Вакцинација против коронавирусот во Германија
Фото: EPA-EFE/SASCHA STEINBACH

Решена мистеријата: Научниците открија зошто некои вакцини против ковид предизвикаа згрутчувања на крвта

Научниците конечно открија зошто одредени вакцини против болеста ковид-19, што се користеа на почетокот на пандемијата, кај некои пациенти предизвикаа ретка појава на згрутчувања на крвта.

Брзиот развој на вакцините против ковид донесе и поголем ризик од несакани ефекти, а еден од најсериозните е имунолошката тромбоцитопенија и тромбоза предизвикана од вакцината, позната под кратенката ВИТТ (VITT), пишува „ИФЛ саенс“ (iflscience).

Што е ВИТТ и како настанува?

ВИТТ е нарушување што го покренуваат антителата кои ги активираат тромбоцитите, крвните плочки задолжени за згрутчување на крвта.

Кај оваа состојба, антителата по грешка го таргетираат протеинот на тромбоцитите наречен тромбоцитен фактор 4 (ПФ4), што може да доведе до создавање на опасни згрутчувања на крвта. Иако беше познато дека нарушувањето е поврзано со вакцините кои користат аденовирусни вектори, точниот активирач и механизам зад ВИТТ досега не беа целосно јасни.

Клучно откритие на австралиските научници

Тим научници од Универзитетот Флиндерс во Австралија дошле до клучно откритие во својата нова студија. Тие утврдиле дека ВИТТ може да се случи кога личноста има специфична варијанта на генот за антитела, позната како ИГЛВ3-21*02 или *03. Имунолошкиот систем на таквите лица создава антитела против аденовирусните протеини, што објаснува зошто само мал број луѓе се биолошки предиспонирани да го создадат специфичниот вид на имунолошки одговор што може „погрешно да реагира“ и да го активира ВИТТ.

Според зборовите на истражувачите, токму ова е причината за развојот на ова ретко нарушување. Ова откритие, објавено во научни списанија, отвора врата за развој на побезбедни вакцини во иднина.

„Со модифицирање или отстранување на овој специфичен протеин на аденовирусот, идните вакцини можат да ја избегнат оваа исклучително ретка реакција, а истовремено да продолжат да обезбедуваат силна заштита од болеста“, изјавила д-р Џинг Џинг Ванг, истражувачка на Универзитетот Флиндерс.

Таа додала дека новината во нивната работа била употребата на моќно секвенционирање на масена спектрометрија за да се идентификува молекуларната мимикрија помеѓу протеинот на аденовирусниот вектор и таргетираниот протеин ПФ4.

„Тоа беше алката што недостасуваше, а која објаснува како нормалниот имунолошки одговор во многу ретки случаи може да стане штетен“, заклучила таа.

„Брилијантен пример за молекуларна детективска работа“

Професорот по имунологија Џејмс Мекласки од Универзитетот во Мелбурн го нарекол истражувањето „брилијантен пример за молекуларна детективска работа“. Тој додал дека тоа е „кулминација на работата што ја разоткрива генетската и структурната основа за тоа како нормалниот имунолошки одговор на протеин на вирусот води до патоген автоимунитет“.

Со него се согласил и професорот Том Гордон, кој новото истражување објавено во „Њу Ингланд журнал оф медисин“ го опишал како „фасцинантно патување со извонреден меѓународен тим соработници за да се доврши трилогијата публикации и да се реши мистеријата на оваа нова група нарушувања на згрутчувања на крвта, како и потенцијално да се преведат нашите откритија во побезбедни вакцини“.

Сепак, важно е да се напомене дека ова истражување сè уште не докажува со 100 отсто сигурност дека ова е единствениот начин за појавување на ВИТТ.

Исто така, не може целосно да предвиди кој ќе го развие ова нарушување ниту да се објасни зошто тоа се појавува само кај некои поединци, додека мнозинството луѓе немаат таква реакција.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот