Синот на режисерот Роб Рајнер откри ужасни детали за ноќта кога неговите родители биле убиени
Џејк Рајнер, син на покојниот режисер Роб Рајнер, во потресна објава на „Сабстрак“, ги опиша застрашувачките моменти кога дознал дека неговите родители се убиени, како и колку „речиси невозможно е да се сфати“ дека неговиот брат Ник е обвинет за злосторството.
Препорачано
Џејк детално опиша како неговата сестра Роми го информирала дека нивните родители, Роб и Мишел, биле пронајдени избодени до смрт во нивниот дом во Лос Анџелес во декември 2025 година, пишува „Дејли мејл“.
Џејк напиша дека веста била „премногу тешка за разбирање“ и се присети на 45-минутното возење со такси до семејниот дом, за време на кое, како што вели, бил во еден вид транс.
– Се што можев да мислам беше дека морам да стигнам до домот од моето детство. Морав да бидам со сестра ми. Морав да сфатам што се случило – напишал тој.
Додека сè уште се опоравувал од шокот од смртта на неговите родители, следел нов ужас кога дознал дека наводниот убиец е неговиот брат Ник.
– Таа ноќ изгубивме повеќе од половина од нашето семејство на најбрутален можен начин – рекол тој.
– Секако, секоја загуба на родител е катастрофална, но ништо не се споредува со загубата на двајцата родители истовремено, а покрај тоа, фактот дека вашиот брат е во центарот на сè. Речиси е невозможно да се разбере – додал тој.
Обвинителството тврди дека на 14 декември, Ник ги нападнал своите родители во нивната куќа во Брентвуд, вредна 13,5 милиони долари, ги избодел до смрт и избегал. Тој се изјасни за невин по две точки од обвинението за убиство од прв степен. Тој е во притвор без можност за кауција, а следното рочиште, каде обвинителството ќе презентира докази, е закажано за 29 април.
Речиси шест месеци по убиствата, Џејк пишува дека сè уште е запрепастен од фактот дека член на неговото семејство го извршил злосторството.
– Секој ден од тогаш беше ужасен. Секоја средба што ја имаме, секоја личност со која разговараме, секоја солза што ја пролеваме, секое движење што го правиме е поврзано со убиството на нашите родители – опишал тој.
Кога ја опишуваше маката низ која минуваат тој и неговата сестра Роми, не го спомена својот брат Ник по име, туку му се обрати само со „мојот брат“. Напиша дека нивното страдање продолжува дури и откако случајот ќе исчезне од насловите.
– Кога не поминувате низ трагедија како што поминуваме Роми и јас, тешко е да се разбере колку беше ужасно ова. Бидејќи не се вашите родители, можеби е полесно да се продолжи понатаму или дури и да се заборави за момент што се случи тој ден. Но, за нас, тоа е секој ден.“ – објаснил тој.
Во текстот, Џејк им оддаде трогателна почит на своите родители, нарекувајќи ги „центар на неговиот живот“.
– Тие се моите ѕвезди водилки, основата на тоа кој сум јас како човечко суштество и најдарежливите луѓе што некогаш сум ги познавал – напишал тој.
– Многу луѓе немаат луксуз да ги имаат најдобрите родители, најдобрата мајка или најдобриот татко, но јас го имав. И секогаш ја сметав љубовта што ја имаа еден кон друг во бракот за мерка за успешна врска – додал тој.
Тој се сети како одел на мјузикли со мајка му и на бејзбол натпревари со татко му, признавајќи дека имал привилегирано детство како син на познати родители.
– Не ми избега од глава дека можев да ги имам овие неверојатни искуства што повеќето луѓе не можат поради тоа кои беа моите родители – напишал тој.
– Но, би го заменил секој натпревар на Доџерс, секоја претстава на Бродвеј, секој одмор, само за да поминам уште еден час разговарајќи со нив и да се збогувам – завршил тој во трогателна исповед.
Режисерот Роб Рајнер и неговата сопруга пронајдени мртви, полицијата истражува двојно убиство


