Скопскиот џез-фестивал со традиционалното матине ќе ги промовира календарите за 2026 година
Традиционалното џез-матине на Скопскиот џез-фестивал со промоција на календарите за 2026 година ќе се одржи на 17 јануари (сабота), со почеток во 13 часот, во „Макка бар“ (Бул. Свети Климент Охридски 60, Скопје), а влезот е слободен.
Препорачано
Скопскиот џез-фестивал е една од ретките културни институции во државата што посветуваат исклучително внимание на промотивните материјали. Дел од тој пакет, покрај постерот и каталогот за фестивалот, се и календарите, чија подготовка практично почнува на последното издание со фотографирање на сите концерти и артисти.
Автор на фотографиите што се користат за календарот е словенечкиот фотограф Жига Коритник, кој со Скопје џез-фестивал соработува од 1996 година, односно веќе три децении. На почетокот фотографиите се правени на филм и селекцијата се правела од стотина фотографии. Со појавата на дигиталната технологија селекцијата на 12-те фотографии се прави на повеќе нивоа и се селектира од 500, некогаш и повеќе фотографии.
Со текот на времето календарот на Скопскиот џез-фестивал стекна култен статус и покрај практичната примена во текот на календарската година стана редок експонат којшто сака да го поседува секој колекционер и почитувач на џез-музиката.
Традиционалното матине на кое се промовираат календарите редовно е проследено со настап во живо, а годинава, на 17 јануари, ќе настапи гитаристот и композитор Тони Китановски со своето трио во кое се и Оливер Јосифовски на контрабас и Алек Секуловски на тапани.


