Шокантно признание на ѕвездата на „Игра на тронови“ – бев во секта, проживеав пекол и завршив на психијатрија
Англиската актерка Хана Мареј (36), најпозната по улогата на Гили во „Игра на тронови“, проговорила за морничавото искуство низ кое поминала кога во доцните дваесетти години ја привлекол „велнес култ“.
Препорачано
Мареј сега ја промовира својата автобиографска книга „Измислување: Мемоари за магијата и лудилото“ (The Make-Believe: A Memoir of Magic and Madness). Во книгата зборува за притисоците на кариерата, како и за привлечноста на алтернативните, атипични решенија за проблемите со менталното здравје и стресот.
– Лесно е да се каже: „Мене тоа никогаш нема да ми се случи!“. Но не знаете што може да ви се случи Немав поим дека ќе поминам низ нешто од она за што зборувам во книгата. Не се гледав себеси како таков тип на личност. Јас сум образована, од семејство од средната класа… Мислев: „Јас сум паметна. Донесувам добри одлуки“. Па, донесов ужасни одлуки – изјавила Мареј за „Гардијан“.
Таа додала дека е важно да се разбере зошто луѓето упаѓаат во култови и разни шеми, наместо да ги нарекуваат идиоти и будали. Првично ја привлекла „исцелителката со енергија“ која ја нарекува Грејс, а која ѝ помогнала во 2017 година полесно да го поднесе тешкото снимање на познатиот филм „Детроит“ на оскаровката Кетрин Бигелоу. Таа помош дошла преку „исцелувачка“ сесија за која ѝ наплатила 150 долари. Хана се чувствувала подобро по сесијата. Следниот чекор бил учество во „мистичната работилница“, а потоа следеле и многу други работилници со сè поголемен број членови на организацијата.
– Сакав да одам сè подалеку и подалеку, колку што е можно подалеку – рекла актерката. На крајот, таа го запознала мажот кој бил на врвот на групата, кого го нарекува Стив.
– Никогаш порано не сум видела некој што зрачи со таква моќ. Магична моќ – опишала Мареј.
Во интервјуата, таа нагласува дека како дете била „склона да верува во магија поради нејзината љубов кон серијалот за Хари Потер.
– Најпривлечна беше идејата дека може да се открие еден цел магичен свет веднаш под површината на нашиот свет. Очајно сакав тоа да биде вистина – раскажала Мареј.
– Кога поминував низ психоза, мојот мозок беше коктел од тие приказни и идеите дека сум ја открила вистината, а таа вистина беше дека имав неверојатна судбина. Дека ќе го спасам светот.
Таа додала дека чувствувала чудни сексуални подтонови во организацијата, иако „тие чувства никогаш не биле консумирани“.
– Моето сопствено искуство беше силно еотизирано, без ништо експлицитно физичко. Просторијата беше едноставно полна со енергија. Мислам дека тоа често постои во вакви хиерархиски духовни организации – објаснила таа.
Хана Мареј дури и ѝ предложила на една од учителките дека организацијата е некаков вид „секс-култ“ на чие чело е Стив.
– Таа ми одговори: „Тоа е смешно. Не, тој е едноставно навистина добар во кршењето на вашето его, а притоа може да извлече многу сексуални работи – се присетила Мареј.
Најлошиот момент се случил додека посетувала петдневен курс во еден хотел во Лондон. Зборувала „сто на час“, насекаде гледала знаци и симболи и се чувствувала неверојатно среќно. Една ноќ сфатила дека халуцинира и го слушнала гласот на Стив во својата глава. Се заклучила во бањата и доживеала болна психотична епизода. Тогаш членовите на организацијата ја опколиле бањата и повторувале: „Оди си, зла душо од Хана!“. Некој на крајот повикал помош. Неколку луѓе од хотелското обезбедување морале сосила да ја смират. Таа била итно однесена во психијатриската болница „Гордон“ во Блумсбери, каде што поминала 28 дена против своја волја. Така наложува британскиот Закон за ментално здравје.
По извено време, ѝ било дијагностицирано биполарно нарушување, она што порано се нарекувало манична депресија. Затоа во 2020 година одлучила да се повлече од глумата, и тоа од сите актерски медиуми – од театар до синхронизација.
Мареј, инаку, дипломирала англиска книжевност на Кембриџ и е несомнено талентирана актерка: во кариерата што трае од 2006 година, таа добила голем број награди од струката и публиката. На пример, наградата БАФТА ја доби на самиот почеток за нејзината улога во тинејџерската драмска серија „Скинс“, а исто така била наградена и на филмските фестивали „Трибека“ и „Санденс“.
Хана Мареј сега живее во Лондон, пишува и е активистка за ментално здравје.
– Толку често ја слушам фразата дека мораме повеќе да зборуваме за менталното здравје. Притоа сите мислат на анксиозност и депресија. Со задоволство зборуваме за тоа. Но, кога станува збор за присилно хоспитализирани луѓе, тоа е табу тема. Тие се надвор од границите на она што е прифатливо – изјавила таа во „Гардијан“ објаснувајќи зошто ја напишала книгата.
– Навистина ми беше важно да кажам: „Поминав низ ова“. Многу луѓе поминуваат низ тоа. Ова не значи дека се лоши или засекогаш уништени – додала таа.


