Разговор со Тоше Ончев: Верувам во мене дека можам, задоволен од игрите со Тримо Требње

ончев тоше
Тоше Ончев има засега многу добра сезона во дресот на Тримо Требње/Фото: instagram.com/oncev17

Тоше Ончев (25) македонски ракометар кој настапува во најсилното словенечко првенство сезонава остварува многу добри игри во дресот на Тримо Требње, со кој има договор на три години. За овој клуб оваа зима потпиша и Милан Лазаревски.

Нашиот лев бек, може да игра и како плејмејкер, изминатиот период беше прогласен за играч на 17 коло во шампионатот на Словенија, со 10 голови беше најзаслужен за триумфот на неговиот клуб против Марибор (30:24).

Роден во Велес, со почетоци во школата на Никола Бисинов, беше дел од Вардар, Пелистер, Работнички, играјќи за француските клубови Вернуј и Вернон, а во Грција го носеше дресот на Фаикас Керкира.

Беше во поширокиот список кај селекторот Кирил Лазаров за претстојниот квалификациски двомеч против Романија, но не се најде и во пократката листа на играчи на кои ќе се смета во трката за пласман на следниот Мундијал 2023.

Кои беа твоите почетоци во ракометот, што беше причината да бидеш дел од овој спорт?

– Почнав да тренирам од моите 7 години во Велес. За моите почетоци криви се мојот брат, исто така и мојот татко.

Моментно ги браниш боите на Тримо Требње, колку си задоволен од игрите и сметаш ли дека има простор за напредок?

– Моментно сум во Тримо Требње, сега за сега сум задоволен од моите игри оваа сезона. Секако, секогаш има време и простор за напредување.

Фото: instagram.com/oncev17

Се најде во поширокиот список на ракометари во репрезентацијата против Романија, но не и во пократкиот. Веруваш ли дека доколку ја добиеш шансата, можеш со своите игри да помогнеш кога тоа ќе биде потребно?

– Секако, јас секогаш верувам во мене дека можам. Но, пак ќе кажам селекторот е тука да одлучува кој ќе игра за националниот дрес.

Имаш меѓународно искуство, во што ја гледаш разликата помеѓу македонската лига и странските, од аспект на тренинзите, организациски?

– Па вака, секоја година македонската лига е сè појака и појака и многу се вложува. Што се однесува за во странство, секогаш и во секој миг мора да е професионално. Мислам дека во македонската лига недостасува тоа да биде на секое поле професионално.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by RK Trimo Trebnje (@trimotrebnje)

Која е твојата најголема поддршка на патот кон успесите?

– Мојата најголема поддршка се мојата сопруга и мојот син Матеј и секако мојата фамилија.

Според тебе што треба да го краси спортистот, како една порака за младите?

– За секој спортист без разлика на годините мора целосно да биде посветен на тоа што го работи доколку сака да успее.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот