Дали регионот ќе добие нов Орбан?
Со Румен Радев како фаворит во анкетите, неговото ветување дека ќе го „урне корумпираниот модел“ на воспоставените партии, неговите проруски ставови за време на претседателството и недостигот на јасни политички партнери отвораат прашања дали негова победа значително би ја променила домашната и надворешната политика на земјата, како и какви би биле последиците за ЕУ.
Без разлика дали на аеродромот во бугарската престолнина Софија или покрај патиштата што ги поврзуваат градовите низ целата земја, ликот на поранешниот бугарски претседател Румен Радев моментално е насекаде, пишува „Дојче веле“ (ДВ).
Препорачано
Билборди и банери за Радев и неговата новоформирана партија „Прогресивна Бугарија“ доминираат во визуелниот пејзаж низ земјата.
Додека другите партии традиционално прикажуваат поширок круг на членови во своите кампањски материјали, пораката на „Прогресивна Бугарија“ е целосно фокусирана на нејзиниот лидер.
Поранешен воен пилот, почитувач на унгарскиот премиер Виктор Орбан и противник на воведувањето на еврото во Бугарија, Радев беше избран за претседател двапати — во 2016 и во 2021 година.
Додека беше претседател, честопати ги критикуваше партиите во последователните коалициски влади и уживаше силен рејтинг на поддршка.
Вонредни избори
По масовните протести низ целата земја поради законот за буџет, бугарската влада се распадна минатиот декември, што доведе до парламентарни избори на 19 април — осми во последните пет години.
Ова се избори со висок влог, при што борбата против корупцијата и инфлацијата е во центарот на кампањата.
Досега трката е обележана од одлуката на Радев во јануари да се повлече пред крајот на мандатот и да се кандидира за парламент.
– Нашата цел е јасна: да ја собориме олигархијата. Да ја вратиме нашата земја, за да нема сиромашни во европска Бугарија – изјави тој на почетокот на кампањата.
Со Радев како фаворит во анкетите, неговото ветување дека ќе го „урне корумпираниот модел“ на воспоставените партии, неговите проруски ставови за време на претседателството и недостигот на јасни политички партнери отвораат прашања дали негова победа значително би ја променила домашната и надворешната политика на земјата, како и какви би биле последиците за ЕУ.
Главно позитивен став кон Радев
Патувајќи низ земјата пред изборите, новинарите на ДВ разговараа со гласачи за кандидатите. Ставовите за Радев во најголем дел беа позитивни, при што многумина го нарекуваат „последна надеж на земјата“ во услови на политичка нестабилност во последните пет години.
Други, пак, особено помлади гласачи, остануваат скептични, опишувајќи го како „нова месијанска фигура на политичкиот хоризонт“.
Борјана Димитрова, управувачки партнер во агенцијата за истражување „Алфа Рисрч“, истакнува дека кампањата на Радев полни големи сали и го претставува како обединувачка фигура што ги надминува различните општествени групи — динамика што ги принудува другите партии да се фокусираат само на задржување на своите сигурни гласачи.
– Со нов играч на политичката сцена кој им одзема гласачи на повеќето партии, останатите се фокусираат барем да го зачуваат сигурното – изјави таа.
Според последната анкета, „Прогресивна Бугарија“ на Радев е на пат да освои 34,2 отсто од гласовите, пред центар-десничарската коалиција ГЕРБ-СДС, која паднала на 19,5 отсто. ДПС, партијата предводена од олигархот Делјан Пеевски, кој е под санкции од САД и во Велика Британија, е речиси изедначена со антикорупцискиот либерален сојуз ПП-ДБ.
Приоритети на гласачите
Во фрагментиран политички пејзаж без јасно мнозинство, партиите се фокусираат на своите досегашни успеси — како целосната интеграција во ЕУ (ГЕРБ) и судските реформи и борбата против корупцијата (ПП-ДБ).
Но, тоа е во контраст со секојдневните грижи на граѓаните.
Податоците од анкета покажуваат дека Бугарите најмногу се плашат од растечката инфлација. Земјата го воведе еврото на 1 јануари, а цените на енергијата растат поради војната на Блискиот Исток.
– Стравот од инфлација не се појавил во анкети од хиперинфлациската криза во 1997 година, ниту, пак, за време на финансиската криза во 2008 година – вели Димитрова, додавајќи дека борбата против корупцијата е втор најважен проблем.
Токму ова прашање Радев го постави како централен столб на својата кампања.
Намерна нејасност во кампањата
Електоратот на Радев е речиси рамномерно поделен, вели политикологот Даниел Смилов.
– Од една страна се проруски настроените гласачи, од друга, оние што се загрижени за корупцијата – објаснува тој.
Поради тоа, Радев избегнува да биде премногу експлицитен во пораките бидејќи ризикува да оттурне една од овие групи.
Според Димитрова, повеќето негови поддржувачи имаат јасни проруски симпатии и доаѓаат од различни политички спектри — од крајната десница до делови од левицата.
На пример, Радев има поддршка од многу гласачи кои претходно гласале за Бугарската социјалистичка партија (БСП), наследник на комунистичката партија.
Проруски став
Радев отсекогаш бил отворен за своите проруски позиции. Неговото одбивање да го нарече Владимир Путин агресор во војната во Украина предизвика силни реакции.
Иако никогаш не повикал Бугарија да ја напушти ЕУ, неговите позиции честопати се поклопуваат со оние на Роберт Фицо и Орбан. Радев се спротивставува на поддршката за Украина и смета дека санкциите против Русија се неефикасни.
Со поразот на Орбан на изборите на 12 април, „Политико“ го именуваше Радев како потенцијален нов „нарушувач“ во ЕУ — доколку стане премиер.
Тешки коалициски преговори
Не е јасно дали „Прогресивна Бугарија“ е „прогресивна“ во левичарска смисла или во смисла на српската партија на Александар Вучиќ.
Одговорот ќе зависи од коалициите што партијата ќе ги формира.
Иако членовите велат дека се отворени за соработка околу заеднички политики — како „нула толеранција за корупција“ — разликите во надворешната политика може да бидат сериозна пречка.
Со оглед на тоа што нема јасно мнозинство и дека повеќето партии не сакаат да потврдат соработка со Радев, се поставуваат две клучни прашања: дали Бугарија ќе добие, за првпат по повеќе од две децении, мнозинство што не е проевропско и дали конечно ќе биде разбиен моделот на корупција во земјата.


