Врховистите ја барале „главата на Сандански“! (1)

Големиот македонски револуционер Јане Сандански

Бугарскиот врховизам беше исто толку опасен колку и антимакедонските политики што доаѓаа од Србија и од Грција, меѓутоа, за разлика од Јане Сандански, кој таквата опасност јасно ја согледуваше и се бореше против неа, мнозинството од раководителите на МРО тие закани не ги препознавале.

Јане Иванов Сандански-Старикот е роден во селото Влахи, Мелничко, Пирински дел на Македонија, на 18/31 мај 1872. Завршил втор клас прогимназија во Дупница, Бугарија, а потоа се самообразовал. Како младинец бил политички активен меѓу македонската емиграција во градот Дупница. Бил припадник на оружени чети на Врховниот македонски комитет (ВМК), и со нив во 1895 и 1897 г. влегол во Македонија. Во време на второто влегување, во борба со турската војска, во близина на селото Лопово, Мелничко, во 1897 г. бил ранет во левата рака.

Во 1899 г., преку Никола Малешевски, Јане Сандански се запознал со Гоце Делчев и со Ѓорче Петров и станал приврзаник на Тајната македонско-одринска револуционерна организација (ТМОРО). Од тој период започнал да соработува и со Димо Хаџи Димов, кој бил еден од идеолозите на социјалистичката мисла во Македонското револуционерно движење (МРО). Оттогаш, постепено се претворил во еден од главните предводници на онаа струја што колоквијално се нарекува „левица во македонското револуционерно движење“.

 

Јане Сандански

Пушките да останат во Дупница

Уште додека живеел и работел во Дупница, Јане Сандански дошол во судир со претставниците на ВМК од Софија. Имено, заедно со Малешевски, се спротивставиле на намерата на генералот Иван Цончев, одредено количество пушки наменети за МРО, а складирани во Дупница, да се вратат во Софија кај ВМК. Во 1901 г., од Делчев бил испратен за војвода во пограничните региони на Серскиот округ, со задача да агитира во полза на организацијата сред населението и за заштита на организационата територија од навлегување на врховистите. Неговата чeтa преминaлa вo Мaкeдoниja вo апpил 1901 г. и cе зaдpжaлa вo peoнитe истoчнo oд Cтpyмa: гоpнoџyмajcки, рaзлoшки и мeлнички, а како cвoja пoceбнa зaдaчa требало дa гo opгaнизиpa oтпopoт пpoтив вpxoвиcтитe нa caмиoт тepeн. Oттoгaш, пa cè до cмpттa вo 1915 гoдинa, Jaнe Caндaнcки дејствувал како еден од раководителите на МРО во Серско, односно на голем дел од Пиринскиот и источниот Егејски дел на Македонија и caмo повpeмeнo ja нaпyштaл Мaкeдoниja.

Јане Сандански и Александар Бујнов

Уште во времето на своето почетно дејствување како војвода, Сандански непрестано ja иcтaкнyвaл пoтpeбaтa oд caмocтojнocт вo бopбaтa, а упорно ги paзбивaл илyзиитe штo пocтоeлe, зa кaквa и дa e помoш нa мaкeдoнcкoтo ocлoбoдитeлнo дeлo oд Бyгapиja.

 Аферата „Мис Стон“

Јане Сандански бил главен организатор на запленувањето на американската мисионерка Елен Стон. Тоа е една од најзначајните и медиумски најекспонираните епизоди, не само од дејноста на Јане Сандански, туку од сета македонска ослободителна борба во илинденскиот период. Сандански при реализацијата на оваа акција пројавил не само одлични организаторски способности, туку и голема упорност и посветеност за реализација на акцијата. За да се попречи Јане Сандански во намерата да добие откуп за американската мисионерка, ВМК со голема чета во Мелничко го испратила војводата Дончо Златков, кој требало да ги одземе грабнатите жени од Сандански. Меѓутоа, историчарот Манол Пандевски тврди дека, покрај таквата задача, Дончо Златков со врховистичката чета имал и друга задача, односно од него „врховистичкиот центар“ од Софија ја барал „во прв ред, главата на Сандански, и дури потоа мис Стон, но жива и здрава“.

Објава за Мис Стон во весникот Акрон дејли демократ/Фото: October 17, 1901. Akron Daily Democrat (Akron, OH), Image 1. Chronicling America: Historic American Newspapers.

Како своја крајна цел на борбата, левата фракција во МРО, во која Јане Сандански бил меѓу најистакнатите фигури, го поставила барањето за „полна политичка независност на Македонија и Одринско“, без да се предвидува присоединување кон Бугарија, туку создавање некоја форма на балканска или источна федерација во која Македонија ќе биде одделна политичка единица. Концепцијата на Сандански за источна федерација, фактички, претставувала општествено-политичка и економска основа за решавање на македонското прашање, во насока на отворање можности за самоопределување на македонското население и конституирање на Македонија како федерална држава. Истовремено, така конципираната федерација ги неутрализирала надворешните влијанија и го спречувала остварувањето на дележот на територијата на Македонија од страна на Србија, Грција и Бугарија. Во суштина, тоа е основата на македонскиот политички сепаратизам.

Конфликтот помеѓу левицата и десницата

За разлика од неа, десницата во МРО ја задржала целта – „автономија“ на Македонија како етапа кон присоединувањето со Бугарија. Ваквите цели на борбата од левицата и десницата во поилинденскиот период, односно полна „политичка независност на Македонија“ или „автономија“ како етапа за соединување со Бугарија, постепено не само што ќе доведат до целосна поделба на македонското револуционерно движење, туку левицата идејно ќе еволуира од таканаречениот политички сепаратизам до македонска национална самоидентификација.

Врховниот комитет предводен од Борис Сарафов
Врховниот комитет предводен од Борис Сарафов

Бугарскиот врховизам беше исто толку опасен колку и антимакедонските политики што доаѓаа од Србија и од Грција, меѓутоа, за разлика од Јане Сандански, кој таквата опасност јасно ја согледуваше и се бореше против неа, мнозинството од раководителите на МРО тие закани не ги препознавале. Впрочем, тоа е разбирливо ако се земе предвид дека тие биле „службеници на Егзархијата“ и го имале поминато нејзиниот образовен и пропаганден бугарски националистички „третман“.

Од 1902 г. Јане Сандански со својата чета почнал и вооружено да им се спротивставува на четите на ВМК кои навлегувале во Македонија. По горноџумајската востаничка провокација од 23 септември 1902 г., неговиот углед како револуционер, кој се спротивставува на врховизмот, многу пораснал. Поради својата отворена и непоколеблива антиврховистичка позиција, во текот на својот живот и револуционерна дејност бил мета дури на шест врховистички атентати, од кои последниот бил смртоносен.

 (продолжува)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот