-6 C
Скопје

РЕПОРТАЖА Лешница, бисерот на Шар Планина, загрозена од малите хидроцентрали и од несовесните посетители

До пред само неколку години Лешница ја посетуваа само вљубеници во природата, ловџии и дрвосечачи. Потоа ја открија планинарите и велосипедистите, а по проширениот шумски пат денес се почесто доаѓаат излетници и љубопитници, неретко и со возила.

Сместена длабоко во пазувите на планинскиот масив на Шара, алпската долина Лешница до скоро беше богатство видливо и достапно за малкумина. Преполна со бујни и чисти планински реки, бучни водопади, стрмни падини обраснати со столетна густа борова и букова шума и назабени карпести планински врвови, сите посетители ги плени со живописните пејзажи, па сосем добро и прилега прекарот „македонска Швајцарија“.

За да се стигне до Лешница најпрво се одминуваат карактеристичните пејзажи на Шара со широки планински пасишта и врвови од преку 2.000 метри надморска височина. Зад нив, длабоко долу каде шарпланинските надојдени води се всекле во гранитните карпи и каде буквално распукала Шар Планина – на тоа место се создала лешничката долина. Во неа извира реката Пена, која ја хранат повеќе притоки, а сите извираат во подножјето на највисоките шарски врвови – Титов врв, Кривошија, Плат, Среден Камен и се напојуваат од снеговите кои на овие врвови се задржуваат честопати и до почеток на летните месеци.

Добро чуваната тајна на Шара

Водите на лешничките реки создале повеќе водопади, меѓу кои и водопадот на горна Лешница, во подножјето на Титов врв, Кривошијскиот водопад и прочуените Кривошијски кади, систем од огромни вдлабнувања во карпите низ кои паѓаат слапови вода десетици метри удолу.

Кривошијски кади
Кривошијски кади

На Лешница може да и се пријде од страната на Попова Шапка преку планинските предели на Смрека, врвот Плат и Горна Лешница, по шумскиот пат долг 12 километри или од страната на планинското село Бозовце, оддалечено 20-тина километри од Тетово, од каде искачувањето пеш или со коњи трае околу два часа.

Лешница до скоро беше добро чуваната тајна на Шара. До пред неколку години ја посетуваа само вљубеници во природата, ловџии и дрвосечачи бидејќи до неа се патуваше најмалку 2-3 часа или пеш или со теренско возило од Попова Шапка. Потоа ја открија планинарите и велосипедистите, а по проширениот шумски пат денес се почесто доаѓаат излетници и љубопитници, неретко и со возила.

Прочитајте и...  ВИДЕО: Првата дама Ѓоргиевска дел од проектот „Трешн Фешн 2020"

Малите хидроцентрали-смрт за шарпланинските реки

Сликата на Лешница денес е сосема поинаква. Убавината денес е загрозена од прекумерното сечење на шумата, од прекумерната посетеност и од некултурата на поедини посетители, но најмногу од изградбата на неколку мали хидроцентрали, енергетски проекти со мала моќност, но со голема разорност кон кревкиот еко систем на планинската оаза каква што е Лешница. Паралелно со започнатиот процес за прогласување на Шар Планина за национален парк, кој на почетокот на месецов влезе во завршна фаза, со голема брзина се работи и на изградбата на две од трите предвидени мали ХЕЦ токму во срцето на Лешница.

Изградба на мали хидроцентрали на долна Лешница
Изградба на мали хидроцентрали на долна Лешница

Веќе се донесени цевките во кои ќе исчезнат водите на планинските реки, а со тоа и пастрмките, ракчињата и сите други претставници на живиот животински и растителен свет на Лешничка и Кривошијска река.

– Во овие цевки ќе ја погребаат реката која живот значи и за нас и за животните и за растенијата од нашиот крај – вели жител на селото Бозовце, планинарски водич, фотограф и вљубеник во природата, кој замоли да не му го објавиме името бидејќи неговите заложби за спас на Лешница му донеле моќни непријатели, кои му се закануваат дека ќе ја загуби работата.

Тој потсетува на сличните примери, не само на Шар Планина, туку и во други предели во земјава, каде планински реки заробени во километарските цевки оставиле зад себе пустош и засекогаш го смениле ликот на планината.

Прочитајте и...  Судијата Иван Џолев избран за претседател на Судско-медиумскиот совет

Пределот на горна и долна Лешница влегува во предложената карта на идниот национален парк Шар Планина, а во текот на септември Министерството за животна средина организира серија јавни расправи кои треба да резултираат со конечно исцртување на границите на заштитените зони на националниот парк и со тоа треба да се стави крај на непланската и бескрупулозна експлоатација на природните ресурси на една од најубавите планини на Балканот.

 

Според своите карактеристики, Лешница треба да биде едно од подрачјата со строга заштита, но во реалноста таа е една од спорните точки околу кои се кршат копја помеѓу конзерваторите на биодиверзитетот на Шар Планина и бизнисот кој стои зад малите хидроцентрали. Токму поради тоа, на терен, на Лешница во моментов се одвива своевидна трка со времето во која инвеститорите на малите ХЕЦ, кои имаат добиено концесии за нивна изградба, забрзано градат, пред да биде изготвен предлог-законот за прогласување на Шар Планина за национален парк и со тоа конечно да се исцртаат сите линии кои ќе ги разграничат зоните на заштита на оваа планина.

Несовесните посетители си го оставаат ѓубрето на Лешница

И додека камионите и багерите полека го бришат исконскиот мир на Лешница, засекогаш менувајќи ѝ го ликот, нови и се побројни посетители доаѓаат да ѝ се восхитуваат. Дел од нив се затекнати од сликите на разорени речни корита, но и од купиштата отпадоци кои зад себе ги оставаат несовесните посетители.

Колку треба да си прост и некултурен за да направиш депонија во ваква природа?“, прашуваат граѓани на социјалните мрежи каде минатата недела се споделуваа фотографии од отпадоци расфрлани покрај речните брегови на долна Лешница.

На крајот на викендот сепак, откако се стиши жагорот на викендашите, неколкумина жители на оближното село Бозовце дојдоа да го соберат ѓубрето, оставен на Лешница.

Прочитајте и...  Прв грчки брз антигенски тест за Ковид-19

– Се чудам зошто камперите и посетителите си го оставаат ѓубрето тука, како да очекуваат дека комуналците ќе дојдат до Лешница за да им го собираат – вели Сервет Даути, кој заедно со својот пријател Шаин беше дојден да ја чисти Лешница.

„Апелираме до сите што доаѓаат тука, да си го носат ѓубрето со себе“.

Неколкумина жители на Бозовце се организираа да им го соберат ѓубрето на несовесните посетители оставено на Лешница

Шар Планина едно од најзначајните подрачја за зачувување на природата на национално, регионално и европско ниво

Дел од Шар Планина е вклучен во Националната Емералд мрежа, којашто произлегува од обврските на државата за имплементација на Конвенцијата за заштита на дивиот свет и природните живеалишта во Европа (Бернска Конвенција), се вели во дописот на Министерството за животна средина во врска со завршната фаза на прогласувањето на оваа планина за национален парк – подготовката на законот за негово прогласување.

Шар Планина претставува и потенцијално идно Натура 2000 подрачје, се вели натаму во дописот и се додава дека прогласувањето на националниот парк Шар Планина ќе придонесе кон унапредување на имплементација на Aichi целите од Конвенцијата за биолошка разновидност (CBD) и другите конвенции за заштита на природата (Bern, CITES, Bonn, Ramsar и др.), прогрес во исполнување на целите и акциите од Националната стратегија за заштита на природата со Акционен План (2017-2027) и Националната стратегија за биолошка разновидност со Акциски План за период (2018-2023), прогрес во имплементација на ЕУ директивите за живеалишта и птици, унапредување на прекугранична соработка во областа на заштита на природата со Косово и Албанија, развој на екотуризмот и локалната економија и др.

Поврзани вести

Иако доцна, сепак МЗ ја објави статистиката: Регистрирани 336 нови случаи, починаа 32 лица

Слободен печат

Изостана денешната ковид- статистика

Слободен печат

ВИДЕО | Трамп: Не се борам за себе, туку за 74 милиони луѓе кои гласаа за мене

Слободен печат

Опозицијата ја бара дневната статистика на заболени од ковид-19

Слободен печат

ВИДЕО: Отворено едно од најголемите лизгалишта во Европа

Слободен печат

Уште еден град во Србија прогласи вонредна состојба

Слободен печат

Остави Коментар