Сандански мета на повеќе атентати (6)

Големиот македонски револуционер Јане Сандански

Сандански бил голем противник на врховизмот и на бугарската завојувачка политика кон Македонија, па многу веројатно се вклучил во заговорот од некои бугарски опозициски партии за отстранување на кнезот Фердинанд од бугарскиот престол. Поради тоа, постојано бил мета на атентати од „софиските македонски херои“, како што ги нарекол вecникот „Камбана“ платените неоврховисти и слуги на големобугарската политика.

Со вооружени чети под негова команда, Јане Сандански се борел во Првата балканска војна на страната на антитурската коалиција. Може да се каже дека, фактички, Јане и неговите соборци биле ставени пред своевиден „свршен чин“ во своето дејствување. Имено, војната се објавила без тие да бидат во позиција што било да направат за да ја спречат, а згора на тоа, се водела со декларирана цел од балканските сојузници за ослободување на христијаните од Македонија. Да се застане наспроти таквата реалност, значело политичка дезориентираност и револуционерно слепило, па затоа Сандански и неговите најблиски соработници се вклучиле во борбите против турските војски. Со тоа само покажале дека се доволно политички зрели и револуционерно доследни во борбата за слобода на македонскиот народ.

Веднаш откако започнале воените дејства, Јане Сандански и неговите борци вршеле диверзантски акции по патните, телефонските и телеграфските комуникации, имале разузнавачки активности, го ослободиле градот Мелник и ја зазеле Рупелската Теснина. Како претходница на бугарската Седма рилска дивизија, неговите чети дејствувале во походот кон Солун. Во веќе ослободениот град, Јане дошол во вербален судир со бугарските офицери поради своите ставови за автономна и независна Македонија. Сепак, нешто подоцна, бугарската влада го ангажирала во „дипломатска мисија“ во Албанија, односно го ангажирала да создаде содејство со албанските чети за борба против српските воено-полициски сили. Мисијата завршила без видлив успех.

По Балканските војни, Сандански, навидум, се повлекол од „политичкиот живот“ и започнал да се занимава со трговија. Во летото 1914 година тој и неговите соборци што учествувале во организацијата на убиството на Сарафов и Гарванов и кои биле осудени на разни казни во Бугарија, биле амнестирани од бугарското Народно собрание. Тој и понатаму бил голем противник на врховизмот и на бугарската завојувачка политика кон Македонија, па многу веројатно се вклучил во заговорот од некои бугарски опозициски партии за отстранување на кнезот Фердинанд од бугарскиот престол. Поради тоа постојано бил мета на атентати од „софиските македонски херои“, како што ги нарекол вecникот „Камбана“ платените неоврховисти и слуги на големобугарската политика.

Треба да се истакне дека морално се проблематизира и вклучувањето на Сандански и на неговите борци во Првата балканска војна на страната на антиосманската коалиција, со тоа што националистичките историографи тој чин го третираат како лицемерен маневар, преземен само Сандански да си го спаси својот морален кредибилитет пред бугарската влада и јавност.

Меѓутоа, се чини дека вистинските причини за убиството на Сандански биле во неговата бескомпромисна борба против бугарското влијание во македонското револуционерно дело. Во овој контекст, како потврда не само за тоа дека политичкото дејствување на Сандански и санданистите и по смртта на Сандански се темелело врз базата на македонска политичка, па дури донекаде и национална самостојност, може да послужи дури и согледувањето на претставникот на Кралството СХС во Бугарија, непосредно по завршувањето на Првата светска војна, кој за групата на „Серчани“ во еден свој официјален извештај запишал дека „тие како и порано, под водство на војводите Паница, Бујнов, Кантарџиев, Стојо Хаџиев и други, немаат за цел остварување на бугарските идеи спрема Македонија. Тие имаат за цел или автономија на Македонија, или конфедерација на балканските држави… Тие не се чувствуваат ниту Срби, ниту Бугари, ниту Грци. Тие се именуваат Македонци-Словени“.

Јане Сандански, Манифест 1908

Манифест на Јане Сандански кон сите народи во Империјата

Академик Љубен Лапе во „Одбрани текстови за историјата на македонскиот народ“, од 1976 година интегрално ѝ го предочува на јавноста овој исклучително важен документ, кој гласи:

Драги сонародници,

Толку долго чеканиот зрак на слободата изгреа. Нашата измачена татковина се прероди. Срамниот апсолутизам е во агонија. Против него стана целиот народ во лицето на сите нации што го составуваат. Револуционерниот повик на нашата братска Младотурска револуционерна организација наиде на радосен одѕив во душата на толку измачениот народ. И народот роб стана господар. Неговата света пресуда е: Смрт на апсолутизмот! Смрт на угнетувачите!

Драги сонародници,

Денешниот момент е голем. Во него ќе се реши големото прашање: да биде или да не биде нашиот народ? Кој ќе биде победник, тоа зависи исклучиво од вас, од вашата волја и готовност да умирате за слободата. И зарем вие, граѓани, што веќе вкусивте од слатките плодови на слободата, ќе се поколебате да ја исполните својата пресуда и да не го закопате злосторничкиот апсолутизам?

Сонародници Турци,

Вие го составувате големото мнозинство од народот, но заедно со тоа вие најмногу ги осетивте сите злосторства на општите непријатели. Во своето турско царство, вие не бевте помалку робје од вашите сотатковци, христијаните. Нашите управници лажеа досега дека христијаните биле ваши непријатели. Сега вие разбирате кои се ваши браќа, а кои ви се непријатели. Вие први излеговте во борбата за слобода и рамноправност. Заедно со вас се сите. Вашиот проглас: „Народите се браќа и како браќа треба да живеат“, ги загреа срцата на христијанското население и го олесни во мачното прашање: по кој пат може да стигне до слободата. Затоа: да живее започнатата борба против тиранијата за да заживее целокупниот народ!

Драги сонародници христијани,

И вие бевте не помалку заблудувани и верувавте дека вашите маки произлегуваат од тиранијата на целиот турски народ. И таа заблуда падна. Сега вие си подавате братски раце и само со тој сојуз вие ќе ја извојувате толку досега саканата и скапо платена слобода. Зацврстувајте го тој сојуз. Да ги закопаме заедно со апсолутизмот и создаваните од него национални самоистребувачки борби.

Сонародници,

Вие, кои дадовте толку скапи жртви пред олтарот на слободата, можете радосно да здивнете. E, пa, вие не сте сами и ете зошто вашата борба станува уште понадежна и полесна. Co општи усилби на сите народности ние ќе ја извојуваме нашата полна слобода. He им се подавајте на престапните агитации, кои можеби ќе се поведат од официјалните власти во Бугарија против нашата заедничка борба со турскиот народ и неговата интелигенција што се стреми кон слобода.

Драги сотатковници,

Ждрепката е веќе фрлена. Враќање назад нема, а и кој од вас би посакал да се врати повторно кон смрдливата атмосфера на неправдата и развратот на бившата тиранија? Да си дадеме сите збор дека ја претпочитаме смртта на светата слобода пред гнасниот јарем на ропскиот живот.

Бодрост, самопожртвуваност и постојана готовност за борба – ете што треба да нè воодушевува во овој голем момент.

Смрт на тиранијата  да живее народот! Да живее слободата! Да живее солидарноста меѓу народите! Да живее големата народна борба! Да живее народот!

Јане Сандански, Солун, 18 јули 1908 година.

(продолжува)

Прочитајте ги и другите делови од фељтонот: Јане Сандански и санданизмот во македонското ослободително дело

ПРВ ДЕЛ: Врховистите ја барале „главата на Сандански“! (1)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот