Фото: Eljay/Flickr/CCnull.de/ Ralph/Pixexid

Рецепти за 3 вкусни појадоци готови за 5 минути

Ако сте останале без идеи за појадок, вистински појадок, а не нешто од фурна на пат кон работа, ви даваме три брзи рецепти за првиот оброк во денот поради кој со задоволство ќе станувате од креветот.

Заедничко за овие појадоци е тоа што се готови за само 5 минути, а се здрави и заситувачки, па сигурно ќе ве држат сити до ручек. Без разлика дали ќе изберете солено или слатко, течно или крцкаво – зависи од вас.

1. Тост со авокадо и јајце

Тост со авокадо и поширано јајце е најпопуларниот појадок бидејќи е многу вкусен, а најдобро е што можете сами да го подготвите многу лесно. Притоа воопшто не мора да се заморувате со поширањето – еднакво вкусно ќе биде и јајцето на око или меко варено.

Некој добар интегрален леб со семки или цели зрна ќе го направат и тостот поинтересен. Авокадото треба да е зрело, но не презрело, а за зелениот намаз ќе ви треба само виљушка и малку зачини. Тостот можете да го збогатите со тенко парче домат, чаден лосос или пршута.

Фото: Pixabay

Состојки:

– ¼ авокадо
– ¼ лажичка мелен бибер
– ⅛ лажичка лук во прав
– 1 парче леб од цело зрно, препечен или тостиран
– 1 големо јајце, печено или поширано
– сок од 1 лимета

Подготовка:

Авокадото, биберот, лукот во прав и сокот од лимета ставете ги во помал сад и нежно изгмечете ги со виљушка.
Јајцето пропржете го или сварете го, по потреба исечете го.
Препечете го лебот, намачкајте го со намазот од авокадо и одозгора ставете го јајцето.

2. Овесна каша со јаболка и цимет

Овој појадок не само што е лесен и готов за помалку од 5 минути, туку воопшто не мора да го подготвувате наутро. Овесната каша подгответе ја навечер, без готвење, а наутро ќе треба само да ја промешате, да ја засладите и да ја изедете.

Ќе ви даде доволно енергија за сите дневни предизвици, а има вкус на колач. За малку крцкавост и сладост, додајте една лажица од омилената гранола, а за помалку слатка варијанта само измешајте ореви. Подготвената каша со јаболка и цимет можете да ја чувате во фрижидер 2 до 3 дена, па овој вкусен појадок можете да го јадете неколку денови.

Фото: Pickpik

Состојки:

– ½ чаша овесни снегулки
– ½ шолја бадемово млеко
– 1 јаболко, исечено на коцки
– малку сок од лимон
– ⅛ лажичка цимет
– 1 лажица крупно дробени ореви или гранола
– 1 лажичка мед (или по вкус)

Подготовка:

Ставете ги овесните снегулки во стаклен сад и прелијте ги со млеко.
Сечканото јаболко посипете го со малку сок од лимон, посипете со цимет и додајте го во садот со кашата.
Оставете во фрижидер преку ноќ.
Наутро посипете со јаткасти плодови или гранола и засладете со малку мед.

3. Смути од боровинки

Смутито од боровинки е супер хранлив и многу вкусен појадок или ужина што ќе им се допадне на сите што не сакаат класичен појадок, но затоа сакаат – сладолед. Тајната состојка сигурно ќе ве изненади – замрзнат карфиол! Нема да го почувствувате, но на вашето смути ќе му додаде повеќе витамини и ќе му даде прекрасна кремаста текстура.

И овошјето и зачините, секако, можете да ги менувате по сопствен вкус. Експериментирајте со млад спанаќ, грчки јогурт, семе од чија, мелени бадеми или свежо овошје.

Фото: Freerangestock

 

Состојки:

– 1 ½ шолја замрзнати боровинки или мешано шумско овошје
– 1¼ шолја бадемово млеко, плус повеќе по потреба
– 1 шолја парчиња карфиол, замрзнати
– 1 банана, замрзната
– 2 лажици путер од кикиритки
– 1 лажица мед
– 1 лажица свеж сок од лимон
– парче свеж ѓумбир, по желба

Подготовка:

Во блендер ставете ги боровинките, бадемовото млеко, карфиолот, бананата, путерот од кикиритки, медот, сокот од лимон и ѓумбирот и матете додека смутито не стане кремасто. По потреба додајте уште млеко.
Послужете во чаша или сад и уживајте.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот