Ѓоко Здравески/Фото/Марија Ѓеоргиева

Што прави денеска: Ѓоко Здравески, поет, писател и есеист

Ѓоко Здравески е македонски поет, преведувач и есеист. Дел е од современата книжевна сцена, притоа е еден од основачите и организатори на „Скопски поетски фестивал“. Работи како професор и лектор по македонски јазик во Париз и ужива во длабочините на читањето, медитацијата и осознавањето на светот во и надвор од себе.

Здравески ни раскажа како изгледа едно негово секојдневие.

Писателот Ѓоко Здравески/Фото/Марија Ѓеоргиева

„Почетокот на денот ми зависи од претходната ноќ. Ноќта ми е мирна и убава за работа, а покрај тоа е одлична да се завршат сите одложени обврски, па често до доцна останувам буден.

Денеска станувам рано затоа што рано ми почнуваат онлајн-часовите. Со студентите ќе учиме за свршените и несвршените глаголи во македонскиот јазик, категорија што во францускиот јазик, како и во многу други јазици, не постои, па барањето примери за да се објасни овој феномен во јазикот ми е многу забавно. Потоа следува часот по конверзација и на крајот превод од француски на македонски. Со студентите од трета година преведуваме една книга за деца за еден слон доктор, доктор Фред, и за неговата пријателка, мравката Коко. Презабавно. Часовите ми завршуваат некаде околу 13 часот, а на умот по преголемата активност му треба смирување. Во најдобрите случаи се повлекувам од пред екранот и седнувам малку да подишам со затворени очи, но најчесто немирот на умот ме повлекува, па останувам пред екранот и читам дел од многуте претходно отворени текстови, гледам видеа или просто „буричкам“ по интернетот. Секако, пријателите се веќе размуабетени по фејсбук-сандачињата, па ме понесува и таа матица.

Писателот Ѓоко Здравески/Фото/Марија Ѓеоргиева

Ручекот е време што го посветувам на блиските. Некогаш знам во тоа време да се најдам кај моите, особено во вакви денови кога часовите ги држам од својата стара детска соба, но најчесто ручекот го поминувам со либето. Динамичен е ручекот и најчесто подразбира гледање некакво кратко видео на Јутјуб, најчесто некакво предавање или некаква сатира, коментирање, раскажување на сè што ни се случило во текот на денот итн.

Потоа, доаѓа меѓупериодот, кој трае до 19 часот. Тогаш секој од нас си прави нешто за себе, најчесто си читаме нешто или едноставно не правиме ништо. Во 19 часот ни почнува часот по јога, кој е повторно онлајн, па бираме кој од нас во која соба ќе вежба. Обично јас вежбам во поладната соба, зашто погодени сме си со либето – таа е зимурлија, јас сум с’клетчија. Часот трае приближно два часа и потоа доаѓа повторно период за слободни активности: гледање филм, цртање, читање, гушкање, а во некои денови за мене е тоа време за превод.

Писателот Ѓоко Здравески/Фото/Марија Ѓеоргиева

И кога денот ќе се приближи до полноќ, многу често го имам истото чувство – мал ми е денот.
Во меѓувреме секој ден наоѓам барем по половина час за еден вид медитација што ја практикувам последниве шест години. Во некои денови е тоа наутро, но во ден како овој, кој бил целосно исполнет, најчесто тоа свое послушание го завршувам некаде пред полноќ. Ноќва ќе си легнам порано, значи некаде околу два.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот