Скендеровски: Со победа над Србија речиси ќе бидеме пласирани на ЕП!

Фото: ФФМ

Македонската футсал репрезентација денеска од 19.00 часот во С.Ц. „Јане Сандански“ ќе го игра можеби најважниот натпревар од квалификациите за пласман на следното Европско првенство.

По одличното реми на првиот меч против Србија, нашата селекција ќе се обиде по вторпат да го изненади силниот противник и да го направи клучниот чекор кон пласман на континенталниот шампионат.

Селекторот Васко Скендеровски вели дека доколку одиграме со истата борбеност и тактички бидеме на високо ниво, можеме да се надеваме на позитивен резултат.

– После одличниот резултат остварен во Врање, нè очекува можеби најважниот меч во нашата футсал историја. Со победа речиси ќе бидеме пласирани на Европското првенство во Холандија. Но, како што реков и пред натпреварот во Србија и на овој меч мора да влеземе со ладна глава и со добра, пред сѐ тактичка поставеност на играта да го надмудриме поквалитетниот и посилен противник од нас.

Добро е што во составот се враќа нашиот капитен Ранготов и ќе имаме поголем избор, но истовремено морам да напоменам дека голем хендикеп е неиграњето на Даниел Де Соуса, играч со големо искуство во вакви натпревари. Се надевам дека со голема борбеност и пожртвуваност ќе успееме по вторпат да го изненадиме најголемиот фаворит во нашата група и ќе ги израдуваме сите љубители на футсалот во Македонија – вели Скендеровски.

На табелата во квалификациската група „4“ води Босна и Херцеговина со девет бодови, пред Романија, Македонија и Србија кои имаат по два.

На ЕП ќе учествуваат вкупно 16 репрезентации, покрај домаќинот Холандија, преку квалификациите пласман ќе обезбедат уште првопласираните од сите осум квалификациски групи како и шест најдобровторопласирани, а останатите две кои не се меѓу најдобро второпласирани, ќе се борат преку бараж за последниот „билет“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот