Обвинителката Ристоска бара јавно извинување од Мицкоски откако ја нарече „медиокритет“ со „клиентелистичко – политичка матрица“

Обвинителката Ленче Ристоска која ги води случаите во кои е обвинета владејачката ВМРО-ДПМНЕ бара јавно извинување од премиерот и лидер на партијата Христијан Мицкоски, откако тој во интервју ја нарече „медиокритет“ и ја потврди констатацијата на новинарката Ивона Талеска, која, пак, рече дека Ристоска е дел од „клиентелистичко-политичка матрица“.

-По однос на интервјуто на претседателот на Владата на Република Северна Македонија за порталот vecer.mk, во кое за мене беа изнесени навреди и неосновани професионални дисквалификации, презедов соодветни институционални и лични чекори за заштита на мојата чест, углед и професионална самостојност. Имено, во интервјуто претседателот на Владата изнесува неточни и понижувачки вредносни судови, имплицирајќи дека сум “медиокритет” со “клиентелистичко-политичка матрица”, а дополнително ме поврза и со целосно измислени тврдења за изјави кои не сум ги дала, со очигледна тенденција да се доведе во прашање мојот професионален интегритет. Со цел заштита на мојот личен и професионален углед, од Претседателот на Владата писмено побарав јавно извинување и повлекување на спорните наводи – реагира Ристоска која е и обвинител за врски со Македонија во Единицата за судска соработка на ЕУ, Еуроџаст (Eurojust).

Освен ова, таа го пријавила Мицкоски и во Советот на јавни обвинители и категорична е дека овие изјави ги доживува како притисоци.

-Истовремено, согласно Правилникот за обезбедување и гарантирање на самостојноста на јавните обвинители, писмено го известив и Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија, укажувајќи дека со ваквиот јавен говор се нарушува мојата самостојност во вршењето на јавнообвинителската функција. Нагласувам дека во моменталните околности, Претседателот на Владата е и претседател и законски застапник на политичката партија која е опфатена во кривични постапки во кои јас постапувам како јавен обвинител, и има јасен правен интерес од нивниот исход. Поради тоа, овие изјави ги доживувам како притисок врз мојата работа и обид да се влијае врз моето постапување и одлучување – додава таа.

Европа бара, но Мицкоски не дава да им се зголемат платите на судиите и на обвинителите

Мицкоски во видео интервју за порталот „Вечер.мк“ почнува со критиките за Ристоска дека таа била најгласна за новите измени на Кривичниот законик.

– Недостасуваат измените на Кривичниот законик бидејќи некој претходно направил авантура (зборувам за измените на претходната влада) и добро, поднесовме измени до Собранието на Кривичниот Законик. Веднаш излегоа поединци, и тоа најгласен коментатор беше еден поранешен припадник на поранешното СЈО, кој вели дека со овие нови измени се намалувале казните (а претходно немаше никакви казни, ама тогаш не ги слушнавме кога оние ги бришеа комплетно од КЗ) и овозможувале да се досудат, внимавајте, значи они веќе ги осудија луѓево – да се досудат условни казни. Замислете каква им е матрицата на размислување. Пазете, обвинител коментира веќе досудена работа. Бидејќи обвинителот и адвокатот се две спротиставени странки во процесот…

На ова новинарката коментира „Клиентелистичко-политички“, а Мицкоски вели:  „Да, и сега јас ја слушам и просто не можам да верувам со каков тип на медиокритети ние имаме работа. Но, во ред, тоа е тоа“.

По предлог измените на Кривичниот законик кои ги поднесоа група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, а требаше да ги коригираат скандалозните од 2023, Ристоска изјави дека тие се подеднакво лоши, ако не и полоши од претходните, бидејќи декриминализираат веќе криминализирани поведенија.

Таа изјави дека со овие измени предвидено е да се санкционираат само конкретни дела за јавните набавки и се легализираат злоупотребите во набавките кои се најчести и тоа што се брише одговорноста за министрите и другите службени лица од органите на државна управа.

–Новите предлог-измени на Кривичниот законик се подеднакво лоши ако не и полоши од претходните, бидејќи декриминализираат веќе криминализирани поведенија. Предвидено е да се санкционираат само конкретни дејствија во постапките за јавни набавки, со што сите други повреди се легализираат и се отвора простор за системска неказнивост токму таму каде што злоупотребите се најчести. Уште поалармантно е што со измените на член 353-в се брише одговорноста на службените лица од органите на државната управа, што во пракса значи легализација на повредите кои овие лица ги извршиле. Не гледам како декриминализација на коруптивни поведенија е во насока на заштита на јавниот интерес и борбата против корупцијата – коментираше Ристоска.

Јавниот судир меѓу владејачката ВМРО-ДПМНЕ и Ристоска почна откако Владата без никакво образложение ја поништи предлог листата за кандидати за Стразбур, а Ристоска беше меѓу тројцата кандидати кои влегоа во најтесниот круг. Оттогаш Мицкоски, но и ВМРО-ДПМНЕ на брифинзи и во партиски соопштенија постојано ја навредуваат Ристоска дека земала многу голема плата, дека била „пропадната ѕвезда на СЈО“, дека земала бонуси. Таа на се јавно реагираше и најави тужба за клевета за партијата. Причината зад сите овие напад ги толкува како притисок врз неа откако не даде одобрение да се одмрзне имотот на партијата во судските случаи под кодно име „Талир“ кои уште судат пред Кривичниот суд.

ВИДЕО | Мицкоски вели дека Македонците веќе не се пронаоѓаат на Западот, тој бил „левичарско-прелиберална“ средина

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот