Русија концентрира војска за пролетен напад насочен кон Донбас, тврди Киев
Во услови на засилени борбени активности и позиционирање на силите на терен, новите разузнавачки проценки укажуваат дека Москва се подготвува за поширока пролетно-летна офанзива на источниот фронт во Украина. Потегот се толкува како обид на Русија да го врати оперативниот моментум и да изврши дополнителен притисок врз украинската одбрана во клучните региони.
Препорачано
Според украинските разузнавачки извори, фокусот на потенцијалната руска офанзива би била насочена кон југоисточните делови на земјата, каде веќе се забележува концентрација на сили и логистичка подготовка.
Распоредувањето на стратешките резерви, како и најавеното зголемување на бројот на војници за околу 20.000, укажуваат на намера за подолгорочна и поинтензивна воена операција во периодот што следи.

Овие проценки ги изнесе заменик-началникот на украинската воена разузнавачка служба, Вадим Скибицки, во интервју за Фајненшл тајмс, пренесено од украинските медиуми. Според него, руската страна веќе ја активира својата стратешка резерва, што е индикатор за подготовка на нова фаза од конфликтот, пренесува „Украинска правда“.
Според Скибицки и украинското воено разузнавање проценката е дека вкупниот број на руски војници сега изнесува околу 680.000 во регионот. Според него тоа говори дека Русија има намера да го освои целиот Донбас до септември.
Зголемени руски напади врз градовите и инфраструктурата
Според заменик-началникот на украинската воена разузнавачка служба Скибицки руските сили ги засилиле нападите со балистички ракети врз украинските градови во последните недели. Тој посочува дека Русија во моментов произведува околу 60 ракети „Искандер“ месечно и со тоа го проширува својот капацитет за ракетирање на украинските сили.

Во меѓувреме, Украина нема доволно модерни системи за воздушна одбрана, вклучувајќи го и системот „Патриот“, за да ја покрие целата територија на земјата.
Украинскиот разузнавач предупреди дека критичната инфраструктура, особено енергетските објекти кои се тешко оштетени за време на зимските напади, остануваат и понатаму да бидат исклучително ранливи додека Русија продолжува да ги усовршува своите тактики на напад.
„Зголемените напади со ракети и беспилотни летала се дел од пошироките напори на Русија да ја уништи критичната инфраструктура и да го обликува бојното поле пред новата пролетно-летна офанзива“, рече Скибицки.
Тој додаде дека постапките на Москва покажуваат дека нема сериозна намера да влезе во преговори и планира да ја продолжи војната.


