Савески брутално извршува насоки од премиерот, вели Филипче: „Нема друго објаснување за одземањето предмети и за оставката на Ристоска“
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, вечерва изјави дека државниот јавен обвинител Ненад Савески „постапува под директно влијание на премиерот Христијан Мицкоски“, оценувајќи дека станува збор за сериозна партизација на правосудниот систем.
Препорачано
Во интервју за првиот канал на јавниот радиодифузен сервис, Филипче рече дека одлуката на Савески за одземање на надлежности на обвинители за постапување по предмети од други обвинителства, но и, како што рече, последните случувања во Обвинителството, не можат да се објаснат поинаку освен како политички диктат.
„Не можам да сфатам како може обвинителот да извршува така брутално, јавно насоки од премиерот. Нема друго објаснување,“ истакна Филипче.
Тој ја спомена и денешната оставка на обвинителката Ленче Ристоска, оценувајќи дека станува збор за притисок врз професионалци кои работеле на чувствителни случаи.
Ристоска ги водеше предметите наречени „Талир“, наследени од поранешното СЈО, во кои се истражува начинот на кој владејачката партија го стекнала имотот, кој во рамките на истрагите е замрзнат. Откако премиерот Мицкоски, но и медиумите блиски до власта со месеци водеа јавна кампања насочена против Ристоска, а Савески неполна недела по доаѓањето на функцијата ефективно ја отстрани од предметите во кои се истражуваа финансиски злоупотреби од страна на владејачката партија, обвинителката денес соопшти дека се повлекува.
Според Филипче, одземањето предмети и непродолжувањето на мандати на обвинители кои постапувале по случаи поврзани со незаконско финансирање и постапки против полицајци, отвора сериозни сомнежи за селективна правда и заштита на владејачките структури.
Филипче предупреди дека ваквите потези значат враќање на политичко влијание врз судството и обвинителството, потсетувајќи на периоди кога институциите биле под силна контрола на власта. Тој додаде дека партизацијата не е изолиран случај, туку дел од поширок процес на поставување партиски кадри во клучни институции.
Како последица на ваквата состојба, според него, младите сè повеќе ја напуштаат државата, не само поради економски причини, туку и поради недостиг на правичен систем и еднакви можности.
Филипче оцени дека решението лежи во забрзување на евроинтеграциите и поголемо присуство на европските механизми во правосудството, што би придонело за воспоставување вистинска меритократија и владеење на правото.


