Фото: МИА

Само 10 проценти од Буџетот за 2026 година се за развој

Платите, социјалните трансфери, трансферите до општините и блок дотациите кон нив кои во најголем дел се за плати, заеднички „јадат“ 80 отсто од државната каса, предупредува Фискалниот совет

На расходната страна, 90 проценти од буџетот е наменет за тековни расходи, а само 10 проценти се капитални расходи. Расходите за плати и надоместоци се околу 13 проценти, но ако на платите се додадат и социјалните трансфери и трансферите до единиците на локална самоуправа и блок дотациите кон нив кои во најголем дел се за плати, се доаѓа до речиси 80 проценти расходи по овие основи, анализира Фискалниот совет во Мислењето за Буџетот за 2026 година.

Капиталните расходи се проектирани на 40,5 милијарди денари или 3,6 проценти од БДП, што е значително под нивото предвидено во Буџетот за 2025 година, односно ако се спореди со првично одобрениот буџет за 2025 година, сега капиталните расходи се буџетирани на пониско ниво дури за 20 проценти. Сепак, Фискалниот совет оценува дека ваквата проекција е многу пореална за основен буџет, отколку да има високи проекции на капитални расходи што потоа резултираат со ниска реализација и нивна пренамена во тековни расходи подоцна во годината.

„Со цел да се надмине континуираната ниска реализација на капиталните расходи и да се стремиме кон поголем економски раст и развој, потребно е да се преземат конкретни мерки. Една од мерките што е особено значајна и што Фискалниот совет ја препорачуваше и во претходните мислења е да се формира тело за следење на реализацијата на капиталните расходи и тие да не се пренасочуваат кон тековните расходи. Ниската реализација на капиталните расходи се поврзува и со нискиот капацитет на јавната администрација за реализација на капитални инвестиции“, оценува Фискалниот совет.

Оттаму велат дека при правење на буџетот, особено треба да се внимава во која фаза на проект се капиталните инвестиции што се ставаат во буџетот, односно дали имаат не само идеен, туку и изведбен проект, потребни одобрувања и слично, за да може да се очекува дека во тековната година одреден проект ќе има и реализација. Сето ова треба да се поврза и со системот на јавни набавки, односно Законот за јавни набавки треба да има одредени измени како би се овозможило поедноставно реализирање на капиталните инвестиции.

„Во буџетот да се планираат само оние капитални инвестиции што се во среднорочниот план и кои имаат значителни изгледи за реализација во тековната година. Со ова ќе се овозможи реално буџетирање, препорака што Фискалниот совет во изминатите мислења континуирано ја нагласува што ќе придонесе до подобрена реализација и подобри индикатори за јавниот финансиски менаџмент“, препорачува Фискалниот совет.

Оттаму порачуваат дека иако децентрализацијата треба да се забрза и да се намали зависноста на општините од централниот буџет, треба да се имаат во предвид капацитетите на општините за управување и капитални инвестиции, но и нивната ефикасност при спроведување на јавните услуги, а особено да се стави фокус и на ефикасноста при наплата на локалните даноци и такси. „Јакнењето на капацитетите на ЕЛС долгорочно ќе доведе до нивна поголема децентрализација и намалување на нивната зависност од централниот буџет што е крајна цел на децентрализацијата“, пишува во Мислењето.

Кај социјалните трансфери што збирно бележат раст од 6,7 проценти, најзначајно е да се истакне дека расходите за пензии бележат раст од 9,7 проценти во однос на претходниот буџет, велат од Фискалниот совет.

„Неминовно е потребно да се пристапи кон постепена консолидација на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Имајќи предвид дека постојано расте потребата за трансфер од Буџетот за финансирање на ФПИОМ, треба да се најде соодветно решение за стопирање на растечкиот тренд за дотации од Буџетот до ФПИОМ, кој во моментот е околу 40 проценти“, пишува во мислењето.

Во Буџетот, изненадувачки има намалување на социјалните надоместоци за 15,7 проценти.

„Претходните анализи покажуваа неусогласеност на базите за социјални надоместоци и потребата од нивно ревидирање со цел да има поефикасен и поправеден начин на распределба на социјалните надоместоци и преку исчистување социјални надоместоци по повеќе основи до исти корисници“, објаснуваат од Фискалниот совет.

Буџетот за 2026 година е во собраниска процедура. Вчера беше втор ден од расправата на Комисијата за финансирање и буџет на која се поднесени стотина амандмани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот