СБ: Доколку кризата продолжи во Македонија во сиромаштија би западнале од 55 на 130 илјади граѓани

Во извештајот се наведува дека освен здравствените влијанија, и зголемување на сиромаштијата значително би можела да се намали средната класа во сите земји од Западен Балкан.

Симулациите на Светска банка предвидуваат стапката на сиромаштија да порасне од околу 17 отсто во 2019 до околу 20-23 отсто во 2020 година. Во Македонија поради кризата во сиромаштија би западнале од 55 до 130 илјади граѓани.

Ова се предвидува во белешките кои го разгледуваат влијанието од Ковид-19 врз здравствените системи, сиромаштијата и добросостојбата на домаќинствата, образованието, социјалната заштита, пазарите на труд и управувањето со квалитетот на воздухот во земјите од Западен Балкан.

Тие се дополнение на неодамна објавениот Редовен економски извештај за земјите од Западен Балкан , на Светска банка.

-Комбинираните ефекти на пониските приходи од работа и пониските дознаки како резултат на Ковид-19 веројатно ќе ја зголемат сиромаштијата на нивото од пред 2017 па дури и од пред 2015 година зависно од времетраењето на кризата, стои во белешките…

Според статистиките пред пандемијата, сиромаштијата меѓу работниците во најпогодените сектори изнесувала само 4 проценти, но оваа стапка се проценува да достигне околу 8 до 15 проценти доколку кризата продолжи и втор квартал.

-Влијанието на епидемијата веројатно ќе се разликува низ дистрибуцијата на приходите; приходите ќе паднат за околу 5 до 8 проценти кај оние во најнискиот квинтил и од 7 до 13 проценти или повеќе кај остатокот од населението. Исто така, повеќе од 75 проценти од оние што веројатно ќе паднат во сиромаштија сега не се покриени со ниедна програма за социјална заштита, се вели во белешките.

Покрај нашата држава, се даваат резултати по земји и за Албанија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и во Косово. Симулациите покажуваат дека освен здравствените влијанија, значително би можела да се зголеми сиромаштијата и да се намали средната класа во сите земји.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот