Трајко Славески и Гордана Силјановска Давкова / Фото: pretsedatel.mk

Силјановска ќе го анализира Законот за Народна банка, па ќе одлучи дали ќе иницира разрешување на Славески

Претседателката Гордана Силјановска Давкова изјави дека внимателно го анализира Законот за Народната банка, за да утврди дали гувернерот Трајко Славески го прекршил со непредлагање кандидати за вицегувернери повеќе од три месеци по законскиот рок.

Одговарајќи на новинарскo прашање од телевизијата „Канал 5“ за тоа дали планира да ја преиспита работата на Славески за евентуална злоупотреба на службената должност во однос на мандатите на двајцата вицегувернери, Силјановска првично рече дека гувернерот што го предлага Претседателот, го избира Собранието и тој е одговорен пред Законодавниот дом, па оттаму не гледа во која смисла би ја преиспитала неговата работа. Сепак, подоцна во својот одговор претседателката рече дека според Законот за Народната банка, шефот на државата има право, доколку утврди прекршување на законот, како предлагач да препорача разрешување на гувернерот.

„Прво гувернерот на НБРМ иако го бира собранието по предлог на претседателот тој не одговара пред мене, туку одговара пред собранието не знам во која смисла би ја преиспитала … Јас го предлагам, а мандатот го добива врз основа на мнозинството пратеници во Парламентот. Точно е дека во закон предлагачот има право да како што предлага да предложи и негов избор да предложи и негово разрешување, но јас сум човек кој што верува во правото. Добив прашања од г.Иван Мирчевски во оваа насока и јас, се разбира, пред да кажам што мислам, прво анализирам, го повикав и гувернерот на НБРМ…“

Славески пред неколку дена беше прашан за случајот со двете вицегувернерки, кои и пет месеци по истекот на нивниот мандат во октомври лани, работат и одлучуваат во Советот на НБРМ. Наместо да даде одговор, тој изрече обвинување дека „Канал 5“ му правел нарачан напад и го упати новинарот да го праша неговиот уредник за тоа. Однесувањето на Славески предизвика низа реакции, а новинарските здруженија и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) го осудија ексцесот на гувернерот на Народната банка.

Славески упати дисквалификации наместо одговори кон новинарите на ТВ Канал 5, реагираат ЗНМ и ССНМ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот