Се вратија насмевките во Силекс, Борец ги запре „лавовите“ од Ѓорче!

fkrabotnicki.com

Денеска се комплетираше деветтото коло од Првата македонска фудбалска лига, Шкупи освои нови три бода, Силекс по подолга пауза вкуси триумф, а Беласица останува единствената без победа во шампионатот.

Шкупи на стадионот „Младост“ во Струмица славеше минимално 0:1 против Академија Пандев, стрелец на голот беше интернационалецот од Гамбија, Дарбое во 79 минута од средбата.

Во саботата се одигра „дербито“ на лигашката рунда, Вардар на домашен терен беше убедливо поразен од Шкендија (1:5).

Шкендија пукна „петарда“ во дербито против Вардар

Најмногу погодоци имаше во Кратово, екипата на Силекс со 4:3 беше подобра од составот на Работнички. Кратовци после четири мечеви по ред во првенството без триумф, повторно ги израдуваа нивните фанови доаѓајќи до четвртата победа сезонава.

После првото полувреме водеше домаќинот со голот на Ивановски од пенал (29`), зголеми Ристов на стартот од вториот дел (50`), три минути подоцна намалија „романтичарите“ преку Тошески, а потоа и израмнија благодарение на Чумиќ.

Во 78 минута повторно Ивановски прецизно стрелаше од белата точка за 3:2, на ист начин гостите се погрижија за нов егал на натпреварот преку Јевтоски, а конечниот епилог беше поставен во судиското надополнување (Мустафов, 90+4`).

Мируваа мрежите на Градскиот стадион во Гостивар меѓу Ренова и Пелистер, а Борец со 2:1 во Велес го надигра тимот на Македонија ЃП.

Сите три гола беа реализирани во самиот финиш од средбата, Пеев и Ѓорѓиев стрелаа за велешани, а „лавовите“ од Ѓорче Петров (кои пред овој дуел имаа три победи по ред) само го ублажија својот трет пораз сезонава преку во 95 минута со погодокот на бразилскиот интернационалец де Араујо.

На последната пресметка Струга Трим Лум со головите на Лена, Миленковски и Османи триумфираше против Беласица (3:0). Струмичани и натаму остануваат единствените без победа сезонава во 1МФЛ.

Прва лига, 9. коло

Сабота –

Вардар-Шкендија 1:5

Недела –

Академија Пандев-Шкупи 0:1
Борец-Македонија ЃП 2:1
Ренова-Пелистер 0:0
Силекс-Работнички 4:3
Струга Трим Лум-Беласица 3:0

Табела: Шкендија 21 бод, Шкупи 19, Македонија ЃП 16, Борец 15, Силекс 14, Струга Трим Лум 14, Работнички 11, Пелистер 11, Вардар 11, Ренова 7, Академија Пандев 7, Беласица 1.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот