Фото: EPA-EFE/VASSIL DONEV

Радев ветува дека со голи раце ќе искорне старо дрво со длабоки корени

Поддршката од Генерацијата Зет за Румен Радев може да се објасни со различни, и објективни и субјективни причини. Младите понекогаш се податливи на идеи што ветуваат длабоки промени и „спас“ поради силната емоционална привлечност на таквите наративи. Но, наводното „уривање олигархиски партии“ во случајов може да биде, како што честопати е случај во посткомунистичките земји, мачкање очи.

Кога еден актер ќе биде отстранет од политичкиот екосистем, тој мора да биде заменет со ист друг, или барем сличен, за да се одржи балансот на силите. Оваа теза можеби не е целосно точна, но во конкретниот случај победата на Румен Радев може да го постави во улога на замена за Виктор Орбан на Балканот – ако не целосно, тогаш барем во одредена мера.

Прогресивна Бугарија на Радев постигна историска победа на изборите, предводејќи во сите возрасни групи, а излезеноста во Бугарија беше повисока за 10 отсто од онаа на последните избори во 2024 година. Партијата што Радев ја формираше само еден месец по оставката од претседателската функција, ги победи и коалицијата ПП-ДБ и партијата ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов. Партијата ДПС на контроверзниот олигарх Делјан Пеевски и крајнодесничарската Преродба влегоа во парламентот, но со слаби резултати, додека, пак, Социјалистичката партија за првпат не го помина изборниот праг.

Иако кампањата на Румен Радев беше сосредоточена на борба против корупцијата и против сиромаштијата, неговите евроскептични и проруски наклоности го загрижуваат Брисел.

Што се случува во Бугарија, земја што веќе подолго време, барем на хартија, се обидува да го следи европскиот курс и да го искорени криминалот, иако безуспешно, во време кога расте отпорот кон политиките на ЕУ во земјата?

Победата на Радев е логична и очекувана

Бугарија е мала држава со најнизок животен стандард во ЕУ. Врз основа на податоците за 2025-2026 година, таа постојано се рангира на дното, со најниска минимална плата од сите членки на Унијата.

За да се исполнат критериумите за влез во еврозоната, бугарските влади со години наназад воведуваа сè построги мерки на штедење. Буџетот за 2026 година предвидуваше дополнителни даночни зголемувања и повисоки придонеси за социјално осигурување. Овие мерки, во комбинација со долготрајната корупција, поттикнаа масовни протести.

Во декември, младите од т.н. Генерација Зет, родени од средината на 1990-те до раните 2010-ти, излегоа на улиците со став дека сакаат да останат во Бугарија, но во обновена, различна и корупциски ослободена Бугарија.

Во овој контекст, Румен Радев се претстави како некој што сака да ги урамнотежи нештата, чест пристап на лидери што сакаат да бидат „мост помеѓу големите сили“ и го одбираат „средниот пат“. Бугарија е земја што економски зависи од руската енергија, а истовремено е во НАТО и во ЕУ, па овој наратив изгледа сосем разумен во рамката што ја претставува Радев.

Тој ја критикуваше еврозоната и се спротивстави на санкциите кон Русија. Радев зборуваше за обновување на слободниот тек на руски гасовод во Европа и ја критикуваше ЕУ дека се потпира премногу на обновлива енергија. Сепак, домашните притисоци – како корупцијата, демографскиот колапс и одливот на мозоци – се реален проблем за Бугарија. Повеќето не сакаат да живеат дома, туку во други европски земји.

Истиот проблем во друго пакување

Поддршката од Генерацијата Зет за Радев може да се објасни со различни, и објективни и субјективни причини. Младите понекогаш се податливи на идеи што ветуваат длабоки промени и „спас“ поради силната емоционална привлечност на таквите наративи. Но, наводното „уривање олигархиски партии“ во случајов може да биде, како што честопати е случај во посткомунистичките земји, мачкање очи. Во реалноста, олигархиските структури и криминалните мрежи во Бугарија се длабоко вкоренети во системот, а и самиот Радев не е имун на таа логика бидејќи доаѓа од истиот систем. Според досегашното искуство, тешко дека Радев ќе ги уништи корупциските шеми и дека ќе ги собори олигарсите.

Сепак, можно е Радев да се стави во служба на таа мисија, иако тоа изгледа помалку веројатно. Дури и ако успее да ја отстрани корупцијата поврзана со луѓе длабоко вкоренети во системот, неговите наклонетости кон Путин отвораат можност за нови структури на моќ што нема да бидат усогласени со почитувањето на домашното и на меѓународното право. Сепак, прерано е за цврсти заклучоци, бидејќи едно е реториката, а сосема друго се постапките.

Во поширок контекст, сега ентузијазмот за сузбивање на криминалот во регионот е засилен. Тоа го ветува Петер Маѓар во Унгарија, Еди Рама го спроведува во Албанија (иако и тој е обвинет за криминал), а владата на црногорскиот премиер Милојко Спајиќ континуирано апси членови на криминални групи. Во Црна Гора паѓаат и луѓе од структури од времето на поранешниот долгогодишен лидер Мило Ѓукановиќ.

Радев можеби ќе го следи тој тренд, но клучната разлика е во тоа што и Албанија и Црна Гора уште сакаат да се докажат поради нивните аспирации за членство во ЕУ, па реформите ги носи и надворешниот притисок – нешто налик на она што навидум го правеше Бојко Борисов за да се покаже пред Брисел бргу откако Бугарија влезе во ЕУ. Но, Бугарија не постигна голем успех во спречувањето на корупцијата и на криминалот, а мафијата продолжи со бизнисот.

Што ја чека Бугарија?

Радев веројатно нема да прави екстремни чекори, ќе ги задржи членствата во ЕУ и во НАТО бидејќи тоа е разумно за мала земја како Бугарија, во контекст на нејзината географија, но ќе ги искористи за да извлече максимален простор за маневар кон Русија. Европа можеби ќе му толерира одредени „орбановски“ гестови сè додека не почне да оди во екстремна насока. За Украина тој можеби ќе има поостар пристап, но останува да се види во која мера ќе му пркоси на Брисел. Радев по победата рече дека „силна Бугарија и силна Европа имаат потреба од критичко размислување и прагматизам“.

– Европа стана жртва на сопствената амбиција да биде морален лидер во свет со нови правила – додаде тој.

Оваа реторика покажува дека моралниот универзализам што ги промовира начелата на меѓународното право и дипломатијата е „морализирање“ во „светот со нови правила“. Новата реалност на Радев подразбира дека заштитата на Украина од руската агресија е „морализирање“. Оваа реторика ја поттикнува колективната реконструкција на идентитетот на младите Бугари, феномен што се забележува и низ цела Европа. Младите генерации се привлечени од романтичарски наративи, тоа им дава чувство дека можат да сменат нешто и дека се водечката сила во светот, перспектива која иднината ќе покаже дали е наивна.

Реалноста покажува дека, сепак, Бугарија, освен што зависи од Русија, зависи и од Европа, и тоа не само економски. Членството во ЕУ помогна да се стабилизираат демократските институции во земјата и да се заштитат граѓанските слободи, целта кон која Радев наводно претендира. Притисокот за усогласување со европското законодавство ги принуди бугарските влади во минатото да спроведат низа реформи. Токму тоа „морализирање“ – условувањето, мониторинг-механизмите, барањата за судска реформа и антикорупциските стандарди – беше надворешна рамка која, иако несовршена, сепак создаде притисок врз домашните елити кон поголема отчетност. Иако економските перформанси на Бугарија се подобрија по приемот, имплементацијата останa нерамномерна, а корупцијата и слабото владеење на правото продолжија да ја гушат земјата, но веројатно ќе беше уште полошо без притисокот од Брисел.

Иднината на Бугарија под водство на Радев ќе зависи многу од тоа кој наратив ќе доминира. Ако Радев успее да конструира дискурс на „суверен реформатор“, а не „проруски популист“, може да соработува со Брисел. Ако, пак, западните партнери успешно му ја залепат етикетата „Орбан“, тоа може да создаде самоисполнувачко пророштво, изолација што ќе го натера да се сврти уште повеќе кон Москва.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот