ССНМ бара итна реакција од Обвинителството и од МВР: Нападите врз „Слободен печат“ се директен удар врз медиумската слобода
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) бара брза, итна и енергична акција од Основното јавно обвинителство и од Министерството за внатрешни работи поради координираната и злонамерна активност насочена кон официјалните профили на „Слободен печат“ на социјалната мрежа „Инстаграм“, соопшти ССНМ.
Препорачано
Синдикатот тврди дека станува збор за очигледно организирана и нарачана акција, која се спроведува преку масовни пријавувања на содржини, со јасна цел – да се наруши работата на редакцијата и да се изврши притисок врз медиум кој со ништо не ги прекршил правилата на платформата.
Од ССНМ посочуваат дека ваквиот вид напади, кои во случајот на „Слободен печат“ циклично и континуирано се повторуваат, претставуваат директно загрозување на слободата на изразување, правото на информирање и безбедноста на онлајн просторот. Поради тоа, Синдикатот бара итна институционална интервенција од надлежните органи, пред сѐ од Основното јавно обвинителство и МВР.
„Тие мора да преземат сѐ што е во нивна надлежност и на медиумите кои се глас на јавноста и совест на општеството да им овозможат непречена работа“, се наведува во реакцијата.
View this post on Instagram
ССНМ изразува надеж дека „Слободен печат“, како еден од водечките медиуми во земјава, нема да запре со одговорното, транспарентно и професионално новинарство, и покрај сериозните предизвици и притисоци со кои се соочува.
Од Синдикатот нагласуваат дека подлегнувањето на обидите за замолчување преку новите форми на дигитален притисок би значело исполнување на целта на лицата или интересните групи што стојат зад ваквите напади.
Редакцијата на „Слободен печат“ изразува искрена благодарност до Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници за јасната, принципиелна и навремена реакција и за покажаната солидарност во одбрана на слободното новинарство, по повод овој брутален и координиран дигитален напад, кој претставува директен обид за замолчување критички медиум и грубо спречување јавноста да биде информирана.


