Разговор со Софија Стојановска од „Клуб за читање книги“: Останете љубопитни, критични и желни за нови книги

Клуб за читање книги/Ристо Пејовски
Клуб за читање книги/Ристо Пејовски

„Клубот за читање книги“ (Book club) e место во кое ќе се споделуваат впечатоци и книжевни дискусии, место кое ќе носи нова енергија за младите и ќе го охрабри нивниот ум да размислува слободно.

Денеска разговараме со Софија Стојановска, дел од клубот и од организацијата „Младите можат“.

Како почнавте да ја развивате идејата за „Клуб за читање книги“?

– Клубот беше иницијатива на членовите, но и идеја која тимот на „Младите можат“ одамна имаше желба да ја имплементира. Преку клубот сакаме да поттикнеме младите што читаат книги да бидат позитивно критички настроени, односно да ги поттикнеме да дискутираат за книгата, идеалите зад неа, да знаат да кажат што е тоа што го извлекле тие од книгата, но и како книгата влијаела врз нив. А, за мене лично е можност на еден поинаков начин да ги поттикнам младите да бидат активни и да влијаат во општеството.

Ни ја споменавте организацијата „Младите можат“.  Како е поврзана приказната меѓу организацијата и клубот?

– „Младите можат“ е организација што постои за да им овозможи на младите луѓе да станат активни, независни, способни и решителни граѓани кои веруваат дека можат самостојно или здружено да учествуваат и да влијаат во позитивните промени и развојот во општеството. Критичкото и самостојно размислување е нешто на што ги учиме младите во сите програми и основа за старт на каква било младинска иницијатива, па така е и основа на „Клубот на читатели“.  Клубот е нешто за што се зборуваше одамна, но оваа година конечно и се оствари. Иницијативата дојде од самите членови на еден состанок каде што дискутиравме за тоа какви активности преферираат во „Младите можат“. Имајќи на ум дека и други млади ни спомнале дека би се приклучиле на група на читатели, веднаш почнавме да размислуваме како да го овозможиме тоа.

Клуб за читање книги/Ристо Пејовски
Клуб за читање книги/Ристо Пејовски

Книгите се ретка можност за споделување светови – кој е вашиот омилен книжевен свет?

– Иако клубот на читатели е насочен кон романи и фиктивни приказни, сепак, моите омилени книги се најчесто оние што ни посочуваат директни факти и преку реални примери/приказни споделуваат информации со читателите. Од романите, преферирам да читам историски приказни базирани на вистински настани или приказни за политички уредувања и општествени случувања, кои имаат реална можност да влијаат на човештвото и светот во кој живееме.

Но, не би рекла дека имам омилен книжевен свет. Човек сум кој сака да истражува нови работи и секогаш сум отворена за нови искуства, па тоа се пресликува и на моето читање. Поради тоа, често бирам книги кои не се во мојот вообичаен домен/интерес и ми се предизвик за читање, и во најголем дел од случаите завршувам со ново искуство и нова омилена книга.

Размената на книжевни искуства во современиот „инстант живот“ е реткост – што значи за вас читањето?

– Читањето за мене е нешто што ме опушта, ме приземјува и ме тера да застанам и да здивнам од секојдневната рутина, но од друга страна по читањето на добра книга јас сум мотивирана да работам повеќе кон позитивни промени во себе, но и во светот во кој живеам. Додека клубот на читатели за мене е едно поинакво искуство, поврзување, разговор и размена на идеи, кои во вообичаен разговор не би излегле. Поинаков начин на социјализација со луѓето со кои имам сличен интерес и поврзување со нив на едно поинакво ниво. Место каде што иако доаѓаш со истата книга што си ја читал како и другите, сепак, завршуваш со разговор во кој увидуваш мал милион различни мислења и видувања за книгата.

Клуб за читање книги/Ристо Пејовски
Клуб за читање книги/Ристо Пејовски

Која е пораката до читачите и книгољупците од вашиот клуб?

– Останете љубопитни, критични и желни за нови книги како што сте и сега, тие работи ме мотивираат мене да го развиваме овој клуб и да овозможиме вакви искуства за што е можно повеќе млади.

Прочитајте ги и останатите разговори со членовите на клубот:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот