Фото: Freepik

Се задишувате додека се качувате по скали? Еве кога е безопасно, а кога е знак на срцева слабост

Отежнатото дишење при качување по скали, кое нè принудува да застанеме, обично е знак за послаба физичка кондиција. Релативно е често кај лица од сите возрасти и обично не е симптом што би укажал на слаба функција на белите дробови или срцето.

Качувањето по скали бара добра координација, рамнотежа, сила, издржливост и истовремено на добар начин ги ангажира мускулите на долниот дел од телото. Сепак, во некои ситуации, отежнатото качување по скали и силното задишување можат да бидат аларм кој ќе нè упати на лекарски преглед. Експертите советуваат задолжително да се консултираме со лекар ако задишувањето трае подолго од 3 минути и особено ако се јави и болка во градите, пишува „Е-клиника“.

Зошто доаѓа до недостиг на здив при качување по скали?

Кардиолозите напоменуваат дека отежнатото качување придружено со слабост и недостиг на здив може да биде ран знак за срцева слабост – состојба во која срцето не пумпа крв доволно ефикасно и послабо ги снабдува мускулите со кислород. Пациентите со срцева слабост често силно се задишуваат и се заморуваат при напор, а ако болеста не се контролира, тегобите стануваат поизразени, доаѓа до отоци на нозете и недостиг на здив дури и во состојба на мирување.

Сепак, експертите потсетуваат дека недостигот на здив при посилен напор во повеќето случаи е нормална појава. Качувањето по скали е потешко од обичното одење. Доаѓа до физиолошки одговор на телото на напорот; телото мора да исполни повеќе барања и затоа има зголемена потреба за кислород, објаснила д-р Кетрин Полгирс, лекар по семејна и спортска медицина.

– Кога сме задишани минута или две, но потоа лесно го враќаме здивот, нема причина за загриженост, во суштина, на овој начин го зајакнуваме телото – рекол Карл Ериксон од спортската медицина на клиниката „Мејо“.

Кога е потребно да се јавиме на лекар?

Колку долго ќе останете без здив зависи од конкретната ситуација, нормално е повеќе да се задишеме ако трчаме по скали или ако се качуваме носејќи тежок куфер. Сè во голема мера зависи од степенот на физичка подготвеност.

Врвен спортист, речиси нема да почувствува недостиг на здив. Просечна личност која седи во поголемиот дел од денот, ќе се задиши веќе кога ќе стигне до вториот кат, што сепак не значи дека боледува од кардиоваскуларна болест.

Иако задишувањето е главно нормално, следниве ситуации се сигнал за посета на лекар: ако дојде до нагла промена или состојбата со текот на времето се влошува, кога ќе се јави нешто што претходно не сме го забележувале, ако задишувањето трае подолго од 3 минути по активноста, ако е придружено со болка во градите, главоболка или промени во видот.

Освен срцева слабост, причина за отежнато качување по скали можат да бидат и дебелината, хроничните болести на белите дробови, пушењето, па дури и анемијата.

Како да ја подобриме кондицијата?

Секоја личност која е во просечна или слаба физичка форма може да го истренира своето тело. Советот е да почнеме почесто да ги користиме скалите наместо лифтот (освен кај дијагностицирана срцева слабост или ХОББ).

Кога почесто ги користиме скалите, телото се прилагодува, ги зајакнува мускулите и по извесно време лесно ќе се качуваме и до четвртиот кат. Ериксон советува и вежби како искокори и чучнувања, кои помагаат во градењето на издржливоста. На овој начин ќе ја подобрите кардиоваскуларната кондиција и ќе го намалите чувството на замор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот