Трајко Славевски - Гувернер на народна банка - Фото Слободен печат - Методи Здравев

Славески упати дисквалификации наместо одговори кон новинарите на ТВ Канал 5, реагираат ЗНМ и ССНМ

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) остро реагираат на односот на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, кој на вчерашниот јавен настан наменет за медиумите, како што велат, наместо јасни одговори на прашања од висок јавен интерес, избрал потценувачки и дисквалификувачки однос кон новинарите на ТВ Канал 5.

„На директните новинарски прашања, Славески изјави дека прашањето е ‘апсолвирано’, а потоа на новинарот од Канал 5 му порача: ‘Добро, за ова разговарајте со вашиот уредник и прашајте го кои се мотивите за овој напад врз централната банка’“, реагираат новинарските организации.

Според ЗНМ и ССНМ, ваквиот настап е недозволив за носител на висока јавна функција. Како што велат, новинарите не се должни да трпат омаловажување, инсинуации и префрлање на вина само затоа што поставуваат непријатни, но легитимни прашања во интерес на јавноста.

„Наместо аргументи и отчетност, јавноста виде обид новинарските прашања да се претстават како напад, а новинарите да се дискредитираат пред камери“, забележуваат тие.

ЗНМ и ССНМ потсетуваат дека јавните функционери имаат обврска да покажат повисоко ниво на политичка култура, институционална зрелост и почит кон медиумите.

„Критичките прашања не смеат да се третираат како непријателски чин, туку како составен дел од јавната отчетност и демократскиот надзор врз институциите. Секој обид за дискредитација на новинарите или за доведување во прашање на нивните мотиви претставува лоша порака кон целата медиумска заедница и кон јавноста. Го повикуваме гувернерот Славески, како и сите носители на јавни функции, да се воздржат од дисквалификации, омаловажување и етикетирање на медиумите, и наместо тоа да покажат почит, транспарентност и одговорност во комуникацијата со новинарите“, стои во реакцијата.

Пред неколку недели, ЗНМ реагираше и за односот на друг јавен функционер – министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. На прашање на новинарката на „Слободен печат“, Фросина Факова Серафиновиќ за безбедносната проценка која ја направило МВР за Артан Груби, тој ја обвини дека му пишувала пораки по полноќ, што не е точно и за што има докази, реагираше ЗНМ.

ВИДЕО | ЗНМ реагира за однесувањето на Тошковски кон новинарката на „Слободен печат“: Функционерите да прекинат со лични квалификации и навреди кон медиумите

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот