Експертот Бруно Џоговиќ открива како функционираат ботските напади: „Ова е нова форма на притисок, целта е да се замолчат критичките медиуми“
Ботските напади влијаат врз довербата на јавноста, а и врз независноста на медиумите. Многу редакции бележат значителен пад на сообраќајот, кој директно се претвора во финансиска загуба, само зашто некој активирал мрежа од неколку стотици профили. Ова е нова форма на притисок, со ниска цена и со исклучително висока ефективност, вели експертот по сајбер безбедност и професор на норвешкиот универзитет „Осломет“, Бруно Џоговиќ, коментирајќи ги сѐ почестите ботски напади врз критички медиуми на Балканот.
Медиумите на Балканот сè почесто стануваат мета на координирани ботски напади – илјадници лажни профили коментираат во минута, има поплави од навреди и дезинформации, масовни пријави на објави и манипулација којашто може да го уништи досегот на еден профил на социјалните мрежи за неколку часови.
Препорачано
Според експертот за сајбер безбедност и професор на норвешкиот универзитет „Осломет“, Бруно Џоговиќ, ова не е класично хакирање, туку злоупотреба на алгоритмите на самите платформи како „Фејсбук“ и „Инстаграм“ со цел да се замолчат критичките медиуми.
Како се изведуваат оркестрираните напади врз социјалните мрежи?
Професорот за „Слободен печат“ објаснува дека постојат неколку добро препознаени техники. Првата е масовно лажно пријавување содржина со цел платформата да ја блокира објавата или целиот профил.
Овој тип напад не вклучува пробивање лозинки или влегување во профили, туку работи преку самите механизми на социјалните мрежи, а целта, објаснува Џоговиќ, е секогаш иста.
– Најчесто гледаме неколку форми на напади: масовни пријави за да се блокира или за да се суспендира профилот, координирано поплавување со навреди, пропаганда или дезинформации, класично нешто што може да се види по „Фејсбук“ и по „Инстаграм“. Но, едно е јасно, целта е да се замолчи медиумот, да се казни зашто објавил непожелна содржина и да се создаде впечаток дека јавноста е против него, иако тоа е вештачки произведен шум. Тоа не е ништо реално – објаснува тој за „Слободен печат“.
Кога профил на медиум станува мета на ботски напад, додава тој, најважно е да се разбере дека тоа не е класично сајбер хакирање какво што го знаеме.
– Никој не се обидува да го пробие профилот или да се логира, напротив, тоа е злоупотреба на платформата, нешто многу посложено и многу поопасно. Тоа е обид да се сврти механизмот на социјалната мрежа против самиот медиум – вели Џоговиќ.
Профилите на „Слободен печат“ беа цел на координиран ботски напад — читателите масовно нѐ поддржаа
„Поплава од коментари“ и „бригадирање“
Познат тип напад е таканаречената „поплава од коментари“ (comment flood) – масовно „полнење“ на објавата со навреди, политички пораки, лажни вести или шаблонски коментари.
– Се „поплавува“ објавата со коментари, за многу кратко време се објавуваат стотици идентични или речиси идентични коментари… Целта е публиката да види токсичен океан од негативност, да мислат дека јавноста е против медиумот. Овој метод, познат како „астротурфинг“ (astroturfing), создава илузија на јавен консензус таму каде што го нема – вели експертот.
Џоговиќ ја опиша и техниката на бригадирање која, посочува тој, е една од најопасните форми на координирани онлајн напади.
– Бригадирањето подразбира координирани групи кои се активираат истовремено, обично преку приватни групи на „Телеграм“ или на „Вибер“. Тоа што можев да го видам од Интерпол, преку пријатели што работат таму и од генералниот секретар со кој баш разговарав на оваа тема, тие имаат однапред спремни стратегии, што да коментираат, што да споделуваат, кои новинари да се таргетираат. Ова изгледа органски, но во реалноста е синхронизирана операција и можеби најподмолниот аспект, овие напади ги таргетираат платформата и нејзиниот алгоритам, а не само медиумот. Алгоритмот ја толкува големата количина на негативни интеракции како контроверзна содржина и ја намалува видливоста, без разлика на тоа дали содржината е точна или не – објаснува тој.
Ова го прави ботскиот напад особено опасен, додава тој, бидејќи го манипулира психолошкиот модел врз кој функционира алгоритмот. Последиците се чувствуваат директно и може да причинат сериозна штета на угледот на медиумот.
– Нападот влијае врз уредничката независност, врз довербата на јавноста и врз финансиската позиција на медиумот. Многу редакции добиваат реално намалување на сообраќајот што се претвора во финансиска загуба само зашто некој активирал мрежа од неколку стотици профили. Ова е нова форма на притисок, со ниска цена и со висока ефективност – вели Џоговиќ.
Профилите на „Слободен печат“ беа цел на координиран ботски напад — читателите масовно нѐ поддржаа
Може ли да се открие нарачателот?
Иако изгледа хаотично, ботскиот напад не е без траги. Професорот појаснува дека експертите ги анализираат профилите, содржината, времето и техниката за да се открие од каде потекнуваат овие напади. Ботските профили имаат шаблони, а особено се важни е временските интервали кога се случуваат нападите.
– Профилот е сомнителен кога има ниска активност пред нападот, нема речиси никакви пријатели, се гледа дека е лажен. Сомнителните профили се уредни, изгледаат перфектно, не се хаотични како органските профили. Природната група е разновидна, ботската е организирана, има ред. Трагите во содржината се најпредвидливи, исти фрази, граматички грешки, сленг, навреди. Понекогаш е апсурдно, на исти профили им се појавува истата реченица во исто време. Временското пронаоѓање е силен доказ. Кога коментарот е спонтан, коментарите доаѓаат хаотично, некој веднаш, некој коментира за пет минути, има разлика во време. Кога нападот е оркестриран, првиот бран доаѓа во првите 10-30 секунди. Автоматски. Па следуваат кластери на коментари во првите 30, 60 или 120 секунди отприлика, профилите се активираат во пулсови, во бранови, како некој да ги вклучува и исклучува, временскиот ритам ги издава ботовите. Ако се следи времето, се гледа дека станува збор за вештачка структура, а не за вистинска личност зад тој профил – вели тој.
Експертот по сајбер безбедност додава дека подлабоката анализа бара траги во поврзаноста на профилите. Техничките аспекти – како ИП адреси, сервери и дигитални траги – ги следат специјализирани експерти, бидејќи тоа не е нешто што може да го направи секој. Со аналитички софтвер може да се утврди кои профили меѓусебно се поврзани, кој кого „лајкува“ или кој кому коментира и да се изгради мрежа на нивната активност.
– Во одредени случаи може да се идентификува и изворот на нападот. Се гледа дали профилите припаѓаат на ист поткластер, дали користат исти алатки, исти „потписи“ на активност и дали се поврзани со иста земја или интернет провајдер, тоа е возможно да се утврди – објаснува професорот.
Но, кој точно го финансира нападот – тоа е многу потешко да се докаже. Напаѓачите речиси никогаш не работат преку официјална инфраструктура, туку преку посредници и маскирани канали. Затоа ова поле останува „сива зона“ во која следењето на трагите е можно, посочува Џоговиќ, но крајното идентификување на нарачателот не е лесно.
Кое е чарето за медиумите кои се мета на напади?
Д-р доц. Џоговиќ ги советува редакциите да се заштитат, а предложува неколку важни чекори:
– Медиумите не се сами, има конкретни чекори. Треба да се направи мини план за реакција во време на напад. Редакцијата мора однапред да знае кој го следи профилот, да ги детектира сомнителните активности, кој комуницира со платформите. Нападот треба да се документира, ова го намалува хаосот за 80 отсто, во криза нема време на импровизација, мора да има ред и процедура, односно план.
Според него, клучни препораки за заштита од вакви напади се: подготовка на кризен план (incident response playbook); систематско документирање на нападот – принтскринови, видеа и временска линија; одржување силна дигитална хигиена – безбедни лозинки, двофакторна автентификација и одвоени професионални профили; строга контрола на уредите за да се спречат фишинг и социјален инженеринг; како и диверзификација на мрежите на кои објавуваат вести, односно објавување преку повеќе канали.
Тој особено ја нагласува најважната точка, да не се менува уредувачката политика поради страв.
– Најважната препорака, не треба да се менува уредувачката политика поради страв. Целта на ботските напади е да ве натераат да се самоцензурирате. Ако медиумот почне да одбира теми по логика на ова, ќе ја изгуби битката – заклучува професорот.
„Нападот врз нас вроди со плод“: На српските студенти им ги затвораат профилите на социјалните мрежи


