„Охрид СОС“ не е надлежна да предлага заштита, велат од Управата за културно наследство откако багер веќе го сруши објектот од 1927 година
Откако во јавноста се проширија реакции, а багер од викендов веќе почна да ја руши уникатната охридска куќа изградена во 1927 година, од Управата за културно наследство се појавија со соопштение дека претпознатливиот објект не поседувал законски статус на заштитено културно наследство, ниту е евидентиран како добро под привремена заштита. Воедно, велат дека иницијативата „Охрид СОС“, која веќе алармираше за проблемот и се обиде да реагира до институциите, не била надлежна да доставува предлози за заштита.
Препорачано
„Управата за заштита на културното наследство (УЗКН) нема законски ингеренции за постапување во однос на издавање согласности, забрани или други управни акти поврзани со интервенции на овој објект. Надлежностите на Управата се однесуваат исклучиво на културни добра кои имаат утврден статус на заштита или се во постапка за заштита, согласно важечката законска регулатива“, соопштуваат од Управата.
Оттаму велат дека до УЗКН не стигнала постапка за да се заштити објектот од надлежната институција – Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид.
„Невладината ‘Охрид СОС’ не е надлежна установа за доставување на предлози за воспоставување на заштита за објекти кои треба да бидат културно наследство. Објектот се наоѓа во контактната зона на Споменична целина Старо градско јадро на Охрид за кој постои утврден режим на заштита. Со оглед на ова НУЗЗСК и музеј – Охрид е надлежна установа која треба да ја следи состојбата на терен“, стои во соопштението.
Од Упавата дополнуваат дека „во време кога дезинформациите брзо се шират преку социјалните мрежи, од особена важност е јавноста да прави разлика помеѓу официјално потврдени информации и објави кои не се поткрепени со документи, факти или институционални извори“.
„Случајот со објектот на улицата ‘Димитар Влахов’ уште еднаш ја отвора потребата од одговорно информирање и проверка на фактите пред во јавноста да се пласираат обвинувања кои можат да доведат до погрешна перцепција и непотребно вознемирување на граѓаните“, стои во соопштението Управата.
Инаку, „Охрид СОС“ уште пред неколку денови со видео реагираше дека на охридската улица „Димитар Влахов“, веднаш до училиштето „Григор Прличев“ – влезе багер. Притоа, бараа институциите веднаш да реагираат и испратија барање за итна привремена заштита.
Според „Охрид СОС“, објектот претставува исклучително вреден пример на еклектична градска архитектура од меѓувоениот период. Куќата содржи уникатни архитектонски и декоративни елементи, кои денес се зачувани во многу мал број не само во Охрид, туку и во државата. Активистите предупредија дека на 28 мај, без претходна најава започнало расчистување на просторот околу куќата и стравуваа дека е вовед во нејзино рушење и изградба на нов станбен објект.


