Српски државјани евакуирани од аеродромот во Дубаи - Извор, србијатајмс инфо

Регионален аларм поради Иран: Балканските земји ги празнат амбасадите и ги враќаат луѓето дома

Земјите од Балканот започнаа со евакуација на персоналот од своите амбасади на Блискиот Исток и организизираат чартер-летови за враќање на своите граѓани, по драматичната ескалација на конфликтот со Иран. Паралелно, дел од државите од регионот донесоа одлука и за повлекување на свои војници од мировните мисии во регионот, како превентивна мерка поради влошената безбедносна состојба.

Србија: Авион со 200 патници слета во Белград

Имено, авион од Дубаи со 200 српски државјани слета денес во Белград, откако летовите меѓу Обединетите Арапски Емирати и Србија беа суспендирани поради тензиите на Блискиот Исток, пишува Данас.

Аеродромот во Дубаи објави дека првиот лет од Обединетите Арапски Емирати до Србија, по суспензијата на воздушниот сообраќај, полетал вчера околу 23:30 часот по централноевропско време. Авионот бил „Боинг 737 МАКС 8“, со капацитет од 162 до 200 патници, управуван од авиокомпанијата „Флајдубаи“.

Во меѓувреме, авиокомпанијата „Емирати“ соопшти дека постепено го обновува сообраќајот со реализација на ограничен број  летови.

„Приоритет им се дава на патниците со претходни резервации, а оние кои се прераспределени на овие ограничени летови ќе бидат контактирани директно од компанијата“, се наведува во соопштението.

Компанијата ги повика патниците да не доаѓаат на аеродромот освен ако не бидат однапред известени, додавајќи дека сите други летови остануваат суспендирани до понатамошно известување.

Летовите беа откажани поради американско-израелската воена кампања започната во саботата против Иран, во која загинаа неколку високи ирански функционери. Како одговор, Техеран возврати со напади со беспилотни летала и ракети врз Израел, како и врз неколку земји во регионот каде што се наоѓаат американски воени објекти.

Словенија со чартер-летови враќа свои граѓани дома

Словенија организира чартер-летови за репатријација на своите граѓани. Првиот специјален авион што ги превезува словенечките државјани заглавени на Блискиот Исток, поради прекинот на летовите по американско-израелската воена операција против Иран, треба да полета од Оман денес кон Словенија, јавуваат регионалните медиуми.

Владата во Љубљана во понеделник соопшти дека организирала чартер-летови до Љубљана за враќање на словенечките граѓани од Обединетите Арапски Емирати.

Војната на Блискиот Исток предизвика сериозни нарушувања во воздушниот сообраќај. Авиокомпаниите откажаа повеќе од 2.000 летови, а многу патници останаа заглавени на аеродромите, особено на клучните транзитни точки во Доха и Дубаи. Враќањето во Словенија ќе се одвива организирано и постепено, во согласност со безбедносната проценка, при што семејствата со деца ќе имаат приоритет, пишува порталот Словенија Тајмс.

Хрватска ги повлекува војниците од Ирак и од Либан

Во исто време хрватскиот претседател Зоран Милановиќ нареди повлекување на хрватските војници од Ирак и од Либан.

„Воената интервенција без мандат на Обединетите нации, на каква што сме сведоци денес во Иран, нема да придонесе за решавање на кризата, туку ќе предизвика дополнителна ескалација и долгорочна нестабилност“, изјави Милановиќ, пренесува Феникс.хр.

Тој нагласи дека секоја еднострана примена на воена сила што го нарушува меѓународното право претставува сериозна закана за глобалниот мир и безбедност.

Според него, очигледната намера на интервенцијата е промена на власта во Иран, што може да има сериозни и долгорочни последици за Европа, вклучително и за Хрватска.

„Со причина треба да бидеме загрижени поради опасноста од економска штета, пораст на цените на нафтата и нафтените деривати, нов бран миграција и можни терористички закани“, рече Милановиќ.

Тој истакна дека Хрватска мора пред сè да ги земе предвид интересите и безбедноста на своите граѓани, особено бидејќи станува збор за конфликт што не го предизвикала.

Како мерка на претпазливост, Милановиќ донесе одлука за повлекување на седум хрватски војници од Ирак и еден војник од Либан, со цел да се гарантира нивната безбедност во услови на зголемена регионална нестабилност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот