Сиљановска-Давкова и Радев Фото: Гордана Сиљановска Давкова/ Фејсбук

Сиљановска-Давкова телефонски разговарала со Радев: Му честитав за победата и нагласив дека сакаме пријателски однос

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова му ја честитала победата на парламентарните избори во Бугарија на лидерот на Прогресивана Бугарија Румен Радев и остварила телефонски разговор со него во кој му посочила дека сака пријателски и конструктивен однос меѓу двете земји.

– Се разбира му честитав, му пратив порака, а потоа и ми се јави и разговаравме. Му посакав успех, изразив уверување дека штом вака доби високо мнозинство тоа е гаранција за стабилност, дека веројатно бугарските граѓани во него препознаа стабилен елемент на државата и нацијата дека веројатно ќе може лесно да формира влада и да ја оствари својата програма. Мнозинството и стабилноста се и за нас важни затоа што ќе имаме со кого да разговараме. Потенцирав дека регионалниот пристап е важен дека сакаме пријателски и конструкивен однос, разбирање на потребата од проширување – изјави Сиљановска-Давкова по учеството на првата сесија во рамките на XX конференција на претседатели/спикери на парламенти на Јадранската и Јонската иницијатива.

Во Бугарија минатата недела се одржаа осмите по ред парламентарни избори во период од пет години на кои коалицијата Прогресивна Бугарија предводена од Румен Радев освои 44,69 отсто од гласовите.

Според резултатите од гласањето, Прогресивна Бугарија на Радев освои најголем број пратеници – вкупно 131, што значи дека има апсолутно мнозинство во 240-члениот парламент и можност самостојно да формира влада. Второпласирана, според бројот на освоени гласови на изборите, е партијата ГЕРБ-СДС со освоени 39 мандати. Следна е коалицијата „Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија“ со 37 пратеници, а по неа следува Движењето за права и слободи – ДПС со освоени 21 мандат. Петтиот политички субјект што влегува во парламентот на Бугарија е партијата Преродба со освоени 12 пратенички места.

Со ова, Бугарија за првпат ќе добие стабилно парламентарно мнозинство што гледано од македонски аспект, се смета за важен предуслов за продолжување на разговорите за надминување на спорните прашања кои ја блокираат Македонија на патот кон Европската Унија.

„Очекувавме да бидеме први“, вели Радев откако излезните анкети ја посочија неговата партија како победничка на изборите

Претседателката претходно најави дека со новиот бугарски премиер ќе трагаат по „ново решение“ за билатералниот спор за откочување на нашите евроинтеграции.

Таа потврди дека со Радев како поранешен претседател не се согласувале за многу работи, но „умеат да се сослушаат со почит и да заклучат дека бараат решение“. Наведе и дека кога луѓето ќе дојдат на власт и можат да ги управуваат работите умеат понекогаш да посегнат и по подобри решенија.

„На сите во Бугарија им беше познат високиот рејтинг на довчерашниот претседател на Бугарија, Румен Радев, и некако само тој беше стабилен елемент во поделбата на власта, сè друго беше варијабила и релативно. Мислам дека бугарските граѓани се изморени од нестабилни влади, кои постојано се менуваат, и веројатно затоа му ја дадоа довербата на новоформираната партија на господинот Радев. Мнозинството е такво што може сам да формира влада, но веројатно, заради потребата од двотретинско мнозинство, ќе коалицира со партиите кои ги посочи како можни коалициски партнери“, рече Сиљановска-Давкова,  посочувајќи дека друштвото околу Радев, со исклучок на  првиот коалициски партнер, е главно десно ориентирано.

Сиљановска-Давкова со Радев ќе бара „ново решение“ за спорот со Бугарија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот