Радев ја зацврсти позицијата дома — ќе попушти ли во односите со Македонија?
Поранешниот генерал во бугарското воздухопловство и претседател на Бугарија од 2017. до јануари 2026 година, е политичарот што прв го спомена влегувањето на Бугарите во македонскиот Устав како услов за влез на Македонија во ЕУ. Поранешниот претседател Пендаровски во една пригода оцени дека не може да се очекува од оној што го направил проблемот, тој и да го реши
Во Бугарија вчера се одржаа осмите по ред парламентарни избори во период од пет години на кои, според Централната изборна комисија, коалицијата Прогресивна Бугарија предводена од Румен Радев освои 44,69 отсто од гласовите. ПП-ДБ со 13,45 отсто води во трката за второ место пред коалицијата ГЕРБ-СДС на Бојко Борисов, која досега има освоено 13,31 отсто од гласовите. Движењето за права и слободи (ДПС) има 6,08 отсто, Преродба 4,38 отсто, а БСП и уште пет партии, не влегуваат во парламентот.
Препорачано
Според проекциите, блокот на Радев ќе располага со околу 131 пратеник – десет повеќе од потребните 121 за апсолутно мнозинство во 240-члениот парламент.
Со ова, Бугарија за првпат ќе добие стабилно парламентарно мнозинство што гледано од македонски аспект, се смета за важен предуслов за продолжување на разговорите за надминување на спорните прашања кои ја блокираат Македонија на патот кон Европската Унија.
Но, дали победата на Радев навистина би донела некаков исчекор во односите меѓу двете земји? Минатото покажа дека Бугарија и со полиберални политичари не отстапувала од своите цврсти позиции во однос на македонското прашање.
Кој е Румен Радев?
Поранешниот генерал во бугарското воздухопловство и претседател на Бугарија од 2017 г. до јануари 2026 г., е политичарот што прв го спомена влегувањето на Бугарите во македонскиот Устав како услов за влез на Македонија во ЕУ. Имено, на Самитот Европска Унија-Западен Балкан во Брдо кај Крањ во октомври 2021 година, Радев не само што остана на истите позиции со кои поранешната бугарска влада предводена од Бојко Борисов ја блокираше земјава, односно Скопје „да ја признае историската вистина“, туку нагласи и други услови.
Промовирајќи го т.н. „План 5+1“, тој, освен што побара македонските Бугари да бидат еднакво рамноправни со останатите седум народи наведени во Уставот и јасно да бидат наведени во резултатите од пописот, се осврна и на прашањето на краткото име на нашата земја, прашањето на говорот на омраза, на рехабилитацијата на жртвите на комунизмот, на работата на историската комисија, како и на немешањето во внатрешните работи на Бугарија.
„Румен Радев е архитектот на бугарската блокада кон Македонија, кој тврдо ги застапува позициите на бугарскиот национализам од времето на комунизмот“, изјави во интервју за Дојче веле во 2025 година поранешниот македонски претседател Стево Пендаровски.
Пендаровски тогаш оцени дека не може да се очекува од оној што го направил проблемот, тој и да го реши.
Што изјавуваше Радев за Македонија
Според Радев, Бугарија не е таа што ја блокира Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ, туку Македонија се воздржува затоа што сè уште не сака целосно да ги исполни Копенхашките критериуми за членство.
„Веќе три години чекаме Република Северна Македонија да исполни јасно наведен услов што би ја отворил вратата за почеток на преговорите – гарантирање на еднаквоста на Бугарите во земјата со тоа што ќе го вгради во Уставот. Тоа е она што го сакаме. Ние сме конструктивни и добронамерни кон нашите соседи и покрај нивниот постојан агресивен, провокативен, па дури и омразен и навредлив јазик кон нас. Правиме сè што е можно за да се осигуриме дека тие ги исполнуваат критериумите и условите што се прифатени и евидентирани“, истакна Радев по средбата со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ во јули 2025 година.
Во декември истата година, Радев на средбата со претставници на организациите на бугарската заедница во Македонија од градовите Битола, Охрид, Скопје, Прилеп, Кавадарци и Кочани, го повтори ставот дека вклучувањето на Бугарите во Уставот на Република Северна Македонија значително ќе го забрза патот на земјата кон ЕУ.
„Сите се надеваме дека интеграцијата на РСМ ќе се случи што е можно поскоро, но тоа не може да биде на сметка на правата на бугарската заедница во земјата“, нагласи тогаш Радев.
Македонските политички аналитичари оценуваат дека во Бугарија постои консензус дека ниеден бугарски политичар нема да попушта, сметајќи дека пакетот со услови за интеграција на Македонија во ЕУ е помеѓу Скопје и Брисел, а не помеѓу Скопје и Софија.
„Процесите ќе мрднат од место само доколку Македонија ги прифати условите што се поставени на маса. Не треба да се залажуваме дека овој или оној бугарски премиер ќе ја промени позицијата на Бугарија во поглед на Македонија. Затоа треба да ни биде тотално сеедно како ќе завршат изборите и дека Софија ќе добие стабилна влада или не“, изјави претходно за „Слободен печат“ аналитичарот Синиша Пекевски.
Румен Радев во предизборната кампања нагласи дека, доколку победи, фокусот ќе го стави на демонтирање на олигархискиот модел на управување со државата, силна антикорупциска борба и реформи во судството и обвинителството.
„Без демонтирање на олигархискиот модел што ја зазеде Бугарија, сите последователни конфигурации на управување и нивните економски и социјални политики ќе паднат во заробеништво на олигархијата одново и одново и ќе бидат осудени на неуспех“, истакна Румен Радев.
Премиерот Христијан Мицкоски пред изборните резултати во Бугарија, изрази очекување дека нашиот источен сосед ќе добие проевропски ориентиран премиер, насочен кон добрососедските односи, наместо кон билатерални прашања и посветен на темелните европски вредности, кој наместо на билатералните прашања, ќе се посвети, како што рече, на вистинските европски темелни вредности и дека Бугарија како земја членка на ЕУ ќе биде вистински промотор на Копенхашките критериуми, а не на билатерални спорови.
Уставните измени со цел внесување на Бугарите во Уставот, се дел од обврските што Македонија ги презеде во компромисот што беше постигнат околу преговарачката рамка во 2022 година, откако претходно во 2020 Софија стави вето за почеток на преговорите. Македонија одржа прва меѓувладина конференција со Брисел, но за втора и за отворање на кластерите треба да ја вметне бугарската заедница во Преамбулата од Уставот.
Гаши: Стабилна политичка влада во Софија е во наша полза
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска му ја честиташе победата на Румен Радев и изрази надеж дека конечно во Бугарија ќе има стабилна политичка Влада и ќе се затворат отворените прашања меѓу Софија и Скопје.
– Нормално е дека за нас како држава е во полза да имаме стабилна политичка влада во Софија за да можеме да ги затвориме прашањата што се отворени. Знаете дека оваа влада од почетокот има јасна заложба дека европскиот пат е дел од нашата агенда и приоритет. Но, секако, дилемите за кои е веќе јасно кои се, требаше да ги решиме заедно со политичка влада во Бугарија – истакна Гаши.
Прашан околу уставните измени и внесување на Бугарите во Уставот, тој одговори дека Собранието е подготвено и може веднаш да почне со постапката, но нагласи дека е потребен политички договор и гаранција дека нема да има такви прашања во однос на идентитетот во иднина.


