Савески изразува жалење за одлуката на Ристоска – ме извести преку СМС, а причините ги дознав од медиумите
Републичкиот јавен обвинител Ненад Савески преку писмена изјава изрази жалење за одлуката на обвинителката Ленче Ристоска која даде оставка од функцијата јавен обвинител. Тврди дека неговата одлука за отповикување на сите овластувања не е лична и насочена кон работата на Ристоска.
Препорачано
-За ваквиот чин и од неа лично бев известен преку СМС- порака по поднесување на оставката, а за причините за истата дознав од медиумите. Но, она што сакам да го истакнам е дека Јавното обвинителство останува без јавен обвинител од кој очекував дека со своето повеќегодишно драгоцено искуство ќе даде придонес кон зајакнување на капацитетите на оваа институција, особено со нејзината позиција како обвинител за врски со Европравда. Одлуката за отповикување на сите овластувања дадени од моите претходници не е персонална и во никој случај не е насочена кон работата на обвинителката Ристоска. Таа одлука е од организациска природа и нејзината цел е зголемување на ефикасното постапување на Јавното обвинителство. Ја користам оваа прилика да ги повикам сите јавни обвинители заедно и секој поединечно, да не дозволиме ништо да влијае врз нашиот професионален интегритет и секојдневна работа. Воедно, упатувам повик и до сите општествено влијателни субјекти да создадат атмосфера во која угледот на Обвинителството нема да се загрози, бидејќи тоа е во интерес не само на Јавното обвинителство, туку и на сите граѓани коишто ги остваруваат своите индивидуални права и слободи меѓу останатото и преку работата на оваа институција – се вели во писмената изјава на Савески.
Тој уверува дека сите одлуки што ги носи и ќе ги носи се во насока да ја гарантира независноста и самостојноста во работењето на Јавното обвинителство.


