Советот на обвинители на линија со премиерот – Мицкоски не вршел притисок врз Ристоска кога ја нарече „медиокритет“ и дел од „клиентелистичко – политичката матрица“

Советот на јавни обвинители едногласно ја одби иницијативата на јавната обвинителка Ленче Ристоска и со тоа одлучи дека премиерот Христијан Мицкоски не влијаел на нејзината самостојност и со јавни изјави не вршел притисок во нејзиното постапување во предметите „Талир“, во коишто ѝ се суди на ВМРО-ДПМНЕ, со тоа што ја нарече „медиокритет“ и дел од „клиентелистичко – политичката матрица“.

Како што образложи членот Маријана Илиеска, Комисијата утврдила дека изјавите и нападите не се поврзани со конкретни дејства што би ја довеле во прашање самостојноста на обвинителката.

– Отсуство на индивидуализација ја исклучува можноста да се утврди реално и конкретно влијание. Иако овие изјави на премиерот, каде што тој ја нарекува со термините „медиокритет со политичка матрица“, сметаме дека не претставуваат повреда на интегритетот на јавната обвинителка бидејќи не се поврзани со дејства што би ја довеле во прашање самостојноста на нејзиното одлучување – рече таа на седницата.

ВИДЕО | Мицкоски вели дека Македонците веќе не се пронаоѓаат на Западот, тој бил „левичарско-прелиберална“ средина

Во заклучокот, кој Советот едногласно го усвои, беше наведено дека нема надворешно влијание врз нејзината работа ниту, пак, е загрозен нејзиниот професионален интегритет.

Став од премиерот не побарале и не испитале колку обвинители од поранешното Специјално јавно обвинителство зборувале за Кривичниот законик, во контекст на одговорот на премиерот, изјави претседателот на Советот, Башким Бесими.

-Самиот факт дека колешката Ленче во записникот имаше неконкретни ставови и имаше ставови од кога е почнато Специјалното јавно обвинителство па досега, заради тоа ние сметавме дека во конкретниот случај на јавниот обвинител не му е загрозена интегритетот. Премиерот никогаш не го кажал името на Ленче во конкретниот записник и заради тоа сметавме дека нема повреда. Ги проверивме фактите и медиумските објави – рече Бесими.

Всушност образложението на Советот на јавни обвинители е слично на она на Владата, која, откако Ристоска побара извинување од Мицкоски, во одговор на новинарско прашање, кажа дека Мицкоски во интервјуто не ја споменал Ристоска со име и презиме.

-Чудно е како Ленче Ристоска се препозна во тоа интервју – рекоа тогаш од Владата во одговор за „Слободен печат“, но не кажаа на кого мислел премиерот.

Мицкоски во видео интервју за порталот „Вечер.мк“ ја критикуваше Ристоска дека таа била најгласна за новите измени на Кривичниот законик.

– Недостасуваат измените на Кривичниот законик бидејќи некој претходно направил авантура (зборувам за измените на претходната влада) и добро, поднесовме измени до Собранието на Кривичниот законик. Веднаш излегоа поединци, и тоа најгласен коментатор беше еден поранешен припадник на поранешното СЈО, кој вели дека со овие нови измени се намалувале казните (а претходно немаше никакви казни, ама тогаш не ги слушнавме кога оние ги бришеа комплетно од КЗ) и овозможувале да се досудат, внимавајте, значи тие веќе ги осудија луѓево – да се досудат условни казни. Замислете каква им е матрицата на размислување. Пазете, обвинител коментира веќе досудена работа. Бидејќи обвинителот и адвокатот се две спротивставени странки во процесот…

На ова новинарката коментира „Клиентелистичко-политички“, а Мицкоски вели: „Да, и сега јас ја слушам и просто не можам да верувам со каков тип на медиокритети ние имаме работа. Но, во ред, тоа е тоа“.

Реакција на интервјуто имаше Ристоска, која беше децидна дека овие изјави ги доживува како притисок.

-Согласно Правилникот за обезбедување и гарантирање на самостојноста на јавните обвинители, писмено го известив и Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија, укажувајќи дека со ваквиот јавен говор се нарушува мојата самостојност во вршењето на јавнообвинителската функција. Нагласувам дека во моменталните околности, Претседателот на Владата е и претседател и законски застапник на политичката партија која е опфатена во кривични постапки во кои јас постапувам како јавен обвинител, и има јасен правен интерес од нивниот исход. Поради тоа, овие изјави ги доживувам како притисок врз мојата работа и обид да се влијае врз моето постапување и одлучување – реагираше Ристоска.

На седницата присуствуваше и новиот републички јавен обвинител Ненад Савески кој треба да одлучи и дали Ристоска ќе биде изземена од предметите во кои се гони владејачката ВМРО-ДПМНЕ и во кои е замрзната Белата палата и другиот имот на партијата.

Изземање по трет пат бараа обвинетите во „Талир 1“, но став од обвинителството побарала и самата Ристоска со оглед на тоа што таа има поднесено тужба против партијата по навредите и нападите кон неа. Ристоска смета дека постапува објективно и не треба да биде изземена, но сепак се обрати до Републичкото обвинителство.

Савески беше предложен од Владата како еден од четворицата кандидати кои се пријавија на огласот откако претходниот обвинител, Љупчо Коцевски, си даде оставка. Пријава поднесе и обвинителката Ристоска, но иако Советот за јавни обвинители ѝ даде позитивно мислење, Мицкоски ја дисквалификуваше јавно од трката, без никакво образложение.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот