Христијан Мицкоски / Фото: Фејсбук / скриншот

Избрза ли Мицкоски со изјавата за намален ДДВ за горивата?

Регулаторната комисија за енергетика сè уште не соопштува колкави ќе бидат новите цени на бензините и на дизелот. Премиерот Христијан Мицкоски на вчерашната прес-конференција соопшти дека Владата донела одлука за намалува на данокот на додадена вредност од 18 на 10 проценти. Но, дали е запазена процедурата за да може Регулаторната комисија за енергетика да го пресмета помалото ДДВ во крајната цена? Досега сите промени на ДДВ одеа со законски измени.

Мицкоски денес во изјава за медиумите повтори дека е донесена одлука за прогласување кризна состојба во државата, но не појасни дали за намалувањето на ДДВ треба да се менува законот, или во услови на кризна состојба, доволно е Владата да одлучи да го намали.

– Владата вчера донесе одлука за прогласување на кризна состојба, а потоа донесовме одлука и за намалување на данокот на додаден вредност од 18 на 10 проценти. Не сме едни од ретките влади во Европа, можеби има уште една или две влади, кои директно од буџетот го поддржуваат стандардот на граѓаните. Имаме уште неколку чекори, уште неколку мерки, но сме претпазливи. Во овој момент имаме предизвици и ќе ги имаме. Но, електроенергетскиот сектор во државава е стабилен и стабилно е снабдувањето со нафта и со нафтени деривати. Не само што ги задоволуваме потребите на нашите граѓани, туку поради тоа што имаме најниска цена во регионот, многу граѓани од соседството доаѓаат да полнат бензин – рече Мицкоски.

Тој информираше дека очекува разбирање од „Окта“ и за поголемо намалување на цените.

Во Законот за акцизи, пак, е наведено во кои случаи треба да се намали акцизата. Тоа е поврзано со цените на дериватите. Но, иако намалувањето е согласно закон, Владата не го применува, туку, како што вели Мицкоски, „се одлучиле на поробусно намалување“.

– Имаме најниски давачки кон Владата кога станува збор за бензините и дизелот. На пример во Хрватска и во Србија давачките се двојно поголеми. Правевме анализа, имајќи ги предвид цените на берзите за безоловниот бензин 95 и 98 октани и на дизелот, а референтна берза за нас е италијанската, дојдовме до заклучок дека намалувањето за бензините ќе беше 1 денар по литар, а за дизелот ќе беше 2 денари. Затоа одлучивме да имаме поробустна, поголема интервенција и на овој начин се намалуваат цените за 6,5 до 7 денари по литар. Се разбира, состојбата и понатаму ќе ја следиме – рече Мицкоски.

Според него, дневна заштеда на граѓаните од намалениот данок на додадена вредност на горивата е околу 200.000 евра, односно околу 1,5 милиони евра неделно треба да останат кај населението.

Дизелот поскапува за 3,5 денари

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот