Ленче Ристоска нема да ги води предметите за владејачката ВМРО-ДПМНЕ, одлучи новиот републички обвинител Савески
Новиот републички јавен обвинител Ненад Савески одлучил да ги повлече овластувања за обвинителите кои работат на предмети кои не се во нивните матични обвинителства, а меѓу нив се и предметите што ги води обвинителката Ленче Ристоска „Талир 1“ и „Талир 2“, кои таа ги работеше од времето на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) и продолжи да ги води со овластување на тогашниот републички јавен обвинител.
Препорачано
Овие предмети се јавно експонирани и битни затоа што во нив е замрзнато седиштето на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и се однесуваат на незаконското финансирање на партијата во времето кога ја водеше Никола Груевски.
Савески оваа одлука за овластувањата ја соопшти на брифинг со новинарите и ја претстави како одлука за сите предмети што се работеле со овластувања. Тој образложи дека кога дошол, му биле дадени цел куп предмети кои ги работат обвинители со овластувања, односно обвинители постапуваат по предмети од обвинителство во коешто не работат.
Меѓу нив се и предметите кои ги водат и обвинители од поранешното СЈО, а ова за Савески било хаотично и така не можел да има прегледност кој обвинител на кој предмет работи, а предмети со овластувања давале и виши обвинители. Одлуката била веќе донесена и ќе бидела дистрибуирана до обвинителствата.
На новинарско прашање дека ова би можело во јавноста да биде протолкувано како политичка одлука, Савески уверуваше дека неговите одлуки немаат никаква врска со политиката, дека нема да работи по прозивки ниту на премиери, ниту на политички партии, туку сите предмети ќе се работат само со докази.
-Не за Ленче, за сите обвинители ова важи. Јас не фаворизирам ниту еден обвинител – тврдеше Савески.
Еден од главните аргументи за дел од обвинетите за „Талир“ поради кој бараа изземање на Ристоска, беше токму тој, дека не може да го води предметот бидејќи е обвинител со овластување.
Савески ја поддржал одлуката Советот да ја отфрли иницијативата на Ристоска дека премиерот Христијан Мицкоски со јавни навреди ѝ врши притисок, бидејќи според него, интегритетот секој обвинител треба да си го штити сам, иако во Советот има институт кој му овозможува да реагира ако се прави внатрешен или надворешен политички притисок.
Предметите „Талир“ се влечат со години и за дел од обвинетите застареа кривични дела поради измените на Кривичниот законик, но од Обвинителството тврдат дека ќе ги земат во работа други обвинители, едниот од Скопско обвинителство, а другиот од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Предметот „Онклогија“ нема веќе да го работи ниту обвинителката Ана Гоговска – Јакимовска која од скопското обвинителство доби мадат за во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Единствено нема да се повлечат овластувањата за 15-те обвинители кои го водат големиот предмет за кочанската трагедија, поради неговата комплексност и сензитивност, како и за Ресен и за Крива Паланка, каде нема обвинители. Засега обвинението за Кочани нема да се ревидира како што бараа адвокатите на дел од обвинетите, бидејќи нивната иницијатива не може да биде основ ЈО да преоцени обвинение како во фактичка состојба за тоа е потребна промена на фактичка состојба или нов доказ.
Предметите за полицајците обвинети за трагедијата за Кочани ќе ги води обвинителката Спасенка Андонова, откако Ивана Алексова Трајчева, по месеци работа на предметот, не доби нов мандат. Савески е дециден дека негова заложба е сите обвинители да добијат еднаква шанса и никој да не биде „лице на обвинителството“ или „популарен обвинител“, бидејќи „обвинителството е институција, а не само едно лице“, како и дека не сака да ги дисквалификува способностите на ниту еден обвинител.
Ристоска беше во фокусот на јавноста поради јавните прозивки меѓу неа и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, но и меѓу нејзе и премиерот Мицкоски, кој јавно ја нарече „медиокритет“ со „клиентелистичко-политичка матрица“. Ристоска всушност реагираше дека ѝ се врши притисок од лидер на партија, во период кога таа води кривични постапки токму против таа партија. Ристоска беше кандидат за републички јавен обвинител, но премиерот ја дисквалификува веднаш откако пријавите стигнаа во Влада.


