Гордана Сиљановска-Давкова / Фото: принтскрин

Сиљановска-Давкова со Радев ќе бара „ново решение“ за спорот со Бугарија

Изборните резултати во Бугарија и победата на Рубен Радев се очекувани за претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која најави дека со новиот бугарски премиер ќе трагаат по „ново решение“ за билатералниот спор за откочување на нашите евроинтеграции.

Претседателката потврди дека со Радев како поранешен претседател не се согласувале за многу работи, но „умеат да се сослушаат со почит и да заклучат дека бараат решение“. Наведе и дека „кога луѓето ќе дојдат на власт и можат да ги управуваат работите умеат понекогаш да посегнат и по подобри решенија“.

„На сите во Бугарија им беше познат високиот рејтинг на довчерашниот претседател на Бугарија, Румен Радев, и некако само тој беше стабилен елемент во поделбата на власта, сè друго беше варијабила и релативно. Мислам дека бугарските граѓани се изморени од нестабилни влади, кои постојано се менуваат, и веројатно затоа му ја дадоа довербата на новоформираната партија на господинот Радев. Мнозинството е такво што може сам да формира влада, но веројатно, заради потребата од двотретинско мнозинство, ќе коалицира со партиите кои ги посочи како можни коалициски партнери“, рече Сиљановска-Давкова,  посочувајќи дека „друштвото околу Радев, со исклучок на  првиот коалициски партнер, е главно десно ориентирано“.

Радев ветува дека со голи раце ќе искорне старо дрво со длабоки корени

Претседателката оцени дека честите промени на владите во Бугарија во изминатиот период за Македонија биле отежнувачка околност иако, истакна, сите премиери се повикуваа на изгласаните документи во бугарскиот Парламент.

„Резултатот е очекуван. Зошто? За да видиме треба дали ќе опстои после многу падови, подолго една бугарска влада и претходниот период беше како во Третата и Четвртата Француска Република, кога на неколку месеци се менуваа владите. Тоа беше отежнувачка околност во поглед на градењето односи со нас, иако сите знаеме дека сите премиери секогаш се повикувале на одлуките, декларациите и резолуциите на бугарскиот Парламент кога е во прашање политиката кон нас. Што можам јас да кажам — сум го запознала господинот Радев, многу пати сум го сретнала, не се согласуваме за многу работи, но умееме да се сослушаме со почит и да заклучиме дека бараме решение“, посочи Сиљановска-Давкова

Радев ја зацврсти позицијата дома — ќе попушти ли во односите со Македонија?

Сега, посочи, тој е таму. Ефективната власт во Бугарија е лоцирана кај владата, кај бившиот претседател односно идниот премиер, кому сигурно ќе му биде доделен најпрвин мандат за состав на влада. Тоа според неа остава простор за разговори.

„Она што е ново е драматичната состојба во светот, во амбиент на драматично сменет меѓународен поредок безбедноста добива на тежина, важноста, говорам за важоста на ЕУ, говорам за опасноста и потребата од градење отпорност кон можни фактори и актери на Бaлканот. Да потсетам, Балканот секогаш бил зона за тестирање на односите на големите сили, лакмус, тоа сигурно ќе биде и сега и јас очекувам третирање на проширувањето не само низ призма на поголема ЕУ, компетитивна на глобалната политичка сцена туку и поголема безбедност. Ние имаме 100 проценти усогласена надворешна и безбедносна политика со ЕУ и повеќе држави на Балканот – Црна Гора и Албанија, како први во овој процес и очекувам да се видиме, да разговараме, се разбира со двете знамиња, и да трагаме по ново решение“, нагласи Сиљановска-Давкова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот