Разговор со Јошко Миленкоски: ПАОК супериорно го освои Купот на Грција – ЕП 2023 во Македонија е извонредна можност за афирмација
Не се сомневам дека Европското првенство 2023 ќе биде организирано на највисоко ниво од страна на ОФМ и сите ќе ги почувствуваат придобивките од една ваква голема манифестација – вели Миленкоски.
Македонскиот тренер Јошко Миленкоски оваа сезона постигнува успеси со грчкиот одбојкарски клуб ПАОК со кој има шанси да се закити со двојната круна.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Најпрвин се закити со пехарот во Купот на Грција во чија завршница триумфираше над двата фаворити со ист резултат 3:1 против Панатинаикос и Олимпијакос.
Во средата во плеј-офот од грчката одбојкарска лига играчите на ПАОК со 3:0 во полуфиналната фаза го елиминираа составот на Панатинаикос, па исто како и во Купот, противник во финалната битка ќе им биде Олимпијакос.
Според Миленкоски овие успеси на неговиот клуб предизвикаа голем еуфорија и верните навивачи кои сигурно ќе ја даваат неопходната поддршка на патот ПАОК да дојде до нова круна.
– Купот на Грција е еден голем спортски настан, со голема традиција и публицитет. Особено оваа година грчката федерација се обиде да го организира на највисоко ниво поради фактот што во него учествуваат четирите, во моментов најдобри грчки екипи ПАОК, Олимпијакос, Панатинаикос и Милонас. Фаворити, впрочем како и секоја година беа двата Атински клуба Олимпијакос и Панатинаикос, но бидејки куп напреварите се секогаш полни со изненадувања, јас и мојот ПАОК се потрудивме да го потврдиме тоа. Го освоивме на супериорен начин победувајки ги двата најголеми грчки клуба и со тоа ја потврдивме нашата врвна форма во моментов. А фактот дека во вториот дел од сезоната редиме убедливи победи сам зборува за тоа. Исто така, во полуфиналниот натпревар од плеј-офот во 3 натпревари го елиминиравме големиот ривал Панатинаикос и се пласиравме во големото финалето во кое ќе игравме против Олимпијакос. Нашите успеси оваа година предизвикаа огромна еуфорија во Солун и армијата симпатизери ни дава огромна поддршка, која нема да изостане ниту во финалето. Ќе се потрудиме да одиграме на највисоко ниво, да ги оправдаме очекувањата на сите во клубот и ако може да приредиме уште еден сензационален резултат.
Годинава Македонија заедно со Италија, Бугарија и Израел ќе го организираат Европското првенство во сениорска конкуренција од 28 август до 16 септември. Нашата селекција е во групата „Ц“ заедно со Црна Гора, Полска, Холандија, Чешка и Данска.

– Европското првенство во одбојка што ќе се одржи во Македонија, Италија, Бугарија и Израел е еден од најголемите настани во нашата спортска историја. Особено за нашиот спорт тоа е од непроценливо значење, поради фактот што е извонредна можност за афирмација. Од непроценливо значење е учеството на ова првенство на две репрезентации кои се рангот на најголемите во историјата, светските и олимписките шампиони од блиското минато Полска и Холандија, а покрај нив е и репрезентацијата со висок рејтинг, Чешка. Од друга страна, присуството на Црна Гора и Данска во нашата група дава посебен белег на ова ЕП, особено што ни дава можност за добар резултат и евентуален премин во вториот круг, што би бил еден извонреден и историски резултат. Не се сомневам дека првенството ќе биде организирано на највисоко ниво од страна на Одбојкарската федерација на Македонија и сите ќе ги почувствуваат придобивките од една ваква голема манифестација како што е Европското првенство.
Навивајте за Македонија: Пуштени во продажба билетите за Европското првенство во одбојка


