Убиствата на Гарванов и на Сарафов (3)

Големиот македонски револуционер Јане Сандански

Ќустендилскиот конгрес ставил крај на постоењето на Македонската револуционерна организација (МРО) и ги поставил темелите на идната aвтономистичка Внатрешна македонска револуционерна организација, најчесто позната преку кратенката ВМРО.

Убиството на Иван Гарванов и она на Борис Сарафов, бугарската националистичка историографија го карактеризира како „опасен преседан“ во внатрешните односи на МРО, што, пак, како што пишува во еден свој прилог историчарот Слави Славов, исклучително негативно ќе се почувствува во наредните десетлетија од македонската револуционерна борба. Убиството на Сарафов и на Гарванов, а со тоа и „насилното оттргнување на ВМОРО од основната цел – борба за ослободување на Македонија и Одринско како етапа од обединувањето на Бугарите во една татковина“, се најголемите престапи на Јане. Фактички, како што формулира бугарскиот публицист Стојан Г. Бојаџиев: „Дејноста на Јане го роди националниот сепаратизам, познат како македонизам, којшто и до денес ги дава своите отровни плодови…“

Иван Гарванов

Паради убиствата на Иван Гарванов и Борис Сарафов, на Ќустендилскиот конгрес на десницата во МРО, групирана околу Христо Матов, било донесено решение со кое Сандански и неговите соработници биле прогласени за непријатели на Организацијата. Делегатите на Ќустендилскиот конгрес усвоиле повеќе решенија, а во врска со убиството на Сарафов, Гарванов и Даев била објавена една Декларација, во која се велело: „Откако ги разгледаа фактите за убиството на Гарванов, Сарафов и Даев, а имајќи ги предвид и самопризнанијата и објаснувањата на виновниците, содржани во нивното отворено писмо, Конгресот заклучи дека убиството е мотивирано со стремежот на неговите автори да ѝ се наметнат, со недопустливи средства, на Организацијата. Сакајќи да ги зачува единството и дисциплината во Организацијата и да го искорени системот на самоволијата и заканите во отвореното писмо за нови убиства, Конгресот одлучи потписниците на отвореното писмо, како и физички убијци да се исклучат од редовите на Организацијата и да се сметаат за нејзини непријатели“. Тоа, во практика, значело дека тие треба да бидат ликвидирани. Во секој случај, Ќустендилскиот конгрес ставил крај на постоењето на Македонската револуционерна организација (МРО) и ги поставил темелите на идната aвтономистичка Внатрешна македонска револуционерна организација, најчесто позната преку кратенката ВМРО.

Сандански и Паница

Во конструирањето „предавничка слика“ за Сандански и санданистите, што ќе предизвика чувство на „одвратност“ кон нив, се оди дури и до нивно етикетирање како слуги на големосрбизмот. Така, на пример, Стојан Г. Бојаџиев во својата книга со наслов „Вистинскиот лик на Јане Сандански“, не само што го карактеризира како „братоубиец“, „деспот“ „суров и безмилосен“ револуционер, туку пишува и дека пред убиството на Сарафов и Гарванов, Сандански заедно со своите приврзаници кои биле вклучени во реализација на убиството, тајно се сретнале со претставници на „руската политичка полиција“, а на која средба присуствувал и претставникот на српското разузнавање Михаил Герџиковиќ, кој, наводно, го потврдил решението на „српскиот македонски комитет за извршување на убиство на Б. Сарафов.“

Борис Сарафов

Згора на ова, се тврди дека Герџиковиќ бил „во врска со санданистите уште од 1906 г. и дека со посредство на турскиот амбасадор во Белград се одржала средба меѓу санданистите и српски претставници. Натаму, се тврди дека Тодор Паница, од српската страна односно од српскиот војвода Живко Гвоздиќ ја добил бараната сума на пари за да го изврши убиството. Заклучокот е дециден: „Така, со координирање од руската и српската политичка полиција, санданистите пристапуваат кон убиството на Сарафов и Гарванов“.

Смртоносен удар на бугарската кауза

Значи, што се однесува за убиството на Сарафов и Гарванов, речиси без исклучок, сите бугарски и пробугарско-врховистички „умувања“ се концентрирани, директно или индиректно, да ја докажат тезата дека со убиството на Даев, Сарафов и Гарванов започна како што вели Христо Силјанов „нечуено братоубиство“ кое станало „причина“ со последователните крвави братоубиствени борби, коишто земаат многу жртви и од двете страни во продолжение на неколку десетлетија. Децидно се тврди дека со тоа убиство, во кое „поттикнувач и организатор бил Јане Сандански, а исполнител Тодор Паница“, се нанело најголемото зло на македонското револуционерно движење и „бугарското националноослободително дело“ во Македонија. Весникот „Нов век“ од Софија, веднаш по убиството, прецизно запишал дека „убиството на Б. Сарафов и И. Гарванов, ѝ нанесе смртоносен удар на бугарската кауза во Македонија“. И, секако, директно или индиректно, се сугерира и покажува дека тоа е направено во интерес на српската кауза во Македонија!

Од отвореното писмо на Окружниот комитет на Серскиот револуционерен округ од декември 1907 година

 

Општопознато е дека соседните балкански држави: Србија, Грција и Бугарија, раководени од своите економски и политички интереси, под различни форми се обидуваат да заземат поздрави позиции што ќе да им послужат при евентуалното решавање на македонското прашање. Но, како најсилно заинтересирана во случајот, Бугарија прва почна да го користи (македонското) ослободително дело за своите државни и династички цели. На тој начин таа уште од самиот почеток ја компромитира независноста на Организацијата и предизвика вооружен курс на туѓите национални пропаганди, па земјата постепено се претвори во арена на непрекинати разурнувања и борби, за да го намали значењето на Организацијата и да ја скршне од патот на нејзиниот природен развиток. Бугарија ги употребува сите средства за раздор меѓу дејците во внатрешноста, стремејќи се на таков начин да ја претвори во свое орудие.

(продолжува)

Прочитајте ги и другите делови од фељтонот: Јане Сандански и санданизмот во македонското ослободително дело

ПРВ ДЕЛ: Врховистите ја барале „главата на Сандански“! (1)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот