Забраната за ноќна пловидба на езерата е глупост, треба да се реши дивеењето по плажите, вели активистот Писарев
Владата, на предлог на Министерството за транспорт, донесе Одлука за ограничување на пловидбата на скутерите и чамците на Охридското, Преспанското и на Дојранското Езеро. Додека транспортните власти велат дека мерката е насочена кон заштита на човечки животи и кон намалување на несреќите, активистот Никола Писарев нагласува дека „ова е типично за Македонија, кога не знаеш како да решиш проблем, тогаш стави забрана“.
Препорачано
„Забраната за ноќна пловидба е тешка глупост, скоро сите инциденти на вода кај нас се случиле дење и наместо конечно да се решат пловните патишта, да се решат дивеењето и глисирањето по плажите, ние ќе воведеме забрана што всушност е и спротивна на Законот за внатрешна пловидба, кој убаво објаснува како треба да се плови ноќе и кои правила треба да се почитуваат“, вели Писарев, кој воедно е и долгогодишен рибар и активист во полето на локалниот развој.
Писарев дава неколку предлози за оваа проблематика, кои, како што вели, се согласно нашиот Закон за внатрешна пловидба, како и за меѓународните регулативи за крајбрежна пловидба.
„Прво, сигурносниот клуч (KillSwitch) во чамецот, глисерот или во кабинашот мора да е на раката на управувачот на пловилото секогаш кога моторот е во погон. Второ, треба забрана за глисирање и возење со излезено корито (бразда и бран правило) на 300 метри, а на одредени места и за пловила со над 10 бруто регистарски тони на 500 метри од брегот. Трето, треба редовно алкотестирање – рациите изминатите години во Грција и Хрватска утврдија дека 40 отсто од управувачите на пловила биле позитивни на алкохол, а најголем дел од нив бил ‘дебело’ над дозволените 0,5 промили“, нагласува Писарев.
Понатаму, тој посочува дека сите пловила над 4,5 метри со мотор над 30 коњски сили мора да имаат правилно осветлување, без разлика дали пловат ноќе.
„Исто така, целосна забрана за влез на било какви пловила со моторен погон на јавни и приватни плажи од 1 јуни до 15 септември, освен на места јасно обележани за таа намена, каде што, пак, мора да биде забрането капење. Забрана и за ноќна пловидба за неосветлени чамци најмалку 2 часа пред зајдисонце. Воедно, поседување и проверка на задолжителна опрема – елеци, весла водна котва, факел, падобран ракета, мобилен телефон или радио врска“, посочува тој.
На крајот, како што вели Писарев, на прометните пристаништа и марини треба да се воспостават прецизни влезни и излезни рути за сите пловила, без исклучок.
„Треба и забрана за риболов од пловен објект на влезовите и излезите на марините, како и во самите марини“, констатира тој.
Што предвидува владината забрана?
Мерката за пловидба природните езера на Владата стапува на сила веднаш, а ќе ги опфати клучните месеци од претстојната летна и есенска туристичка сезона.
Според одлуката, пловидбата на скутери ќе биде ограничена во периодот од 1 јули до 31 август 2026 година, секој ден од 11 до 19 часот.
Дополнително, воведени се и временски ограничувања за пловидба на чамци, кои започнуваат да важат од денес.
Односно, во периодот од 3 јуни до 31 август 2026 година чамците нема да смеат да пловат од 21 до 05 часот, практично цела вечер. Во септември забраната ќе важи од 20 до 6 часот, додека во октомври – од 19 до 6 часот.
Транспортните власти најавија „строга менаџирана контрола“ на трите природни езера со цел „доследно спроведување на новите правила“.
„Надлежните служби ќе спроведуваат засилени контроли на терен, а за непочитување на ограничувањата ќе бидат преземени соодветни мерки согласно законските прописи. Апелираме до граѓаните и концесионерите за одговорно однесување во водите“, стои во известувањето на властите.
Воедно, упатуваат апел до сопствениците и управувачите на скутери и чамци да ги почитуваат правилата за пловидба, безбедносните зони и насоките на надлежните органи, со цел, како што велат, безбедно користење на езерата во текот на туристичката сезона.


