Сензација во Париз, испадна уште еден фаворит на „Ролан Гарос“

Италијанскиот тенисер Лоренцо Сонего обезбеди пласман во четвртото коло на „Ролан Гарос“, откако го совлада седмиот носител на грен слем турнирот Андреј Рубљов со 3:2 во сетови (5:7, 0:6, 6:3, 7:6, 6:3).
Видовме еден неверојатен меч во Париз, а ништо не навестуваше дека Русинот ќе го заврши натпреварувањето веќе во третото коло. Рубљов имаше водство од 2:0 во сетови, но и тоа не му беше доволно за пласман во следната фаза.
Сонего постепено се враќаше во мечот, го освои третиот сет, потоа во тај-брејкот од четвртиот повторно беше подобар од Рубљов. Со брејк во осмиот гем од петтиот сет успеа да стигне на чекор до голема победа која ја потврди во следниот гем и стигна до една од најголемите победи во кариерата.
Италијанецот за пласман во четвртфиналето ќе игра против уште еден Русин Карен Хачанов (11 носител) кој со 6:4, 6:1, 3:6 и 7:6 (5) го елиминираше Танаси Кокинакис од Австралија.
И во женска конкуренција се случи изненадување, третата носителка Џесика Пегула од САД загуби со 2:0 (6:1, 6:3) во Белгијката Елиз Мертенс.
Мертенс во осминафиналето ќе игра против Анастасија Пављученкова која во рускиот дуел со 2:1 (4:6, 6:3, 6:0) ја совлада Анастасија Потапова.
Се одиграа уште два меча, Дарија Касаткина (деветта носителка, Русија) убедливо со 6:0 и 6:1 беше подобра од Американката Пејтон Стирнс, додека втората носителка на турнирот, Белорусинката Арина Сабаленка двапати со 6:2 триумфираше над Русинката Камила Рахимова.