фото: ЗНМ

ЗНМ бара итна реакција од МВР за ботскиот напад врз „Слободен печат“

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) испрати барање за ургенција за текот на постапката по поднесена пријава за координиран ботски напад врз инстаграм-профилите на „Слободен печат“, соопшти ЗНМ.

Барањето е адресирано до националната фокална точка, г. Мухамед Исмаиљи, помошник на министерот во Одделот за односи со јавност и стратешки прашања при Министерство за внатрешни работи, и следи по формалната пријава што ЗНМ ја поднесе на 15 ноември 2025 година до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика поради сомнеж за координирана злоупотреба на социјалната мрежа „Инстаграм“, со цел попречување на работењето на медиумот и ограничување на видливоста на неговите содржини.

Станува збор за координиран ботски напад врз официјалните профили на „Инстаграм“ на „Слободен печат“, велат од ЗНМ, при што беа регистрирани масовни сомнителни интеракции (коментари, лајкови и follow-барања), драстичен пад на досегот на објавите и основан сомнеж за алгоритамско ограничување на видливоста (т.н. „shadow ban“). Поради континуитетот на нападите, додаваат, редакцијата беше принудена дел од профилите привремено да ги заклучи (приватни) со цел заштита.

„Во досегашниот период, ЗНМ обезбеди институционална и правна поддршка за медиумот и ја информираше надлежната институција за продолжувањето на нападот и за последиците врз работата на редакцијата. Со последното барање, ЗНМ од МВР побара информации во која фаза на истрага е предметот, кои чекори се преземени од надлежните служби, дали се вршат проверки за евентуална поврзаност на активностите со субјекти од Република Северна Македонија, како и дали е иницирана комуникација со компанијата „Мета / „Инстаграм“ преку постојните механизми за меѓународна соработка,“ се вели во соопштението.

ССНМ бара итна реакција од Обвинителството и од МВР: Нападите врз „Слободен печат“ се директен удар врз медиумската слобода

Потсетуваме, се додава, дека координираните онлајн напади врз медиуми претставуваат сериозен ризик за слободата на изразување и индиректна форма на притисок врз новинарската работа, поради што е неопходна навремена и институционална реакција.

„ЗНМ ги охрабрува новинарите и медиумските работници да пријавуваат сите закани, притисоци и напади, вклучително и онлајн напади, преку платформата ‘Безбедни новинари’ или директно до Здружението, со цел навремена реакција, институционална заштита и јавно евидентирање на ваквите случаи,“ се заклучува во соопштението на ЗНМ.

Редакцијата на „Слободен печат“ изразува искрена благодарност до Здружение на новинарите на Македонија за поддршката и за јавното застапување во заштита на слободата на медиумите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот