„Талирите“ сè уште го прогонуваат лидерот на ВМРО-ДПМНЕ
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски успеал да ја исчисти партијата од долгови и кредити, но и по една и пол година на власт и жестоки напади против поранешното Специјално јавно обвинителство, „Белата палата“ и другите партиски седишта остануваат „замрзнати“ во предметите „Талир 1“ и „Талир 2“, кои ги води обвинителката на поранешното СЈО Ленче Ристоска и која не се откажува од овие два предмета.
Препорачано
Мицкоски се надева дека „судот чека предметот природно да застари“, но замрзнатиот имот на некогаш најбогатата партија во Европа, кој може да биде и конфискуван, останува да го мачи партискиот лидер и премиер.
Судењата и за двата предмета се влечат со години по судовите, а до крајот на годинава настапува и апсолутна застареност за делото перење пари, за кое се гони владејачката партија. Иако кривичното дело застарува, делата не застаруваат за другите обвинети. Но дури и на сите да им застари, останува отворена можноста да се поведе постапка за конфискација и да се бараат мерки, односно да се бара имотите да останат замрзнати.
ВМРО-ДПМНЕ првпат нема долгови, вели партискиот лидер
Двете судења што неодамна почнаа од почеток, се во тек. На барање на одбраната во „Талир 2“ за незаконското градење на „Белата палата“ одново се изведуваат докази и се канат сведоци и вештаци. Предметот целосно застарува во август 2026 година.
Мицкоски, кој се подготвува за конгресот на партијата, на брифингот со новинарите кажа дека првпат партијата нема долгови, нема изложеност во банки, но го спомена замрзнатиот имот.
– На власт сме година и половина, но имотот сè уште ни е замрзнат. Најверојатно судот чека предметот природно да застари, иако целосно е неправен – рече Мицкоски. Партијата нема доверители, не должи кредити кон банки, но замрзнувањето на имотот го гледа како предизвик, иако смета дека судските предмети се неиздржани.
И на овој брифинг Мицкоски не пропушти да ја спомене обвинителката Ристоска, а процесите се воделе како „пластелин работа, си се моделираат по потреба“.
– На времето, обвинителот Лапе (Љубомир), кој ја менуваше обвинителката Ленче Ристоска, во своите завршни зборови оштетното побарување го намали за пет пати од 600 и 700 милиони денари на 130-150 милиони денари, но иако комплетно е темелено на неосновани факти, ние како партија уште се движиме во таа зона на замрзнат имот. Последно нешто што смислија е можете да го издавате, парите да ги депонирате на посебна сметка. Пластелин работи, ги моделираат по потреба – коментираше Мицкоски.
Европа бара, но Мицкоски не дава да им се зголемат платите на судиите и на обвинителите
Не смее да го продава, може го издава под закуп
На рочиштето што се одржа во октомври, судот донесе одлука имотот да остане замрзнат, односно партијата да не може и да не смее да го продава, но да може да го издава под закуп.
Судијката Даниела Алексовска Стојановска, надлежна за случајот „Талир 2“, ја замени постојната мерка за забрана за закуп, со нова мерка – забрана за располагање со средствата од закупот. Ова значи дека партијата ќе може да го изнајмува имотот под кирија, но не смее да ги користи парите.
Во предметот „Талир 1“, освен на партијата, им се суди на поранешниот премиер Никола Груевски и на сега веќе поранешните високи функционери на партијата, Миле Јанакиески, Кирил Божиновски, Илија Димовски и Леко Ристоски – на сите за незаконско финансирање на партијата.
Одбраната, пак, бараше целосно одмрзнување и располагање на партијата со имотот. Во јуни, Ристоска даде негативно мислење за одмрзнување на „Белата палата“, по што Владата експресно ја поништи предлог-листата на кандидати за судии од Македонија во Европскиот суд за човекови права, без никакво образложение, откако беа претходно селектирани Ристоска, Габриела Гајдова и Јордан Апостолски.
Мицкоски по ова зборуваше дека Ристоска земала многу висока плата како претставник на „Еуроџаст“ на Македонија, а потоа следуваа ниски навреди кон неа и од самата партија.
– Од аспект на мојата плата и платата што јас ја земам, ќе кажам дека се неточни тврдењата на премиерот Мицкоски дека земам повисока плата. Јас, како и сите обвинители од Скопското обвинителство, земам плата што со закон ми е определена и со закон ми следува. И можам да кажам само дека ваквите тврдења што се изнесуваат за мене од страна на премиерот, доведени во корелација со листата што не е пратена во Стразбур, ако се земе фактот дека и одредени провладини медиуми шират клеветнички кампањи, сето тоа во одреден контекст не сметам дека е случајно. А дали постои анимозитет или не, тоа ќе треба да си го прашате претседателот на ВМРО-ДПМНЕ – рече Ристоска.
Ристоска не се кандидираше на вториот конкурс за избор на македонски судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, но остана да ги води судењата против владејачката партија.


