Разговор со Кокан Ајановски за реакциите на коронавирусот: И во време на коронавирусот, никогаш немало повеќе тркачи на Кејот

Познатиот тркач на долги патеки вели дека по почетниот шок, рекреативците и спортистите сега повеќе од било кога го користат Кејот на Вардар откако се покажа дека нема ништо поздраво од физичка активност. Што се однесува до натпреварувачката сезона, таа во голем дел остана нереализирана

Тркачот на долги патеки Кокан Ајановски (38) е еден од најпознатите македонски атлетичари и препознатлив лик во спортското живеење во Скопје и во Македонија. Со својот заразен ентузијазам за трчање, инспирира многумина да спортуваат.

Скопјани најчесто го гледаат на Кејот на Вардар како трча или води тренинг. Повеќе од 20 пати бил македонски атлетски шампион во различни дисциплини, а има и повеќе од 30 настапи за репрезентацијата на Македонија.

Ја претставувал Македонија на многу балкански, европски и светски натпреварувања, а беше дел и од првите европски олимписки игри.
Кризата со коронавирусот го погоди и него како и многу други спортисти.

– Оваа наметната криза се разбира дека ме погоди и мене. Она што е за утеха е дека не сум само јас, туку сите сме дел од ова. Јас сум пред се љубител на спортови во надворешни услови, па деновите кога не смеевме да трчаме надвор ми беа најтешки.

Но сепак, јас сум спортувал најразлични спортови пред да започнам да трчам и во деновите кога бевме затворени, вежбав во домашни услови. Во вакви околности одлучив да одморам малку, а сега веќе продолжив со редовно трчање и подготовки за евентуалните трки кои би следувале во вториот дел од годината. Главниот фокус овој период ми беше да си го продолжам мојот начин на живот и да не дозволам наметнатиот страв да завладее со мене – вели Ајановски. Сепак реалност е дека кризата го погоди овој спорт во Македонија.

Требаше да биде одлична година

– Според мене 2020 требаше да биде одлична година за македонската атлетика. Имавме планирано многу нови проекти кои за жал останаа нереализирани. Мислам дека другите колективни спортови многу повеќе ќе бидат погодени споредено со атлетиката, но наше е да продолжиме да работиме за поубава иднина во овој спорт – вели Кокан. Според него, кризата предизвикана од коронавирусот, покрај негативните очигледни страни, нема да донесе ништо позитивно.

– Мојот став е дека корист од оваа организирана криза нема да има никој, особено ќе бидат погодени уличните трки, полумаратони и маратони кои имаат навистина масовен број на учесници. Ние што сме учесници на овие трки пред се тоа го правиме заради себенадминување, дружење, позитивна енергија, патувања…Уште сега, многу ни недостигаат овие моменти – вели Ајановски. Скопјани сега како да му пркосат на коронавирусот по почетниот шок. Според Кокан, сега на Кејот има повеќе тркачи и рекреативци од порано.

– Не се сложувам дека бројот е намален. Можеби така беше на почетокот кога луѓето беа преплашени и мислеа дека подобро е да не трча, но откако повторно се покажа дека нема ништо поздраво од физичка активност, бројот на скопјани на Кејот на Вардар никогаш не бил поголем. Среќен сум заради тоа и посакувам тој раст да продолжи и во годините кои следуваат,а и убеден сум дека ќе биде така – вели тркачот. Неговата Најки-школа за трчање, сепак, мораше да се адаптира на условите.

Нема групни тренинзи

– За жал моравме да ги откажеме групните тренинзи кои непрекинато ги организираме веќе 6 години. Истото се случи и со трките на 5 км кои исто така непрекинато ги организираме веќе речиси 6 години (приближно 100 трки). Се надеваме дека овие наши активности ќе продолжат во скоро време и покрај нив, ние ќе продолжиме и со се останато што правиме, како што се едукации за трчање и мотивација во спортот,учество на домашни и на меѓународни трки, тим билдинг активности, промовирање на трчањето… А во меѓувреме сите наши членови редовно трчаат и се во одлична форма– вели Ајановски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот