„Отровниот македонизам“ на Сандански (2)

Големиот македонски револуционер Јане Сандански

Како и кај Гоце Делчев, така и кај Старикот можеме да препознаеме една силна црта на реализам во борбата. Тоа е оној државотворен гениј што ги согледувал условите за борба и општите услови за конципирање и дефинирање на целите на борбата. Токму поради таквата способност и двајцата биле против предвременото востание во 1903 година.

Јане Сандански-Старикот се противел на решенијата на Солунскиот конгрес од 1903 г. за кревање востание. Кога веќе се случило Илинденското востание, тој го подготвил и го извел таканареченото Крстовденското востание во Серскиот револуционерен округ. Како и кај Гоце Делчев, така и кај Старикот можеме да препознаеме една силна црта на реализам во борбата. Тоа е оној државотворен гениј што ги согледувал условите за борба и општите услови за конципирање и дефинирање на целите на борбата. Токму поради таквата способност и двајцата биле против предвременото востание во 1903 година. Двајцата знаеле дека со оглед на силите на МРО и на османлиската држава и со оглед на неповолните меѓународни услови, востанието е однапред осудено на пропаст. И двајцата разбирале дека едно, во секој поглед, неподготвено востание во Македонија, не само што непотребно ќе го изложи народот на жртви и страдања, туку за подолго време ќе ги затвори перспективите за ослободување. Впрочем, ним им било јасно дека од востанието ќе им користи само големобугарската политика и бугарскиот царски двор. За жал, мнозина македонски раководители не ги прифатиле ваквите согледувања и ставови на Делчев и Сандански, што довело до трагични последици за македонскиот народ во еден подолг период.

Монета за поткусурување

Откако по Илинденското востание старите и новите врховисти постепено успеале да ја преземат Организацијата, македонското ослободително дело се претворило во „монета за поткусурување“ во внатрешната и надворешната политика на бугарските влади и на бугарскиот царски дворец. Организацијата, пак, била претворена во обичен инструмент за реализирање на интересите на бугарските влади и бугарскиот двор.

Впрочем, уште во 1905 г. левицата или „левото санданистичко крило на Организацијата“, како што ја именува Мито Хаџи Василев-Јасмин, сосема јасно ги карактеризирала врховистите како продолжена рака на големобугарската политика во Македонија и ги нотирала разликите во целите. Според тогашните оцени, „врховистите претставуваат полна негација на Внатрешната организација – помеѓу неа и нив има бездна. Пред сè, наспроти целта на Организацијата, автономна Македонија и нејзината девиза ‘Македонија на Македонците’, тие ја поставуваат некаква ‘автономна Македонија’ со прикриена девиза ‘Македонија за Бугарија’. Автономна Македонија се сфаќа од Организацијата како одделен член во федерацијата на другите државички на полуостровот, а врховистите ја сфаќаат како претходна форма кон Санстефанска Бугарија, која е остварлива само за оние што не гледаат подалеку од својот нос“.

Како да се ликвидира Сандански?

Уште во 1906 г. на конгрес на Серскиот округ во Рилскиот манастир било решено да се елиминираат Борис Сарафов, Иван Гарванов и Христо Матов, а одлуката ја поддржале Ѓорче Петров, Пере Тошев и Петар Поп Арсов. Фактички, Сандански и неговите приврзаници од Серскиот револуционерен округ на тој начин го пресретнале и го спречиле врховистичкиот заговор за физичка ликвидација на Јане Сандански.

Иван Гарванов

Имено, врховизираната десница во македонското револуционерно движење, предводена и раководена од Матов, Сарафов и Гарванов, преку драмскиот војвода Михаил Даев се обидела да организира атентат врз Сандански. Во заговорот против Сандански, како непосреден реализатор, бил вклучен и Тодор Паница. Меѓутоа, ваквиот престапнички и непримерен план на раководството на врховизираната десница бил разобличен од самиот Тодор Паница и потоа била донесена смртната пресуда од Серскиот окружен комитет на МРО.

Потписите на смртната пресуда од Серскиот револуционерен округ за Сарафов, Матов и Гарванов

Во декември 1907 г. се појавило писмо во јавноста, со печат на Серскиот окружен комитет и потпишано од членовите: Јане Сандански, Чудомир Кантарџиев, Александар Бујнов и Георги Скрижевски. Писмото, освен што било своевиден посмртен обвинителен акт против Борис Сарафов и Иван Гарванов, како најголеми заговорници на политиката на официјална Бугарија во македонското ослободително движење, претставувало и јавно објавување на стратегиските точки на Сандански и неговите приврзаници за натамошниот развој на македонското национално ослободително дело.

Кој е Тодот Паница?

Јане Сандански и Тодор Паница/Фото: Mary Evans Picture Library / Profimedia

Смртната пресуда за Иван Гарванов и за Борис Сарафов, на 28 ноември 1907 г., во организација и под непосреден надзор на Јане Сандански, била реализирана од Тодор Паница. Инаку, Тодор Паница бил Бугарин по националност, роден во село Орјахово, Бугарија, на 2 јули 1876 г. Тој бил долгогодишен револуционер во редовите на Македонската организација. Во 1902 г. влегол во четата на војводата Никола Пушкаров и дејствувал во Скопско, Кумановско и Кратовско. Во 1904 г. преминал во Серскиот револуционерен округ, каде што се зближил со Јане Сандански, а во 1905 г. станал помошник војвода во Драмската околија.

Паница еден од основачите и член на Народната федеративна партија (НФП). Во Првата балканска војна, како доброволец, со својата чета учествувал во ослободувањето на Неврокопско и Драмско, а во Првата светска војна дејствувал во составот на бугарската армија. По војната станал жител во Неврокоп и како еден од истакнатите претставници на МЕФО одржувал блиски контакти со земјоделската влада на Александар Стамболиски. Бил во судир со Тодоралександровата автономистичка ВМРО. Во 1924 г. емигрирал во Виена, каде што учествувал во преговорите при изработувањето на Мајскиот манифест.

Тодор Паница бил убиен од ванчомихајловистичката ВМРО на 8 мај 1925 г., во Виена. Тој, како и Сандански, од страна на бугарската ревизионистичка историографија е еден од најоцрнуваните личности, па бил прогласуван за корумпиран револуционер, кој од бугарските судови во 1921 г. бил осуден за „незаконско и злосторничко богатење“ во време на Првата светска војна; за револуционер на платниот список на српската тајна полиција и на грчкото воено разузнавање; за активен агент на Коминтерната, по чиј налог водел „антибугарска шпионска и предавничка дејност“.

(продолжува)

Прочитајте го Првиот дел: Врховистите ја барале „главата на Сандански“! (1)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот