Манифестот на Сандански до сите народи во Империјата (5)

Големиот македонски револуционер Јане Сандански

Во победата на Младотурската револуција, Сандански и неговите најблиски соработници гледале последна шанса за извојување на слободата и за зачувување на единството на Македонија. Во јули 1908 година, Сандански изјавил дека и по Младотурската револуција, Србија и Бугарија „ќе останат таму каде што се, а ние тука ќе ја градиме нашата татковина…“

Врв на таа антимладотурска активност од страна на врховистичките кругови биле таканаречените „магарешки атентати“, со кои по налог на бугарската влада се провоцирало избувнувањето на Првата балканска војна, од која, пак, произлегла поделбата на Македонија. Така десницата се јавила како македонска политичка сила што го помагала најтраорниот чин, најстрашната национална катастрофа од долготрајната македонска голгота – делбата на Татковината.

Наспроти десницата, Сандански цврсто застанал на ставот за изградување на Османската Империја како „заеднички дом“ за сите нејзини народности, а десницата продолжила да работи за присоединување на Македонија кон Бугарија! Впрочем, Петко Пенчев во едно свое искажување вели дека лицата што припаѓаат на „десницата“ од ВМОРО од младотурците биле сметани „за агенти на бугарскиот кнез и како неуморни борци за присоединувањето на Македонија кон Бугарија“.

Во секој случај, Сандански и санданистите во време на Младотурската револуција настојувале да се дистанцираат од бугарската политика. Павел Делирадев, кој бил еден од блиските соработници на Сандански, во јули 1908 година одржал јавен говор во Солун на тема: „Сегашниот момент и политиката на Бугарија“. Тој, меѓу другото, рекол дека бугарската државна политика била престапна спрема македонскиот елемент. Бугарија ја експлоатирала силата на комитетот за свои цели, па затоа го кренала востанието од 1902 година, а со цел да ѝ покажела на Европа дека во своите раце има голема сила со која може да игра важна улога во Македонија.

Делирадев уште сведочел: „Јас присуствував во Бугарија на офицерски банкети, каде што сите пијат за Санстефанска Бугарија со еден крал“. Храбро изнел согледување дека „целата крв што била пролеана во Македонија била предизвикана од престапната политика на бугарската влада“. Затоа, завршил Делирадев, „ние треба да направиме сојуз со Турците, но не и со неа. Од Бугарија можеме да очекуваме зло, но полза никогаш“.

Јане Сандански и Александар Бујнов

Историчарот Крсте Битоски посочува дека на говорот на Делирадев му се спротивставил Сребрен Поп Петров, кој се обидел да докаже дека Бугарија не водела престапна политика спрема Македонија и дека Делирадев се лажел ако мислел дека бугарската влада сака да ја присоедини Македонија кон Бугарија.

Сандански и неговите приврзаници, нарекувани и серчани, со прифаќање на легалните форми на борба, само ги промениле методите и средствата, но не и целта – автономен политички статус на Македонија. Впрочем, во општопознатиот „Манифест до сите народности во Империјата“ од 18 јули 1908 година, Сандански и официјално пред целата османлиска и европска јавност ѝ дал поддршка на Младотурската револуција, апелирајќи до сите граѓани да го дадат својот придонес за нејзиното продлабочување и победа. Овој Манифест, во суштина погледнато, повикувал на што е можно порадикална демократизација на Империјата.

Таквото свое застапување Сандански и санданистите го докажале и во практика, во моментите кога султанската контрареволуција од 1909 година се заканувала целосно да ги анулира стекнатите демократски придобивки. Имено, под команда на Сандански се создала респективна вооружена македонска сила за борба со приврзаниците на султанот во Цариград, а при самиот вооружен конфликт овие македонски борци демонстрирале завидна храброст и пожртвуваност.

Федерализам и аграрна реформа

Едноставно кажано, во време на владеењето на младотурците со Отоманската Империја, Сандански и санданистите го темелеле своето политичко дејствување врз две основни идеи: федерализмот и аграрната реформа. Што се однесува за источната федерација, „со своите политички мисли и програмски поставки, Јане Сандански доследно го изградил ‘моделот’ на оваа федерација, за чие остварување искрено се залагал во интерес не само на македонскиот народ, туку и во интерес на сите останати народи“.

Во победата на Младотурската револуција, Сандански и неговите најблиски соработници гледале последна шанса за извојување на слободата и за зачувување на единството на Македонија. Во јули 1908 година, Сандански изјавил дека и по Младотурската револуција, Србија и Бугарија „ќе останат таму каде што се, а ние тука ќе ја градиме нашата татковина…“

Македонски револуционер

Неговото стравување „нашите мили пријатели – Бугарите, Србите и Грците, да не дојдат да нè ослободуваат“, најдобро кажува не само дека била искрена политиката за соработка со младотурците и легалната борба за стекнување на Македонија со статус на автономна провинција во рамките на Отоманската Империја, туку и дека имал јасна визија за темните перспективи на ослободителната борба и на Македонија.

Оттаму, воопшто не зачудува, туку доаѓа како дополнителна потврда за искрените политички намери на Сандански во однос на младотурската акција, искажувањето на подоцнежниот турски министер за надворешни работи Ружди Ариф, кој го запознал Сандански и соработувал со него по 1908 година, вели: „…Го запознав како еден македонски револуционер. Тој имаше, да речеме, социјалистички склоности. Тој ми велеше дека има концепти за уредување и иднина за една Македонија која ќе биде дел од Отоманската Империја. Нашите релации беа полни со срдечност и инспирирани од заемна доверба.“

Ваквиот, би се рекло, кооперативен однос на Сандански кон младотурците траел до 1910 година, од кога самите младотурци презеле низа чекори со кои поголемиот дел од придобивките стекнати од револуцијата биле уништени.

 (продолжува)

Прочитајте ги и другите делови од фељтонот: Јане Сандански и санданизмот во македонското ослободително дело

ПРВ ДЕЛ: Врховистите ја барале „главата на Сандански“! (1)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот