Разговор со Катерина Стевовска од „Клуб за читање книги“: Читајте и учете, бидејќи знаењето дава слобода

Катерина Стевовска/Bookclub/Ристо Пејовски
Фото: Ристо Пејовски

Клубот за читање книги (Book club) e место во кое ќе се споделуваат впечатоци и книжевни дискусии, место што ќе носи нова енергија за младите и ќе го развива нивниот умствен капацитет, затоа што младите можат и умеат!

Неколку ентузијастки, другарки и девојки кои го сакаат пишаниот збор, периодов се собираат и го оформуваат „Клубот за читање книги“ (Book club), идеја која потекнува, пред сѐ, од желбата за читање, споделување на прочитаното и  негување на љубовта кон книгите. Овој мотив за спојување и споделување на различните светови кои книгата ги отвора е иницијално поттикнат од организацијата „Младите можат“.

По повод оваа убава идеја, ги прашавме девојките што значи сево ова за нив, а тие со задоволство ни одговорија. Прва ни одговори Катерина Стевовска, која освен што е страствен читач и јазичар, работи и како новинар.

Катерина Стевовска
Катерина Стевовска / Фото: Ристо Пејовски

Што претставува клубот и како дојдовте до идејата?

– Клубот како идеја се роди на едно од заедничките кафе-пиења со Софија. Често зборувавме за тоа колку сакаме да читаме, но дека сѐ помалку имаме време за оваа убава активност. Па, си рековме: „А, зошто да не си дадеме задача да прочитаме барем една книга во месецот, а потоа да ја дискутираме со други луѓе коишто, исто така, сакаат да читаат?“

И така, заедно со останатите членови од организацијата „Младите можат“, го оформивме читачкиот клуб којшто полека прераснува во нешто на што сме многу горди.

За мене лично, клубот претставува „катче“ каде што се водат прекрасни дискусии, не само за самите книги, туку и за животот – општо.

Книгите се ретка можност за споделување светови – кој е вашиот омилен книжевен свет? (Книга, стил, правец, јазик)

– Колку и да звучи клише, сѐ зависи од тоа како сум расположена. Читам речиси сѐ – од мистерии како оние на Карлос Руиз Зафон, па сѐ до магичниот реализам на Харуки Мураками. Сепак, бидејќи имам излезено од студентските клупи на Филолошкиот факултет, имам посебна љубов и кон класиците.

Во последно време претпочитам нефиктивни книги, па може да кажам дека „Фактологија“ од Ханс Рослинг е книга што ми ја одбележа 2021 година.

Но, дефинитивно, книгите на Фредрик Бакман ми беа најслатко откритие годинава и „Човекот по име Уве“ ми е омилена книга којашто ја прочитав заедно со девојките од клубот.

Катерина Стевовска/Bookclub/Ристо Пејовски
Фото: Ристо Пејовски

Размената на книжевни искуства во современиот инстант живот е реткост – што значи за вас читањето?

– Читањето е дел од мојот идентитет откако знам за себе, а за љубовта кон книгите во голема мера е „виновна“ мајка ми. Отсекогаш сум сакала да нурнувам во фиктивни светови, а тоа ми помагало да осознаам некои работи за самата себеси, за мојата реалност. Читањето ми помага да бидам покреативна во секојдневието, но и да бидам поемпатична кон другите луѓе и нивните животни приказни.

Која е пораката до читачите и книгољупците од вашиот клуб?

– Покрај тоа што читањето може да биде многу забавно, секогаш е убаво да се научи нешто ново од секоја книга што се чита. Затоа – читајте и учете, бидејќи знаењето дава слобода.

Или, како што рекол Максим Горки – „Продолжете да читате книги, но не заборавајте; книгата е само книга. Треба да научите да оформувате свое мислење.“

А, за забавниот дел ќе се погрижиме ние доколку станете дел од нашиот клуб – сите се добредојдени на дружба и топло чоколадо.

Разговор со Михаела Стевковска од „Клуб за читање книги“: Читањето е проширување видици – „кул“ е да си млад човек кој чита

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот