„Замислете некој да ги запали сите трафики за весници во една ноќ“: Ботските напади врз „Слободен печат“ беа тема на панел за странското мешање во медиумите
Координираните ботски напади врз „Слободен печат“ се сериозна узурпација на медиумскиот простор, што не е изолиран случај, туку регионален тренд кој бара системска заштита на медиумите по европски правила, оцени генералниот директор на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Драган Секуловски.
Гледате вест на телефон во која се посочува прст кон виновник за некој случај од минатото. По неколку дена се појавуваат политички тензии, па никнуваат нерегистрирани групи на „Фејсбук’“ што споделуваат конкретни содржини. Се појавуваат објави со лажни логоа од веќе познати медиуми. Новинарите се обидуваат да истражат што се случува, но алгоритмите на социјалните мрежи ја зголемуваат видливоста на лажните содржини. Потоа излегуваат луѓе на улица со знамиња и со одредена агенда, се случуваат протести, а новинарите се етикетираат како платеници – иако само се обидуваат да ја работат својата работа. А тие немаат каде да се пожалат.
Препорачано
Вакво сценарио, што не е реткост, опиша генералниот директор на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Драган Секуловски, на панел-дискусијата „Од инциденти до системски ризици: надворешните влијанија како тест за медиумската отпорност“, организирана од Институтот за комуникациски студии и одржана во четвртокот, во „Европска куќа“.
Фокусот на дискусијата беше ставен на странското мешање и манипулирање со информации (СММИ), а Секуловски се осврна и на координираниот ботски напад врз профилите на „Слободен печат“ на социјалните мрежи.
— Овој тренд на узурпација е сериозен проблем. Нападот врз профилот на „Слободен печат“ е исто како некој порано во една ноќ да ги запали трафиките за продажба на весници. Кај нас ова не е изолиран инцидент. Почна во Србија уште во септември, кога беа суспендирани индивидуални профили и нападнати медиуми како Нова и Н1. Не ги обвинуваме институциите, ова е нов проблем, но не можеме ни да ги оправдаме. Тие имаат капацитети и можат да го следат проблемот. Првото решение е медијаторство со платформите, ставање на медиумите на „бела листа“ за заштита и системско решение со примена на правилата што важат во ЕУ – истакна тој.
Официјалните профили на „Слободен печат“ на „Инстаграм“ подолго време се цел на координиран ботски напад, како и веб-страницата на медиумот. Под објавите се појавуваат стотици коментари од сомнителни профили, најчесто од странство. Целта е да се предизвика „шедоу-бан“ и да се намали органскиот досег на медиумот, а со тоа сѐ помалку читатели ќе имаат контакт со профилот на „Слободен печат“.
„Нема каде да се обратиме“
Одговорната уредничка на „Слободен печат“, Жана Божиновска, нагласи дека станува збор за проблем за кој во моментов нема функционално решение.
— Имавме реален проблем и не најдовме решение. Станува збор за координирани онлајн напади и нема центар за кој да се обратиме. Ни требаат системски решенија. За обичниот човек ова личи на хакерски напад, а за новинарите претставува психолошки и безбедносен ризик – истакна Божиновска.
Уредничката објасни дека од ноември „Слободен печат“ се обидувал да најде различни решенија, но првата пречка била комуникацијата со „Мета“.
— За да зборувате со човек, мора да се претплатите. Ве префрлаат од еден на друг и не прават ништо. Институциите не можат да помогнат, а од МВР сè уште немаме одговор. „Мета“ предлага заклучување на профилот, што дополнително го намалува досегот. Во ист период имаше напади врз уште пет медиуми во регионот. Ако институциите не реагираат, се испраќа порака дека ова е дозволено – алармира таа.
Божиновска посочи и дека редакциите тешко можат да инвестираат во сајбер заштита поради недостиг на средства, но нагласи дека не смее да се отстапува од новинарските стандарди под притисок.
— Потребна е новинарска солидарност. Не смееме да молчиме, денеска е еден медиум, утре ќе биде друг – порача таа.
ЗНМ бара итна реакција од МВР за ботскиот напад врз „Слободен печат“
Ботските напади не се кривично дело
Раководителката на секторот за сајбер криминал во МВР, Марина Пешовска, потврди дека „Слободен печат“ пријавил случај во секторот за компјутерски криминал, но дека институцијата оценила оти не станува збор за кривично дело.
— Шедоу-банингот не е кривично дело. Сајбер безбедноста е поширок глобален проблем, а превенцијата и заштитата се поважни од отворање кривична постапка. Оваа алатка е нетранспарентна, ви го напаѓа досегот, тоа е форма на цензура, но не е класифицирана како кривично дело – изјави Пешовска.
Таа додаде дека одговорите се бараат од платформите со седиште во САД и дека само тие можат да го спречат „шедоу-банингот“, нагласувајќи дека, „за жал, заштитата на новинарите не секогаш е во доменот на кривичното право“.
На ова реагираше Божиновска:
— Ако не можеме да се обратиме во секторот за сајбер криминал, тогаш каде? Проблемот не е што вие не можете да го решите, туку тоа што немаме каде да пријавиме вакви напади.
„Ако луѓето не му веруваат на системот, успева и простата манипулација“
Секуловски заедно со професорката и експертка за етика од Институтот за комуникациски студии, Марина Тунева, ги презентираа заклучоците од нивниот труд, „Медиумскиот екосистем и странското мешање и манипулирање со информации (СММИ)“, во кој се дискутираат слабостите што дозволуваат странско мешање и манипулирање, како и можни решенија за заштита.
Тие посочија дека нетранспарентната сопственост и финансирањето на дел од онлајн медиумите е сериозен проблем, особено за време на избори.
Според Секуловски, институциите не се спремни да се справат со овие закани, а граѓаните немаат доверба во системот.
Тој појасни дека СММИ не е објава на политичар или еден прилог, туку координирана активност на повеќе платформи. Најчесто се таргетираат ранливи групи, а целта е медиумите да се прикажат како некомпетентни. Овие операции најчесто се активираат во периоди на избори, референдуми, посети на функционери, големи настани, пандемии и колективни несреќи.
Секуловски зборуваше и за псевдомедиуми, дипфејкови и за ефектот на „ладење“, кога новинарите се откажуваат од чувствителни теми поради притисок, страв и психолошки замор.
— Колку и да е проста манипулацијата, ако манипулаторите се добро организирани, во општество во кое граѓаните немаат доверба во институциите, таа лесно успева – предупреди тој.
Секуловски и Тунева потенцираа дека целта не е цензура, туку системска отпорност. Наместо лов на поединечни дезинформации, потребни се системски решенија.
— Казната е најбрз метод, но кај ваков сложен модел репресијата не е пожелна бидејќи ќе доведе до цензура. Треба да се гради инфраструктура. Нема стабилна платформа и протоколи за комуникација меѓу надлежните институции. Европските ДСА (Закон за дигитални услуги, н.з.), ЕМФА (Европски закон за слобода на медиумите, н. з.) и новинарскиот Кодекс не се системски преведени во домашните закони, политики и процедури. Имаме ограничени капацитети за следење на овие закани, како и за создавање политики, кои се базирани на докази, за странско мешање и манипулирање со информации – објасни генералниот директор на ЗНМ.
Тунева зборуваше и за петте столба за заштита од СММИ: улогата на државните институции и официјалните канали, јавниот сервис, транспарентно и независно новинарство, мултисекторска координација меѓу граѓанскиот и безбедносниот сектор, улогата на онлајн платформите и заштитата на изборниот интегритет.
„Нападите се директно влијание врз демократијата“
Раководителката на секторот за сајбер безбедност при Министерството за дигитална трансформација, Тања Милановска Најдовски, нагласи дека нападите врз медиумите не се само технички инциденти.
— Денес медиумите не се само канали за информирање, туку дел од јавниот дискурс. Овие инциденти се информациски напади, ширење дезинформации, манипулација со содржини и влијание врз демократските процеси – рече таа.
Министерството работи на законот за дигитална трансформација, а Македонија доби и закон за сајбер безбедност. Според Најдовски, инцидентите треба да се пријавуваат рано, во координација со системот, за да не останат медиумите сами.
— Министерството координира и поддржува средина во која медиумите ќе добиваат експертска помош, ќе се споделуваат оперативни сознанија и насоки за справување со ризиците. Целта е заеднички систем за реакција на потенцијални закани. Не сакаме да го ограничиме дигиталниот простор, туку да инвестираме во демократско општество – истакна таа.
На новинарско прашање на „Слободен печат“ како конкретно медиум може да побара помош, таа објасни дека од 2026 година законот „стапи во употреба, но дека работат на финеси и детали, дека ќе има јасни насоки кој, каде и како пријавува, технички тимови на располагање и планирани работилници.


