закани, улогата на Русија
Според Џоговиќ, најголемата грешка е ботските напади да се третираат како „обичен онлајн проблем“. Тие се хибридни закани, посочува тој, опасност за демократијата, националната безбедност и за слободата на медиумите, па затоа реакцијата мора да биде институционална.
Во Норвешка постои сериозен систем: национални сајбер центри, безбедносни служби, медиумски регулатори, изборни институции и невладини фактчекери. Сајбер центрите реагираат кога има софтверски компоненти, масовна автоматизација или меѓународен сообраќај; вршат форензика и ги поврзуваат нападите.
„Без такви тимови не можеме да се справиме со овие закани“, вели Џоговиќ, давајќи ја за пример комуникациската компанија „Теленор“ во која работи и која соработува со армијата, безбедносните служби и со странски институции на дневна основа.
Од соработката со Интерпол, Џоговиќ наведува пример од Литванија, каде била разбиена руска бот-мрежа: една личност управувала со 200.000–300.000 профили преку стотици мобилни телефони. Иако е познато од која земја потекнува операцијата, многу од поврзаните актери остануваат недостапни – што го покажува нивото на софистицираност.
„Не е едноставно,“ додава тој, „но соработката меѓу новинари, институции и полиција е клучот за вистинска заштита од ваквите закани“.
Инаку, минатата недела се одржа конференција за хибридни и информациски закани во хотелот „Холидеј Ин“ на која се обратија премиерот Христијан Мицкоски, амбасадорот на Обединетото Кралство, Метју Лосон, и други експерти на темата.
– Важно е системите да имаат сигурни извори на информации. Дезинформациите ја нарушуваат секоја демократија. Во партнерство со Македонија, ја гледаме Русија како главен фактор на вакви влијанија врз јавноста – изјави Лосон.
Профилите на „Слободен печат“ беа цел на координиран ботски напад — читателите масовно нѐ поддржаа


