„Очекувавме да бидеме први“, вели Радев откако излезните анкети ја посочија неговата партија како победничка на изборите
„Очекувавме да бидеме први. Да ги видиме конечните резултати, рече поранешниот претседател Румен Радев, откако првите резултати од анкетите од социолошките агенции ја посочија „Прогресивна Бугарија“ како победник по денешните парламентарни избори“, пренесе Бгнес.
Препорачано
Кога беше прашан за малцинска влада или нови избори, Радев рече дека сака да ги почека конечните резултати и гласањето од странство.
Ќе направиме сè што е можно за да избегнеме нови избори, рече тој.
Според податоците од агенцијата Alpha Research, неговата нова политичка формација „Прогресивна Бугарија“ освоила околу 37,5% од гласовите, значително пред партијата ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов, која добила околу 16,2%.
И покрај убедливата предност, Радев најверојатно ќе мора да бара коалициски партнери за да формира влада, што повторно ја отвора неизвесноста во политичкиот систем на земјата.
Ова се уште едни во низа предвремени избори во Бугарија, осми во последните пет години што укажува на длабока политичка нестабилност и незадоволство кај граѓаните.
Радев, поранешен пилот и претседател со изразено критички ставови кон дел од политиките на Европската унија, во кампањата вети борба против корупцијата и стабилизирање на институциите. Воедно, тој се залага за обновување на односите со Русија, што предизвика реакции кај неговите политички противници.


